Zaminuvanjeto na Iznogud
Zaminuvanjeto na Iznogud
BorisVM Дарко Митревски - Пораз Заминувањето на Изногуд Деновиве тој седи осамен во својата палата, ослушнувајќи ја смеата - таа излегува од грлата на неговите некогашни поданици и се шири по земјата што до пред малку беше негов калифат. Смеата е заразна, бучна, анархична, му ги боде ушите и му го распорува мозокот... Знае тој многу добро: таму каде што има смеа, нема страв, а кај што нема страв - таму Изногуд не вирее! Неговиот практичен и среброљубив ум го опоменува дека треба што поскоро да си ги спакува ковчезите со благо и тивко да си замине - жив, здрав и бескрајно богат. Но, малиот тиранин во него не му дава мир: луѓето се смеат извикувајќи го неговото име..., а тој не сака да биде исмеван! Сите негови измами, сета негова подлост, сите сплетки и завери, сите лажни ветувања, сите туѓи солзи и идеалите што ги прокоцка, и домовите што ги опожари, и гробовите што ги посеа, и луѓето со кои си се поигра, и татковината што ја разори, и себеси што се уништи - сиот тој изоден пат и беше посветен само на една единствена цел: никој повеќе да не се насмее гледајќи во неговото розово лице прошарано со ситни очиња. Никој да не му се смее, да го исмева, да се клибери... Никогаш повеќе! Со години беше уверен дека ја има покорено и оковано смеата (и навистина таа долго не се слушаше по улиците на неговиот калифат, исполнет со кабадахиското гроктање на неговите сатрапи), но ете, деновиве пак му се оттргна од контрола - луѓето се келебечат како нездрави... како улави... како слободни! Неговата Геновева гувее осамена во своите царски одаи. Ги нема дворските дами, елегантните кавалири, омилените Распутјини, леките ноти на балските тралалајки, високите потпетици што толку вешто ја криеја трагата на родната Припиздина... Ништо повеќе нема! Само ѕидното огледало и одразот на злобниот лик во него. Горчливите солзи ја слеваат шминката и го откриваат нејзиното вистинско лице. Полноќта одамна помина и време е наконтената Пепелашка да се претвори во тиква. Тој стои покрај прозорецот и оттаму ги набљудува стаорците што бегаат. Изногуд ја презира човечката доблест и, доколку ова предавство не беше насочено против него, тој дури и ќе уживаше во комичната глетка - стаорците бегаат, обидувајќи се да се скријат и да се маскираат среде веселата толпа, додека опашките предавнички им ѕиркаат низ ногавиците. По градовите што до неодамна ги владееше, сега нема ниту еден од неговите уличари. Исчезна некаде неговата весела менажерија, се загубија раскезените чобани, исчезнаа неговите верни слуги, неговите забавни паликуќи, самопрогласени чувари на нацијата, бахати апаши и арамии, изроди и одроди, самоволни јатаганџии, нервозни пиштолџии, бесни загари, криминалци, наркодилери, силеџии, гадови, убијци... Ниту трага од хероите што до вчера беа подготвени да загинат за неговиот лик и дело! Неговата палата ја чуваат платеници, поткупени со украденото злато. Кога ќе го снема златото, ќе ги снема и платениците. Изногуд тивко мрмори и пцуе, се убедува себеси дека ова не е крај, туку само полувреме, дека неговото време повторно ќе дојде, дека тој повторно ќе исплива при првата бура, при првата криза, при првото безредие што самиот ќе го поттикне... Можеби е и во право. Можеби еден ден луѓето ќе заборават на неговото волчјо лице и повторно ќе го видат запакуван во јагнешка кожа. Можеби некогаш некаде некој повторно ќе му поверува. Можеби вечниот талог на општеството вечно ќе го носи во срцата. Можеби. Но денес тој се пакува и таа вест е доволна причина за да бидат радосни човечките срца. Неговиот верен Гонзо смешно парадира пред телевизиските камери, нервозно извикувајќи "држжте го крадецот!", следен од чета инквизитори храбро јуриша врз празните печатници, неколку збунети работници и две-три теткици со метли. Многумина веруваат дека ова е последниот чин од последното шоу на Изногудовиот мал кловн, пред да ја замени полициската униформа со пругаста затворска кецела..., иако, како што тргнал, многу е поверојатно дека ќе изгине од ударите на метлите откако на теткиците ќе им пукне филмот! Додека трае последното шоу, Изногуд се пакува. На дното на куферот завршуваат пиџамите соткаени од младешки сништа, потоа волшебните опинци од седум милји, големите сакоа со вештачки раменици и огромен турбан со вештачка интелигенција... На крајот доаѓаат ордените што не стигна да си ги додели, сопствената биста што не ја постави, неговата автобиографија исполнета со празни страници... Тој тажно ја гали својата генералска униформа, стресувајќи се од помислата на она студентско гуњче од кое избега... "Роузбад!" - прошепотува тој. Светлата се гасат во калифската палата, носејќи му самрак на малиот везир, кој посака да биде калиф на местото на калифот. Надвор станува се побучно. И посветло. Луѓето излегуваат на улиците и ги прават првите невешти чекори по земјата што Изногуд ни ја остави: опустошена, опљачкана, запалена, измрцварена, обесчестена, разграбена, поплукана, осакатена, понижена, огадена, уништена..., но конечно од него ослободена наша татковина! (Авторот е режисер) Tekstot e objaven vo Dnevnik na 21 Septemvri 2002 po povod zagubata na Ljubcho Georgievski na izborite.