Sakam da kazham Goran Mihajlovski
Sakam da kazham Goran Mihajlovski
BorisVM САКАМ ДА КАЖАМ - Горан Михајловски Хемиска физика Кастро го изгуби Љубчо, ама Џијанг Цемин си го доби назад Бранко 1 Веселата дружина продолжува со шоу програмата. Љубчо, Љубе и Амди, а богами и Марјан Ѓорчев, конечно влегоа во 21 век. Од физика преминаа на хемија. И измислија хемиски состав на хартија што самата си гласа против ВМРО-ДПМНЕ. Љубчо го нема да се јави. Љубе држи прес - конференции. Ѓорчев и рипа на претседателката на ДИК. А Амди Бајрам изјавува дека не бил во здравствена состојба. Има нешто во приказната за хемиската анализа. Оти, вакво однесување е можно само под дејство на хемија. Без оглед дали се работи за апче за смирување, или апче за развеселување. 2 Бидејќи е на поправен испит, Бранко е се уште на физика. По победата видовме дека неговите пацифисти се распукаа од сите видови лесно оружје од оваа страна на Вардар. Во исто време, миротворците на Ахмети пукаа од другата страна на Вардар. Бидејќи забавата заврши, сега Бранко треба да ни докаже дека навистина не му било до власт, туку до тоа како ќе му живеат децата. За почеток - да направи нова жетва на оружјето. Без разлика дали од оваа, или од онаа страна на Вардар. А потоа, да ни покаже како во Македонија ќе владее правото. Тоа што мисли да прави ревизија на работењето на претходната власт, да апси ако треба и да открива големи криминалци - нека си прави. Ама додека не видам како во оваа држава полицијата казнува за погрешно паркирање, па макар згрешил и самиот тој - следува казна по 4 години. 3 Да не сте го виделе случајно Андов? Може е зафатен. Ги вади лавчињата од регистарските таблички. Си доби 5 пратеници и му е гајле. Каков што си е незаменлив, како Sинго, ништо чудно идната недела да го чуеме како дава изјава дека тој намерно влегол во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, за да го зезне Љубчо и да му помогне на Бранко. Та, нели, на Зоран Крстевски му беше срам што седи во иста влада со Љубчо. Па сега чека Андов да го отсрами. Којзнае и Чашуле какви нови демократски хоризонти ќе открие додека се враќа од Њујорк дома. Па, зар тој не беше во СКМ, уште во времето кога ја пробиваше демократијата во државата? Зар по сукцесија, тој нема една од најстарите книшки на СДСМ? Па и во таа партија има некаков збор со демократски предзнак. 4 Петар Гошев на последниот митинг на коалицијата "За Македонија заедно" велеше дека само Љубчо Георгиевски и Фидел Кастро држат говори подолги од два часа. Три дена подоцна, Гошев победнички изјави дека Фидел Кастро го изгубил Љубчо. Заборави да каже дека Бранко му се врати на Џијанг Цемин. 5 Американскиот амбасадор Ричард Батлер вели дека кога тој би бил Црвенковски, ДУИ би му била партнер во Владата. Ова е изјавено кога лидерот на ДУИ Али Ахмети се уште се наоѓа на црниот список на САД, на кој се наоѓаат лица кои го спонзорираат тероризмот. Е сега Бранко треба да му одговори: "Кога јас би бил Буш, би си го избрал за партнер Осама бин Ладен". Мир во земјата, мир во светот. 6 На крајот од оваа недела би сакал да упатам и една порака до победниците. Во текот на само неколку дена, било лично, било преку посредници добив повеќе телефонски јавувања од СДСМ и ЛДП отколку во цела измината година од ВМРО-ДПМНЕ и ДПА. Те не им се допаѓал насловот, те не била добро избрана фотографијата, те сме претерале на насловната страница, те сме требало да почекаме уште некоја недела... Почитувани победници, Сите глупости што ги правеше минатата влада ги вадевме на насловната страница на ВЕСТ. Некои од нив ви беа инспирација за вашите предизборни говори. Да се надеваме дека вие ќе бидете подобри како што ветивте, ама верувајте дека и за вашите глупости ќе има место на нашата насловна страница. Изминативе три-четири дена доволно одговарав на телефонските повици на разни партиски функционерчиња што се занесуваат дека со полтронство ќе фатат приклучок во новата владина администрација. Од понеделник, нека не се јавуваат. Не дигам телефон. Ако вие немате попаметна работа - ние си имаме. Tekstot e objaven vo Vest na 21 Septemvri 2002.
BorisVM Џиковото Не Бранко пуши, ама не вовлекува 1 Тоа хемијата чуда прави. Не биле само хартијата од гласачките ливчиња и мастилото од пенкалата со чуден хемиски состав. Еве, и "лавовите" на Љубе се однесуваат според правилата на хемијата. Час ги има, час ги нема. По претепувањето на колегата Зоран Божиновски од Куманово, оној портпарол на МВР, што понекогаш мислам дека е клониран Љубе, изјави дека "лав" со име и презиме Горан Трајковски - Тајто, какво што посочи натепаниот новинар, не постои. По три дена, "лавот" со прекар Тајто се појави. Е сега од хемија, преминуваме на физика. Оти, тој навистина бил "лавот" што го бркаше кумановската полиција и не можеше да го фати, ама во времето кога го тепале новинарот во Куманово, бил на стража во Стенковец. Тоа веќе ги надминува и законите на физиката оти едно тело не може во исто време да биде на две места. Затоа велат дека за специјалците на Љубе не важат никакви закони. Тие можат да бидат ем во Куманово ем во Стенковец. Да возат коли ем без регистарски таблички ем со бугарски таблички. Да бидат ем припадници на МВР ем полиција да не може да ги фати. Да бидат ем полицајци ем со богато криминално досие. Спијте мирно, граѓани на Македонија. Тајто чува стража. 2 Додека Тајто чува стража, Марјан Ѓорчев чува плажа. Во исто време кога ВМРО-ДПМНЕ водеше кампања за политичка изолација на Али Ахмети и на неговата партија, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ во кампањата "Биди земјоделец" ги вклучуваше роднините на идните пратеници на ДУИ. Па така, на плажата во Струга им додели 3 хектари земјиште да си садат пченка. Министерот Ѓорчев се пожали дека "не вози точак" за да знае кое земјиште е градежно, а кое земјоделско. Плус, сакал да го заштити земјиштето на крајбрежјето од дивоградби. А тоа што потпишал договор за закуп со член на поранешната ОНА, било оти тој не навлегувал во семејните врски на земјоделците. Познато е дека министерот Ѓорчев не ги познава многу семејните врски. Тој не знаеше ни дека таткото на неговата сопруга гради куќа во Трпејца, а камоли дека оној со пченката од Радолишта имал брат што е кандидат за пратеник на ДУИ. Познато е и дека сака да стави ред со узурпацијата на брегот на Охридското Езеро и дивоградбите. Во центарот на Струга не може да се гради, а во Националниот парк Галичица - може. Затоа, кога Ѓорчев нема да биде министер или ако, не дај боже, Љубе му го земе потпретседателското место во партијата, тој ќе биде чувар на плажа во зимскиот период. Така ќе му се оствари желбата да вози и велосипед. А таму каде што не може да стигне со велосипед како, на пример, на осамените плажи околу Трпејца, ќе го земе на заем кајчето од дедо му. 3 Хашката обвинителка Карла дел Понте побарала од македонскиот државен обвинител Ставре Џиков Судот за воени злосторства да ги преземе сите случаи во Македонија што се врзани со минатогодишната војна. Џиков не се согласил. Тој на Карла и рекол дека "во Македонија и Обвинителството и судството нормално работат". На што, веројатно, Карла се насмеала. Ние би се изнасмеале, ама бројката од 40 нерешени случаи на напади врз новинари и ТВ-екипи некако не ни дава смеењето да ни биде слатко. Во секој случај, Ставре Џиков конечно рече: "Не!" И тоа, по се изгледа, станува збор за историско "Не!". Оти, тоа е прво "Не" на државниот јавен обвинител во животот. Му здодеа во Македонија постојано да клима со главата и да вика "Да!". Чекаше да замине во странство за да му олесни. Во Хаг го нема Љубчо, ја нема Доста, го нема Љубе... Сам Џиков со неговата почитувана колешка Карла, во една сосема поинаква атмосфера од онаа дома. Таа му бара, а тој не дава. Замислете, дури и дијалог воделе. Кога можел сиромашкиот Ставре да си замисли во Скопје да води дијалог. Или, не дај боже, да каже "Не!"? 4 Откако се појавија фалсификат дипломи на економисти, сега се очекуваат и фалсификат дипломи на лекари. Фалсификат економистите успешно се снаоѓаат во фалсификат економијата. Арно ама, професорите од Медицинскиот и на Фармацевтскиот факултет побараа дипломите што се нострифицираат да бидат проверени со дополнителни тестирања. Тестирањата можат да се изведуваат врз министерот за образование Ненад Новковски. Тој рече дека дипломите биле само парче хартија и остаток од социјализмот. За да докажат лекарите дека не се со фалсификувани дипломи, ќе мораат на пациентот Новковски да му пронајдат остаток од чипот што го вртеше на собраниската говорница уште пред неколку години. 5 Поранешниот претседател на САД Бил Клинтон, кога медиумите открија дека како студент пушел марихуана, призна: "Пушев, ама не вовлекував!" Лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски, на прашањето на новинарите дали ќе коалицира со Али Ахмети одговара дека ќе прави коалиција со ДУИ, ама за Али Ахмети и за командантите на ОНА нема место во неговата влада. Значи, Бранко ќе пуши, ама нема да вовлекува.