Банките во трка побргу да се продадат

Банките во трка побргу да се продадат
Aleksandra
 
utrinski vesnik...сабота, 27 мај 2006
Банките во трка побргу да се продадат

Комерцијална, Инвест банка и ИК банка во трескавична потрага по купец

Ако до пред неколку месеци од првите луѓе на речиси сите домашни банки можеше да се слушне прилично самоуверената изјава „не сме на продажба“, сега одеднаш се случува вистинска пресвртница во банкарскиот сектор. Нашите банки како да почнаа да се натпреваруваат која побрзо ќе се продаде на странски банкарски бренд. Само за неколку дена дури три банки најавуваат дека веќе почнале потрага по стратегиски партнер. Оваа нагла и прилично зачудувачка банкарска зовриеност доаѓа во период кога речиси никој не се надеваше дека македонските банкари ќе решат конечно да се мобилизираат за поголем пробив на странскиот капитал.
Прва повлече нога Комерцијална банка, која предизвика вистински шок во јавноста, објавувајќи дека формира мнозински пакет кој би се понудил на реномирана странска банка. Бргу потоа банката соопшти дека го собрала потребниот процент од близу 53 отсто, во кој се приклучиле 92 акционери. Сопствениците, а особено оние позначајните, манифестирале единство во желбата да се најде вистински партнер за Комерцијална. Веднаш откако одекна оваа информација, беше проследена со драматични скокови на цената на акциите на Берзата, која и сега се држи на прилично високо ниво.
Инаку, во најголемата десеторка во Комерцијална меѓу другите влегуваат и „Фершпед“, „Топлификација“, „УСЈЕ“, „Брилијант“, „Д-р Пановски“ и „Скопски пазар“, или со еден збор - најсилните бизнис-играчи во земјава.
Возбудата околу Комерцијална банка с` уште не беше ни стивната, кога завчера изненади уште една банкарска вест, а таа е дека и Инвест банка почнала да бара стратегиски партнер. Во оваа банка најголем сопственички пакет од 11,35 отсто држи скопска Пиварница. На Собранието на акционери што ќе се одржи набргу, Инвест планира на дневен ред да ги стави и намерите за нејзина докапитализација и присоединување со Македонска штедилница, што се смета како подготовката за продажба со цел да се подобри портфолиото на банката.
Банкарски кругови кои бараат да останат анонимни тврдат дека постојат намери за продажба на уште една банка - ИК банка. Во неа најголем акционер била ЕБРД, која, наводно, имала планови да го продаде својот капитал во банката, заедно со уште неколку акционери со кои би се создал мнозински пакет.
Не толку одамна и првиот човек на Охридска банка, Најденко Поповски, обелодени дека банката во моментот преговара со неколку потенцијални партнери.
Што ги натера македонските банки така наеднаш да посакаат да добијат реномирани странски газди? Станува ли збор за невешти обиди во предизборието да се тргне фамата што ги следеше нашите банкари дека тие се главна пречка за влез на странски брендови или, пак, станува збор за некаков тивок страв од можна силна конкуренција, која би ги загрозила нивните профити ако зад нив не застане силен светски банкарски играч, се прашањата кои почнаа с` погласно да се поставуваат во јавноста.
Врвните луѓе на овие банки децидно ги демантираат и едното и другото размислување. „Ние и сега, а и пред пет години, зборуваме дека Комерцијална може да се продаде само ако во неа влезе врвен странски бренд. Уште пред Нова година имавме обраќање до акционерите дека банката е подготвена за евентуален зголемен интерес од странски партнер. Значи, отсекогаш важело дека или ќе дојде врвно име, или банката нема да се продава. Тука нема ништо ново и спектакуларно“, објаснуваат во Комерцијална, додавајќи дека целата процедура ќе продолжат да ја тераат по западен терк, без непотребна транспарентност и објавување на имињата на потенцијалните инвеститори.
Во банката целосно ги отфрлаат шпекулациите дека станува збор за каков било предизборен потег, во смисла дека ~ се помага на власта да прикаже оти во земјава ќе донесе странски бренд, по неуспехот со ИНГ. „Сметаме дека сега е создаден период да се почне процесот. Но, и да се случи продажбата, тоа ќе биде најрано на крајот на годинава, кога ќе бидат поминати изборите. Нашата постапка нема врска ниту со политика, ниту со избори, ниту со страв од конкуренција“, потенцираат во банката.
Оттаму велат дека една работа треба да биде јасна - дека нашите банки воопшто не се толку атрактивни за странските брендови каква што слика создавале медиумите. „Ние едноставно не сме земја од стратегиски интерес за странските банки. Тие не стојат на граница и едвај да чекаат да влезат во Македонија, туку напротив“, тврдат нашите извори. Во Комерцијална појаснуваат и зошто не треба барањето стратегиски партнер да се поврзува со наводен страв од конкуренција. „Тие странски банки сега работат во условите на нивните средени држави, кои дозволуваат да бидат ниски нивните камати. Но, кога ќе дојдат овде, ќе работат во македонски услови, што значи ќе се соочат со бавното судство и несигурноста. Кога сите тие трошоци и неизвесни очекувања ќе ги вградат во своите калкулации, и нивните камати ќе бидат повисоки“, објаснуваат во банката.
Други банкари, пак, и натаму тврдат дека најавите за продажба на неколку банки во многу тесен временски тајминг, сепак, не се толку случајни. Според нив, не е исклучено тука да се замешале извесни суптилни притисоци од власта, која во овој период навистина има потреба да „прокнижи“ барем едно значајно банкарско име кое би инвестирало во Македонија.