Interesni fakti za Skopje
Interesni fakti za Skopje
moonchild ЦРН ЛЕБ ЗА БЕЛИ ЦИЦКИ Скопје Во времето меѓу двете светски војни Скопје било најпознатиот град на Балканот по јавни куќи. Проституцијата, како што кажуваат старите скопјани, во тоа време била легална, се одело во јавна куќа за здрав секс. Дури и лекарите им советувале на младите момчиња кои немале девојки, место сами да се задоволуваат, слободно да одат во јавна куќа каде што можеле за не многу пари да добијат природен секс. Во Скопје вриело од јавни куќи. Ги имало на секој чекор, но најбројни и најпосетени биле оние во центарот. Старите скопјани раскажуваат дека таквите најмногу ги имало во таканареченото Циган Маало, или околу сегашната Стара железничка. Тоа биле кафеани во кои навечер гостите ги забавувале пејачки и танчарки кои играле чочеци. Секоја ваква кафеана, обично на горниот кат, имала соби во кои девојките им овозможувале задоволства на посетителите. Јавни куќи имало и на десната и на левата страна од Вардар. Најпознати од десната страна биле "Венеција", "Шангај", "Три вили", "Ривиера", "Далмација", "Океан", "Хајдук Вељко", "Марс" и други. Тие биле разместени во делот каде што денес се хотелот "Плаза" и полициската станица "Беко". Од левата страна на Вардар, пак, најпозната била јавната куќа "Јанчев ан", која се наоѓала во Старата чаршија, спроти црквата "Свети Спас". "Да се оди во јавна куќа на времето било сосема нормално. Гостите или клиентите биле луѓе од сите слоеви - и богати и сиромашни. Во кафеаната 'Океан', која важела за место каде што излегуваат боеми, но во исто време била и позната јавна куќа, редовно доаѓале Никола Мартиноски, Василие Попов, Рашо Плаович, Петре Прличко и други. Сите sидови во оваа јавна куќа Никола Мартиноски ги насликал со еротски сцени", запишале хроничарите кои го истражуваат периодот кога во Скопје имало легални јавни куќи. Јавните куќи во Скопје се појавиле како резултат на економскиот напредок на градот. Меѓу двете светски војни многу се развила трговијата и Скопје било крстосница на разните карвани со стоки кои доаѓале од речиси сите делови на светот, а трговците додека престојувале во градот, барале забава. Токму поради тоа почнале да се отвораат кафеани во кои на муштериите им се нуделе и девојки. За девојките кои работеле во јавните куќи важело само едно правило - не смееле да бидат помлади од 18 години. Според кажувањата, проститутки имало и од Скопје, но главно тоа биле девојки кои доаѓале од Војводина, Босна, Јужна Србија - Врање и Лесковац. Тие имале свои уметнички имиња и на клиентите им било дозволено да ги бараат по нив. Имало Лолити, Цици, Шани, Дунди, Лилиња и ред други "европски" имиња, како што тогаш ги нарекувале. Нив скопјани неретко ги викале и чишлии. Сопствениците на јавните куќи, побогати луѓе од градот, биле обврзани да водат грижа за здравјето на проститутките. Два пати неделно ги носеле на прегледи за заштита од полни болести, а еднаш месечно ги носеле на детални здравствени прегледи. "На прегледи оделе во Државна болница, а ги превезувале со пајтони што ги најмувал газдата. Најпознатиот доктор кај кого редовно оделе проститутките бил Душан Анастасиевиќ - Душко. Проститутките морале да бидат здрави и чисти зашто, во спротивно, за сопственикот следувале строги казни. Најчесто, доколку нешто не било во ред, полицијата ја затворала јавната куќа. Проститутките биле евидентирани не само во болница, туку за нив се знаело буквално се и во полиција", запишале хроничарите. Цената на услугите што ги нуделе девојките зависела само од времетраењето на забавата и од условите што ги нудела јавната куќа. Оние во кои, како што раскажуваат скопјани, имало поубав ентериер, кревет, завеси, теписи и слично, обично биле поскапи од оние во кои не се внимавало на внатрешното уредување. За да привлечат клиенти, проститутките правеле се и сешто. "Се случувало некоја од девојките да застане на прозорец, божем да се чешла и да ги извади градите надвор од прозорецот за да и ги видат минувачите. Имало некое младо момче што служело како момок во некоја богата фамилија, и тоа имало голема желба да отиде кај "цицките", ама немало пари. Бидејќи желбата била голема, момчето смислило начин како да собере пари за да оди во јавната куќа и да ја побара девојката со цицките. Пресметало дека ако цела недела јаде црн место бел леб, ќе заштеди доволно пари за следната недела да оди во јавната куќа. Оттогаш остана да се зборува низ градот - црн леб, бели цицки", раскажуваат скопјани. Проститутките преку ден слободно се шетале низ градот. Постарите скопјани велат дека ги познавале тие девојки и кога ќе ги сретнеле на улица, знаеле дека тие работат во јавни куќи. Многу често се случувало и некој да се заљуби во проститутка. "Имаше многу луѓе кои навистина се заљубуваа во проститутките. Собираа пари за да можат по цели вечери да бидат со нив. Па кога проститутката ќе се преселеше во друг град на работа, патуваа до таму за да се видат. А имаше и случаи љубовта да заврши со брак", се присетува еден од посетителите на јавните куќи во своите записи. Според пишаните докази, во 1926 година во Скопје имало 23 јавни куќи. Овој податок стои во книгата за животот во Скопје од 1918 до 1941 година. За нив во книгата е употребен терминот "блудилишта". Нивниот број постојано се зголемувал и во периодот пред Втората светска војна состојбата станала алармантна. Јавните куќи во тоа време биле забранети поради тоа што на девојките не им се вршела здравствена контрола. По налог на католичкиот клер, во 1932 година било отворено биро наречено "Завод Света Марта" за кое се планирало да биде станица за морално паднатите девојки. Поради големиот број проститутки во градот, санитетската служба издала наредба за најстрога забрана за шетање на проститутките низ градот. Но, и покрај затворањето на јавните куќи и забраните на санитетската служба, како што е пишано во книгата за Скопје, многу девојки останувале на улиците и работеле за, како што се вели, 100 динари или, пак, за пет банки. Јавните куќи на Скопје ги опишува во едно свое дело и Мирослав Крлежа. Книгата се вика "Знамиња", и во неа тој дава свое видување за атмосферата во кафеаните. "Најголемата општествена сензација овде, среде чаршијата, е една меана, еден ан, еден Јанчи-ан, и како да ти го опишам овој единствен скопски ноќен локал каде што бадијалџиите се забавуваат фрлајќи скапани компири од лонецот со вода по голите танчарки кои играат чочек, а кога ќе шлапне разводенетата плочка од компирот врз голиот мев на танчарката, да го слушнеш само урнебесот од победоносните извици на гостите кои курвата ја сметаат за говетче", раскажува Крлежа во својата книга. Старите скопјани велат дека јавните куќи ги снемало со Втората светска војна. Во повоено Скопје како такви извесно време функционирале хотелот "Бристол" и кафеаната "Ново Скопје", но официјални јавни куќи нема. Јавна тајна, пак, е дека и денес оној што ќе тргне да бара, може да најде места во градот кај што има проститутки. Разликата е во тоа што денес таквите места не се боемски кафеани, туку ноќни клубови, преноќишта, мотели... Различно е и тоа што денешните проститутки не се танчарки што играат чочеци, туку стриптизети кои најчесто играат на шипка.
fio A izvorot da go navedeshe? :)
DJ_SHEMA Vest, pred 3-4 dena. moonchild, poubavo kje beshe da ja staveshe statijata za staroto skopsko korzo, za fraerite i za kibiciranjeto.
moonchild DJ_shema, vesta za fraerite i kibiciranjeto koga ja ccitav se utepav od smeenje! [:D][:D][:D] Navistina besse interesna no za zal na stranata na MTnet nemozzess da gi otvoriss predhodnite broevi! Ako sluccajno ja imass snimeno taa statija postiraja za da mozzat i drugi da ja proccitaat! Fio, eve ti go izvorot: http://www.mt.net.mk pozdrav, moonchild
DJ_SHEMA http://www.vest.com.mk/default.asp?id=54851&rubrika=Revija&idg=3&idb=746 ЉУБОВ НА СТАР СКОПСКИ НАЧИН На корзо за кибицирање, во парк на љубење Да бакнеш девојка зад зграда или пред зграда било вистинска фантазија и сон на секое момче, затоа што додека се стигне до тоа, поминувале месеци во следење на саканата, праќање абери по другари и другарки, киснење Порано во старо Скопје да ти дозволи девојката да ја испратиш до дома, значело дека "си на коњ". Тоа значело дека девојката е веќе твоја, а кога ќе стигнеш пред зграда или пред куќа, "за бакнеж ако имало клупа добро, а ако не - на sид". Стари скопјани раскажуваат дека да ја бакнеш зад зграда или пред зграда било вистинска фантазија и сон на секое момче. А додека стигнеле до тоа, поминувале месеци во следење на саканата, праќање абери по другари и другарки, киснење пред школата каде што учи и додворување на сите можни начини. Во златните години на Скопје, крајот на 50-тите и во 60-тите, имало неколку места кои на прсти се броеле, и каде што се излегувало и можело да се најде девојка. Тоа биле скопското корзо, скопските кина, Градскиот парк, игранки и диско. Љубовта се случувала во маалото, на улица, во кафеаните. "Денес можеш многу лесно да водиш љубов. Тогаш не беше толку лесно, затоа што слаткарниците ги заменуваа денешните кафулиња, а беа малку. Се одеше во "Ванила", кај сегашно "А-ха", или во "Шехерезада", спроти пивницата "Лондон", поранешна "Кооператива". Контактот беше побавен, а и жаргонот меѓу момчињата и девојките беше поспецифичен. Тогашните фраери и денешните не се исти. Се излегуваше еднаш или два пати неделно, и никогаш немаше директен контакт ако видиш дека некоја девојка ти се допаѓа, туку тоа долго време одеше преку нејзини другарки или комшии", вели Данило Коцевски, хроничар на Скопје, новинар и писател. Кога ќе се забележела девојката на корзо или во диско, раскажува Коцевски, се минувало низ пеколни маки додека да и се доближиш. Се вртеле кругови и кругови по корзото само за да се види еднаш или, евентуално, двапати во вечерта. Корзото почнувало кај ресторанот "Метропол", па покрај "Пелистер" или сегашно "Далметфу", се одело до сегашна стара железничка, и тоа во две насоки. Во едена колона се одело кон железничка, а во друга од таму кон "Метропол", а додека шетале си ги разменувале првите срамежливи погледи, кај скопјани познати како кибицирање. Главни sвезди на корзото биле скопските фраери и девојките т.н."кралици на корзо". Да си скопски фраер значело да возиш мотор или велосипед. Колите биле луксуз и привилегија на малкумина, а ако некој имал, тоа било или "фиќо" или "тополино". "Фраерите носеа долги коси и тесни панталони - цевка. Ама не беше лесно да се биде ваков фраер. Полицијата ги фаќаше среде корзо и пред сите им ја стрижеше косата и им ги сечеше панталоните. Тоа беше невиден срам. Освен срамот, следуваше и казна - превоспитување. Ги праќаа на работа на браната 'Маврово' или во некој друг град на физичка работа. Девојките на фраерите најмногу плачеа кога ќе ги пратеа на превоспитување", раскажува еден стар скопјанец, кој на времето имал другари фраери. Обично пред "Метропол", според сеќавањата на стари скопјани, на корзото стоеле постари момчиња и моми, кои ја надминале 30-тата. По земјотресот корзото се сели пред слаткарниците "Ванила" и "Шехерезада". Се случувало некои момчиња да шетаат среде зима на корзото по куси ракави. Тогаш фраерот сакал да покаже дека "некому од дома му купиле нов часовник". По цена и да се разболи. Ако, пак, шеташ со чепкалка во уста, значело дека претходно си бил во кафеана на вечера. Првиот бакнеж во педесеттите, се присетуваат скопјани, најчесто се случувал во мракот во кино. Обично момчињата плаќале се, но кога оделе на кино се случувало, кога девојките ќе дојдат пред време, да извадат карти за двајцата. Во кино се чекале и Нови години. Тогаш обично се давале по три филма. Сите си носеле од дома грисини, торти, кокошки, а се случувало среде филм да залетаат насекаде и крилца од кокошките. Она што е интересно, раскажуваат постарите, е киното во шеесеттите за кое не се плаќало карта. "На sидот од зградата, до денешен 'Кенан' се даваа филмови кои се прожектираа од Офицерски дом. Тоа кино го викавме 'кино без пари', а таму се даваа партизански филмови или македонски. Карта не се плаќаше, и сите си носевме столчиња од дома. Кој ќе си донесеше добро, а другите стоеја. Одеа и млади и стари, и тука се случуваа и првите љубови. Наместо да го гледаш филмот, гледаш кој има околу тебе", вели една скопјанка од Маџир маало. Љубовџиите биле храбри, но, сепак, најмногу се плашеле од браќата на девојките. Се велело дека ако те види татко и, ќе поминеш некако, ама ако те види некој од браќата, си го обрал бостанот. Тоа било за оние што оделе на корзо и по игранки. Оние што подлабоко ќе завлезеле во љубовта, корзото, игранките и дискотеките повеќе не постоеле. За таквите најубаво место бил т.н. трет дел од паркот. "Таму, според раскажувањата, се случувале првите поинтимни искуства меѓу љубовџиите. Во првиот и вториот дел од паркот одеа речиси сите, ама штом ќе отидеа во третиот дел се знаеше зошто одат натаму. Посебно за женските не беше баш пожелно да се знае дека отишле со некого, зошто следниот ден знаеше цело корзо. Не се покажуваа со прст, ама сите зборуваа", раскажува Коцевски. Летно време, место за љубов и забава биле плажите на Вардар. И како што раскажуваат, момчињата редовно правеле глупости за да се покажат пред женските, но и женските не останувале покуси. Се случувало за да се покаже дека е голем пливач, фраерот да проба да го преплива Вардар. Тогаш се случувало често реката да има големи водовртежи и да биде надојдена, па редовно ги спасувале од давење оние кои се правеле "чатал". "Избегавме од дома за да ги бараме девојките на Градска плажа, ама ги немаше, па решивме ние да си се избањаме. Завршивме, и на излегување од водата, еден од другарите ги соблече гаќите за капење да ги истиска, за да не забележат дома дека бил на плажа. Баш во тој момент се случи да помине девојката што му се допаѓаше и го виде гол. Таа се усрами и избега, а тој почна да плаче од што му беше криво зошто го виде во такво издание", вели еден скопјанец, кој сакаше да остане анонимен за да не му се налути другар му. Џентлментсвото во Скопје, раскажуваат упатените, започнува уште во времето на кралска Југославија. Се вели дека вистинска револуција во Скопје било отворањето на првата цвеќарница во Скопје во 1936 година, кај денешно кино "Вардар". Тогаш момчињата почнале да им подаруваат цвеќиња на девојките, а се навикнале и да носат шешири. Љубовните состаноци во тоа време се закажувале пред "Бристол", а она на што многумина се сеќаваат е како девојките бегале од дома само за еден бакнеж со саканиот. За да не ги забележат нивните родители, тие, на една минута претрчувале по налани. Звукот на наланите момчињата го слушале од далеку, и едвај чекале да видат дали тоа е нивната девојка. Тоа време, освен што се раскажувало за големите љубовни приказни, ќе остане запаметено и по трагичните. Во еден од записите за Скопје, според раскажувањата на старите, се вели дека најголемата, а најтрагична приказна е кога едно познато скопско момче се заљубува во една девојка "кралица на корзото". Тој една вечер, додека и се додворува во една скопска кафеана, за да се направи фраер, вади нож и го забива во маса. Бидејќи масата била порозна, ножот завршува во нејзината нога. Неа ја носат во болница, а ногата и ја ампутираат. По земјотресот главно место на младите вљубени парови станува кејот. Односно, кејот кој почнувал од кај денешен "Холидеј ин", па се до Народна банка, кој скопјани го викале "џафте корзо". Последните опашки на корзото се некаде почетокот на 70-тите години. Тогаш се случуваат драстични промени, како во излегувањето така и во однесувањето на младите. Се појавуваат диското и хип-хоп движењето кое пропагирале сексуална слобода. Се уште биле актуелни и кината, претежно "Братство", "Младина", "Напредок", "Балкан", "Вардар"... Во "Напредок" претходно се давале благо еротски филмови, но со новиот начин на пропагирањето на сексуална слобода во светот, почнуваат многу често да се прожектираат порно филмови. Денес во Скопје, за разлика од 60-тите години кога имало околу 160 илјади жители, има речиси 700 - 800 илјади. Во Скопје се уште постојат многу места кои потсетуваат на тие, како што ги нарекуваат скопјани, "стари добри времиња", но ретко кој ги чува. Едно од тие беше розовиот столб на киното "Култура", до "Кенан", среде плоштадот Македонија. Таму порано се огласувале плакати за филмови. Ова место било препознатливо затоа што цело Скопје таму се чекало за во град, а таму, пред столбот, паднале и многу први бакнежи. Овој столб повеќе го нема. Градската администрација на градоначалникот Ристо Пенов лани, без образложение, го урна. Јорданка Ивановска Маја Илиевска
fio Ubavo se ziveelo togash :)