Makedonskiot narod... General Todor Atanasovski
Makedonskiot narod... General Todor Atanasovski
BorisVM Македонскиот народ никогаш не бил против никоја немакедонска националност Тодор Атанасовски [img]images/todor.jpg [/img] Деновиве очекувано заседаваше собраниската Комисија за одбележување на значајните историски настани и личности од нашата национална историја. Ние сў уште под "наша" национална историја подразбираме исклучително македонска во потесна национална смисла. Меѓутоа, исто така очекувано се огласија со свои критики, гледања, оцени и предлози и пратениците Албанци-членови на оваа комисија, господата Невзат Бејта од ДУИ и Зиди Џелими од ДПА. Сепак, наведените настани што треба да се одбележат имаат исклучително значење за Македонија, посебно за Македонците и како такви го заслужуваат нужното почитување од сите чесни државјани на Македонија, без оглед на нивното етничко потекло и верска припадност. Тој факт и должната почит кон историјата на македонскиот народ се очекува и затоа што борбата што македонскиот народ ја водеше низ изминатите два века никогаш во својата суштина не била насочена против некоја нација во соседството на Македонија дури ни против турската, ниту пак била наспроти интересите на ниту едно малцинство и етничка немакедонска група во самостојна Македонија. Од друга страна, народносните заедници во Македонија, не само Албанците, сакаат интеграција со Македонците во единствен народ на Македонија и нивно право е нивниот дел од историјата на оваа земја да не биде потиснат и обезнаен. Нема чисти национални истории. Ни македонската не е само македонска. Нашето искуство и знаење зборува дека во "чистите" национални истории секогаш има обесправени, обезвреднети и духовно ограбени. Такви "чисти" национални истории на Балканот се само големодражвните, врховистичките. Од таа гледна точка не е никаков ерес програмата за одбележување на значајните настани и личности да биде и критизирана и дополнувана. Кога така би постапиле господата пратеници (Н. Бејта и З. Џелими) би заслужиле и јавно признание, а ако тоа произведеше поттик да се согласат и Турците, и Власите, и Ромите, и Србите и други со свои видувања и сугестии. Тогаш тоа би било дури и голем чекор кон новите интеграции, кои мораат од дома да почнат и да се шират радијално сў до Европа. Тоа би било и големо охрабрување за Македонците да се отворат кон своите сонародници. Македонците мораат да бидат свесни дека тие треба да го водат интеграциското оро. Господата пратеници - од ДУИ и ДПА во оваа комисија со филозофијата со која се претставиле во комисијата ниту сакале, ниту можеле да бидат конструктивни и делотворни, а најмалку се на патеката на внатрешните интеграции со кои се обидува и некако резултатно по државата да се претстави ДУИ. Зошто не можат да бидат конструктивни и делотворни? Пред сў, затоа што не може да се подига вредноста на историскиот придонес на сопствениот етнос со обезвреднувањето на историјата на народот и нацијата што е основа на државата, што е гарант, не само за националната слобода на мнозинскиот народ, туку и на сите други што живеат и творат во Македонија. Овие двајца албански политичари, всушност, не се само големоалбанци - радикали не се ниту антифашисти, туку се и муслимански фундаменталисти. Ова последното не е нешто што неосновано сакам да им го импутирам. Самите тоа го докажуваат, не само со тоа што го испревртуваа големиот "аргумент" дека Македонците немаат своја историја затоа што ниту една земја од опкружувањето тоа не им го признавало, туку тие упорно го оспоруваат македонскиот национален, идентитет, бидејќи ги нарекуваат со општото име Словени. Во нивните идеолошки и политички релации овдека Словените се бореле со несловените - несловените со Турците и сите други што не се рисјани - со еден збор овие политичари од албанско етничко потекло исповедаат и заговараат меѓуверски антагонизам, бидејќи "Словените со тероризам сакале одовде да ги бркаат Турците". Ете затоа ниту можеле, ниту ќе можат да бидат конструктивни и делотворни. Тие фактички и не предложиле ништо - Призренската лига е веројатно тема за албанската држава, а Александар - Скендер-бег со својот соборец дебранинот Мајко големите се борци против турското империјално господство, окупација и обесправување на народите и нациите на Балканот, меѓу кои и албанската. Исповедувањето на меѓуетнички антагонизам е можно и се прави исклучително од позиција на исламскиот фундаментализам. Споменатите господа не се ниту антифашисти, не само поради очигледниот верски антагонизам, туку и затоа што упорно го занемаруваат учеството на прогресивните Албанци во НО војна и антифашистичката борба во Македонија во периодот 1941-1945 година. Радикалните Албанци веќе подолго време манифестираат приврзаност спрема настаните и луѓето што се имаат случено и пројавено во политичкиот и стратегискиот простор на фашистичката оска. Некакво објаснување е создавањето на творбата "голема Албанија" како протекторат на доминантните фашистички држави - отпрвин Мусолиниева Италија (до 1943 година), а потоа на Хитлерова Германија. Овие сили не покажуваат почитување ни на фактот дека повоена Албанија е промовирана како антифашистичка држава. Не сум сигурен дека правилно ќе биде разбрано, меѓутоа, не само овде на Балканот и не само сега, националноослободителните движења во исламските земји и амбиенти во текот на Втората светска војна многу често и во поголем број се врзуваа и колаборираа со фашистичките армии и со воено-окупациските управи. Ние се обидовме во 1941 година да бидеме само борци на прогресивната страна, следејќи ја линијата на КПЈ и на Антифашистичкиот фронт, меѓутоа, борбата незадржливо се разгоре тогаш кога на македонскиот народ му стана јасно дека може во таа борба да ги достигне и врвните национални цели. За да се разбере, ако се сака, "како е можно да се создаде војска ако нема држава...", ќе ви помогнам со следните аргументи: Македонија како држава не е создадена на 2 август 1944 година во "Св. Прохор Пчински". Таа е тогаш промовирана и обнародена. Си земам слобода да кажам дека создавањето на македонската држава е континуиран процес што трае повеќе од еден век и половина, на нејзини траги ќе наидеме дури и порано. Историски е непобитно точно дека НО борба на македонскиот народ е прифатена и од сите други национални групи и заедници во Македонија, дури и од основните албански маси, затоа што таа борба од почетокот до крајот на војната ниту во еден миг не била против ниедна немакедонска националност во Македонија, ниту пак е македонската држава составена како антибугарски, антигрчки, антисрпски и антиалбански феномен. Кога веќе се нафативме "научно" да ги цениме историските настани како што тоа го прави господинот Невзат Бејта, не е излишно да фрли бегол поглед врз албанските војски расфрлани наоколу во форма на разни УЧК, ОНА, АНА ослободителна војска за Прешево, Куршумлија, Медвеѓа, и слично. Можеби ги има и повеќе за јужен Епир, веројатно и во Црна Гора и слично. Не знам да ли Н. Бејта се обидел да изнајде пригодна научна теорија за ова чудо од војски. На пример, големосрбите и големохрватите отидоа и подалеку од Албанците - тие едновремено направија и држави низ Хрватска (Србите) и низ Босна и Херцеговина (Србите и Хрватите), а војските по форма, организација, вооружување во сите тие парадржави кои беа далеку над сите албански УЧК-и да ги собереш заедно, инервидовски и со стокмени и комплетни генералштабови, па сепак останаа опасни, деструктивни, но и бедни паравојски. Правецот на нивната еволуција е да завршат како јавни криминални толпи, и тука не помага никаква иконографија, бајраци, амблеми. Не им помогнаа ниту склепаните "дефиниции" што би требало да означат некаква стратегија како "сите Срби во една држава", односно "сојуз на сите српски држави". Истото тоа се случува и со проектот "голема Албанија", а еве гледаме и иста траекторија. Еволуцијата на УЧК-ите кои незадрживо се движи во иста насока, за веќе утре да се претвори во качачка криминална толпа, која кога не ќе има кого да малтретира ќе му се сврти на сопствениот етнос, ако веќе и не е така. Значи, војските не се механички куп луѓе, оружје и опрема. Албанскиот радикален и фундаменталистички фактор има среќа затоа што неговите паравојски доживуваат поконтролирано распаѓање, криминализацијата на УЧК-ите тешко може да се попречи, посебно и заради анемичноста на Македонија, постдејтонска Србија, а да не речам и на Албанија. На Балканот, господа Албанци, е можна една и единствена војска албанска и никаде на други места, туку во државата Албанија. Мала или голема, најверојатно мала, таа само таму може да биде дел од државниот систем и да ги има својствата на војска. УЧК-ите биле, ако ги има се, и додека има и траги од нив, ќе бидат само паравојски. Ако на Милошевиќ-Туѓмановите паравојски не им помогнаа таламбасите и иконографијата зашто со УЧК-ите би било поинаку, не белки затоа што од нивната и во нивната околина се чувствува и реата на исламскиот фундаментализам, како и во околината на нашите крстосници. (Авторот е воен аналитичар и генерал во пензија)