Shemshevo
Shemshevo
melpomena ДОВЕРБАТА НЕ СЕ ВРАТИ ВО ШЕМШЕВО Учениците Македонци дојдоа на настава и изедоа ќотек Родителите обвинуваат дека децата биле нападнати од врсници-Албанци и поради тоа веќе нема да доаѓаат на настава Двајца Македонци, ученици од Жилче, вчера биле нападнати и истепани во училиштето во Шемшево од поголема група деца-Албанци, откако родителите од Жилче и од Ратае решија да ги вратат децата на настава во матичното училиште. По овој инцидент тие рекоа дека нивните деца веќе нема да доаѓаат на настава во тоа село. Според Македонците, настанот се случил по завршувањето на вториот час, кога група од 5-6 ученици од македонска настава тргнале во тоалет и биле нападнати од поголема група деца-Албанци, кои со дрва в раце почнале да ги удираат по главите и по телата. Абдула Ќазими, директор на училиштето во Шемшево, се сомнева дека Македонците воопшто биле нападнати оти "никој не го видел настанот". Според него, можно е Македонците да го исценирале инцидентот за да издејствуваат децата наместо во Шемшево да учат во соседно Жилче. Во Министерството за внатрешни работи вчера немаа информации за случајот. Инцидентот бил пријавен на ОБСЕ и набљудувачката мисија на Европската Унија. - Децата биле претепани кога тргнале во тоалетот зад училиштето. Две дечиња влегле во тоалетот, а другите чекале надвор. Според кажувањата на децата и на некои од родителите, кои вчера останале во училиштето, тие биле нападнати од поголема група Албанци, кои истрчале од флиперницата наспроти училиштето. Албанците в раце имале дрва и почнале да ги удираат децата. Повредени се две деца што имаат модринки по лицето и по грбот. Другите побегнале. Решивме да ги вратиме затоа што сакавме доверба и соживот, но се покажа дека се уште нема услови за тоа - вели Зорица Јовановска, членка на иницијативниот одбор на родителите. Родителите од Жилче и од Ратае одлучија да ги вратат децата на настава во Шемшево поради, како што велат, градење на довербата и враќање на соживотот со Албанците. Сега тие се револтирани и изјавуваат дека по овој настан "нема шанси децата да се вратат во Шемшево". - Од денеска децата повторно ја прекинуваат наставата. Нема да одат ниту во Сиричино оти условите се лоши - вели Јовановска. Триесетина Македонци, учениците од Жилче и од Ратае, годинава првпат седнаа во училишните клупи во Основното училиште во Шемшево, откако шест месеци претходно учениците-Македонци од целата општина Јегуновце ја бојкотираа наставата во Шемшево, бидејќи Албанците незаконски го сменија името на училиштето од "Даме Груев" во "Јумни Јонузи" и поставија негова биста во дворот. Според родителите од Жилче и од Ратае, по вчерашниот инцидент децата нема да се вратат на настава ниту во Шемшево ниту во Сиричино. Во Сиричино, пак, останаа да учат децата од Прељубиште, Сиричино и Туденце. Zemeno od dnevnik
slasa Витомир Долински: ИНТЕРВЈУ СО ПРОГОНЕТИОТ АЛБАНСКИ АКАДЕМИК ПРОФ. Д-Р КАПЛАН РЕСУЛИ - БУРОВИЌ АЛБАНСКИОТ РАСИЗАМ КОН СОСЕДИТЕ СЕ ТЕМЕЛИ ВРЗ ИСТОРИСКИ ФАЛСИФИКАТИ! Важите за своевиден албански Мандела, па и за политички затвореник-рекордер на Балканот. За недоволно информираните, на почетокот, кажете ни накусо нешто за тоа? ПРОФ. Д-Р КАПЛАН РЕСУЛИ - БУРОВИЌ: Во поранешна Југославија сум казнет на две години строг затвор божем за непријателска пропаганда против социјализмот и братството и единството. Откако ја издржав казната до последниот ден во затворот во Идризово, сакајќи да пребегнам во Советскиот Сојуз, "заглавив" во Албанија со која што СССР токму тие денови ги прекина дипломатските односи. По десетгодишната интернација бев уапсен од албанските власти и осуден на 43 години најмонструозен затвор, повторно божем за непријателска пропаганда, поседување некаков револвер без дозвола, наводно подготвување бегство и навреда на иследникот. Така, вкупно сум казнет 45 години, од кои само за непријателска пропаганда 37, со што мислам дека сум најтешко казнет политички затвореник на Балканот, па можеби и своевиден светски шампион. Всушност, да не дојдеше до промените веројатно се уште и ден денеска ќе бев в затвор. На оваа казна треба да се додаде раскинатото семејство во Југославија, во кое за среќа немав деца, како и второто семејство, во Албанија, во кое имав две деца. За цело време на затворот, не само што не ми дозволија да си ги видам децата, туку не знаев ниту дали се живи. Никому не му дозволуваа да ме посети, или да ми даде парче леб. Ниту на затворениците. Тие што го сторија тоа беа казнувани, а поетот Гани Скура, кој дојде да ме види не само што не му дозволија туку, пред затворот, на лице место, го уапсија и го казнија на 10 години затвор, божем за политичка пропаганда. Во неговото обвинение, како единствен престап, му се припишува: "отишол во затворот Бурељ да го види народниот непријател Каплан Ресули и му однесол леб". Додека чмаев во злогласниот затвор во Бурељ десет пати на живо ме одраа, во буквална смисла на зборот, барајќи од мене да се откажам од југословенското (црногорско) државјанство, југословенската (црногорска) националност, од моите идеи, па и од сопствените деца. Ми наложуваа да се изјаснам како Албанец, не само по државјанство туку и по националност. Неколкупати се обидоа и физички да ме ликвидираат, па дури и откако излегов од затворот, три пати се обидоа да ми извршат атентат - два пати во Тирана и еднаш овде во Женева. Самите Албанци, не само моите другари, туку и оние непријателски расположените кон мене, уште додека бев во затворските ќелии, ме прогласија за АЛБАНСКИ МАНДЕЛА. Дури и мојот отворен, најголем непријател, албанскиот писател Исмаил Кадаре, тие денови, почетокот на деведесеттите години, додворувајќи им се на европските кругови и на АМНЕСТИ ИНТЕРНАТИОНАЛ, кои се заложија за мое ослободување, не се стеснуваше да ме нарече мартир и херој на Албанија. - Пред да се осврнеме на тој период, и особено на вашиот специфичен однос со најпознатата, но несомнено и најконтраверзна личност на албанската култура, Исмаил Кадаре, дозволете да се вратиме на најзначајните фази на вашата творечка дејност, што доведоа и до Вашата поширока книжевна и научна афирмација. Дисиденството, се чини, од самиот почеток беше ваш постојан придружник...? ПРОФ. Д-Р КАПЛАН РЕСУЛИ - БУРОВИЌ: Во Дубровник 1952-ра година ја објавив поемата "Бојана" во која Југославија и Албанија отворено ги нареков Голгота во која народите се мачат и страдаат. Веднаш телефонски бев повикан од мојот "земјак" Милован Ѓилас кој, притоа, ми се закани дека така ќе ми ја притисне главата што место да пеам ќе почнам да лелекам. И беше така. Слушам дека во Југославија го сметаат М. Ѓилас за дисидент бр.1. Ако веќе навистина нема некој друг, тогаш знам дека јас тоа бев барем малку нешто пред него! - Првата затворска казна, за жал, Ви се случи токму во Македонија, каде што извесно време во тој период работевте како просветен работник? ПРОФ. Д-Р КАПЛАН РЕСУЛИ - БУРОВИЌ: Да, бев наставник во Тетово кога ме уапсија. Како што може да се види и од обвинението, во Македонија не сум сторил ништо кривично. Обвинет бев дека божем сум вршел непријателска пропаганда во Црна Гора. А бидејќи бев и сум црногорски државјанин требаше таму и да ми се суди, во мојот роден град Улцињ. Причината за моето судење во Тетово беше тоа што таму немав ниеден свој, а УДБ-а, која знаеше дека сум апсолутно невин, се плашеше дека моето судење меѓу моите улцињани би можело да предизвика некои несакани проблеми. Затоа и нареди да ми се суди во Тетово, и тоа зад затворени врати. Иако не сум тетовчанец, жителите на градот, и особено моите ученици добро ме познаваа и како професор и како писател. По улиците на градот, од затворот до судот, бев испратен со отворена поддршка од многумина од нив, а веројатно за многумина ќе биде интересно дека клучен сведок на УДБ-а против мене беше нивниот тогашен соработник, а сега наводно голем борец за албанштината, Адем Демаќи. Лично, државниот обвинител, во својот завршен збор, обвинувајќи ме како агенс спиритус на југословенската младина против режимот и барајќи за тоа да бидам казнет, изјави дека сум бил и оти се надева дека и во иднина ќе бидам "конструктивен граѓанин" на Југославија. Интересно е што и Фатос Нано, откако го издржав затворот во Албанија, овде во Женева ме нарече "конструктивен граѓанин" на Албанија, повикувајќи ме да се вратам таму, во Тирана. - Вашето прво поголемо животно разочарување, рековте, Ви ја всади идејата да заминете во Советскиот Сојуз, но судбината сакаше повторно грубо да се поигра со Вас и долги години да Ве "задржи" во албанскиот логор Бурељ? ПРОФ. Д-Р КАПЛАН РЕСУЛИ - БУРОВИЌ: Точно, беше тоа извесно време по целосното издржување на затворската казна во Идризово. Инаку, Бурељ не беше затвор туку стратиште. Додека во Идризово велеа "Не си овде за да те гоиме, туку коските да ти ги броиме", во Бурељ тоа беше: "Ова место се вика Бурељ, ку хsн е нук дел" (каде што се влегува, но не се излегува). И сторија сe’, навистина никогаш да не излезам од таму. - Бројните дела што ги напишавте тука веројатно Ви помогнаа да го закрепнете духот и, сепак, да издржите. Впрочем, токму тука е создадено и Вашето најпознато дело, романот "Предавство"? ПРОФ. Д-Р КАПЛАН РЕСУЛИ - БУРОВИЌ: Од околу 200.000 страници напишани за тие триесетина години половината успеав да ги изнесам од затворот и ги имам овде, во Женева. Другиот дел ми беше одземен од властите и не знам што се случи со нив. Романот "Предавство", инаку, самите Албанци го прогласија за ремек-дело на албанската литература. Еден од најценетите албански критичари, проф. Тајар Завалјани, дури него го нарече единствено достојно дело објавено во Албанија по Втората светска војна. Таквиот невиден одзив на романот во Албанија и меѓу албанската дијаспора во светот, меѓутоа го возбуди Енвер Хоџа кој работеше на тоа најголем албански книжевник да биде неговиот роднина и сомисленик Исмаил Кадаре. Затоа, веднаш "открија" дека романот, всушност, не сум го напишал јас, настојувајќи дури и физички да ме ликвидираат, туку Адем Демаќи, за кого се надеваа дека, во меѓувреме, ќе умре во југословенските затвори. Откако Демаќи излезе жив од затворот, а и јас се спасив од смртта, сега веќе преку печатот развија кампања против мене, невидена во историјата на човештвото, дека, замислете, романот ми го "напишала" УДБ-а за да се афирмирам со него во Албанија и на тој начин да сум му ја узурпирал власта на Енвер!? - Веќе двапати, во сличен контекст, го спомнувате Кадаре, а јас би потсетил и на 1991-ва кога и АМНЕСТИ ИНТЕРНАТИОНАЛ се вклучува во барањата за Ваше ослободување а, речиси апсурдно, тоа се обиде да го спречи токму Кадаре. Како тоа, всушност, би можело да се објасни? ПРОФ. Д-Р КАПЛАН РЕСУЛИ - БУРОВИЌ: Кадаре е катапултиран на Запад од Рамиз Алија и вдовицата на Енвер Хоџа со добро смислена мисија. Во моментот тоа беше само една од неговите задачи - да го намали мојот кредибилитет меѓу албанската јавност и дијаспората, плашејќи се да не ги демаскирам нарушувајќи им ги нивните идни планови. Затоа тој, не само во четири очи, како со Адем Демаќи, туку и јавно, по митинзите, па и преку печатот, лаеше против мене и ме клеветеше онака како што го инструираа од Тирана. Кадаре и Демаќи се главните инспиратори на најмонструозните демонстрации во историјата на човештвото кога на Приштинскиот универзитет, ги поттикнаа албанските професори и студенти да демонстрираат во февруари 1991 против моето ослободување од затворот. - На темата "Кадаре" Вие до сега имате многу пишувано, при што особено внимание во албанската, но и во европската јавност привлекоа Вашите книги "Вистинското лице на Исмаил Кадаре" и "Лагите на Кадаре не ја менуваат вистината". Кога, всушност, започна Вашиот ривалитет и која е, како што рековте, неговата добро смислена мисија? ПРОФ. Д-Р КАПЛАН РЕСУЛИ - БУРОВИЌ: Во овие книги, всушност, со документи и со факти, па и со негови самопризнанија, докажав дека тој на Запад е катапултиран како агент на Сигурими, зашто тој тоа и беше отсекогаш. Како главен енверов идеолог тој со тајни интерпретации на нашите дела "пресудуваше" за нашите малтретирања, интернации и апсења. Впрочем, тоа јавно, на Албанската Радио-Телевизија, во 1996-та година го откри поранешниот шеф на Сигурими, Зулуфтар Рамизи, потврдувајќи дека Кадаре бил во нивна служба под псевдоним Генерал. Тој беше провокатор подготвен во Сигурими да ги обвини сите што, според него, му стојат на патот, како што тоа го стори со мене. А зошто? Затоа што академик проф. Димитар Сутериљи, во неговиот главен реферат на Вториот конгрес на Сојузот на писателите на Албанија, во списокот на најголемите современи албански писатели, моето име и мојот роман ги стави пред неговите. На еден пленум на Сојузот во 1966-та јас отворено го критикував, на што тој збесна, бидејќи не беше навикнат да биде критикуван. Многу подоцна, по моето излегување од затворот, еден мајор на Сигурими вклучен во моето апсење јавно изјави дека, иако целосно невин, ме уапсиле затоа што токму од Исмаил Кадаре добиле тајно обвинение на 12 страници против мене и моите дела. Во меѓувреме, тој своето перо и својот талент целосно ги стави во служба на својот покровител Енвер чии што политички говори ги трансформираше во поеми и романи. Незнам дали ви е познат податокот дека Кадаре напиша и објави пофална песна дури и за енверовото "патриотско" куче кое некаде на границата фаќа и растргнува некој несреќен Албанец само затоа што кутриот се обидел да побегне од енверовиот "рај". Ова се само неколку сведоштва за моралниот профил на "големиот" литерат и "сигурен" нобеловец Исмаил Кадаре, чија главна преокупација во моментов е да го труе и лаже Западот со албанските историски фалсификати, со божемното славно илирско-албанско минато и културата која, каков апсурд, трпела повеќевековни штети од дејствувањето на околните "варварски" словенски народи!? - Ова е, мислам, добар момент да проговориме и за третиот, сигурно исто така значаен, сегмент на Вашето творештво - научно-истражувачкиот. Имате објавено бројни дела од областа на албанската историографија и лингвистика, што Ви донесоа значаен престиж, научни титули, па и почесно членство во албанската Академија на науките. Од кога всушност започна Вашиот научен интерес за албанологијата? ПРОФ. Д-Р КАПЛАН РЕСУЛИ - БУРОВИЌ: Уште 1955-та на Скопскиот универзитет ми стана конечно јасно дека на Балканот нема да има мир се додека не се разјасни албанското прашање. Затоа од Правниот факултет се префрлив на албанолошките студии и тука, во спротивност со она што го зборуваа и пишуваа не само албанските, туку и нашите, југословенски научници, во спротивност со она што се учи не само по училиштата на албански јазик (во Албанија и кај нас!), туку и по училиштата на нашите, јужно-словенски јазици, дознав дека Албанците не само што не се автохтони, туку и дека не се никакви следбеници на Пелазгите или на Илирите. Не ми го рече тоа никој од професорите на Албанологија, се разбира. Тие продолжуваа и натаму со приказната дека божем Албанците се автохтони пелазгиско-илирски наследници. Тоа го открив случајно студирајќи го албанскиот јазик, за кој сите се согласуваат дека е од типот САТЕМ. Според таа, глобална поделба на јазиците, проучувајќи го илирскиот јазик, дознав дека тој е КЕНТУМ. Најелементарната логика ми зборуваше дека еден САТЕМ јазик не може да биде директен следбеник, па ниту некаков дериват на некој КЕНТУМ јазик, без промена на неговиот супстрат. Бидејќи албанскиот јазик нема никаква промена на супстратот, значи дека тие, Албанците, не можат во никој случај да бидат генеoлошки следбеници на Илирите. Подоцна ова го најдов и кај светските професори и научници Паул, Хирт, Вајганд, Томашек, Парван, Георгиев, Пушкариу и многу други кои со бројни научни аргументи, лингвистички и историски, докажаа дека не само што Албанците немаат ништо заедничко со Илирите, туку и дека не само што тие не се автохтони на ниедно друго место на Балканот, туку тие тоа не се ниту на просторите на сегашна Албанија. Вајганд, на пр. формулира 12 аргументи. Јас на сите нив додадов уште пет. За жал, овие научници не се споменуваат на Албанологија, ниту во Албанија, ниту во Југославија и Македонија, поради тоа што албанските професори свесно ја кријат вистината за потеклото на Албанците и, место неа, на учениците и студентите им ги сервираат лагите за автохтоноста и илирското потекло. Преку нив тие го трујат целиот народ. Ова сигурно не се прави случајно туку со цел Албанците да се поттикнуваат против соседните народи со што, фаќајќи се на јадицата на некакви измислени широки етнички територии, да бидат искористени како топовско месо за интересите на сопствените криминализирани водачи и на меѓународниот Капитал. Главниот мотив што ме поттикна да се спротивставам на албанската псевдонаука за нивното илирско потекло беше вистината, љубовта кон вистината, посебната наклонетост кон неа, а втор и не помалку важен мотив, ми беше и фактот што, гледајќи дека Албанците се задојуваат со шовинизам и расизам, се поттикнуваат за борба против соседните народи, се надевав дека Албанците, доколку им се објасни вистината, ќе се оттргнат од приказните, легендите и митовите за нивната автохтонија и илироманија, со што ќе престанат и со својата неоправдана и неоснована омраза кон своите соседи. - На каков одзив сред албанската јавност наидоа Вашите албанолошки проучувања и откритија? ПРОФ. Д-Р КАПЛАН РЕСУЛИ - БУРОВИЌ: Еднаш и Енвер Хоџа лично беше принуден јавно да признае дека на албанската наука и недостасува научната објективност. Албанската поетеса Мимоза Еребара во Академијата на науките директно ги запраша како стојат работите со моите научни откритија. И’ рекле: "Го знаеме ние тоа сосем добро и пред Каплан, но не е време сето тоа сега да се каже!" Откако преку ревијата "SЛБЕРИ" (излегува од 1993 г. во Женева), особено преку мојата албанолошка збирка ИЛИРИТЕ И АЛБАНЦИТЕ ги демонстрирав и писмено моите гледишта, албанскиот академик, д-р Винценц Голлети, преку печатот изјави: "Ставовите на Каплан Буровиќ за албанолошките проблеми, особено за проблемот на потеклото на Албанците, треба најтопло да се поздрават, додека студиите што тој ги објавува во врска со тие проблеми треба да се пропагираат во целиот научен свет". По него следуваше и албанскиот научник д-р Ардијан Клоси кој сред Тирана јавно се спротивстави на хипотезата за илирското потекло на Албанците. Со мене се согласија, преку печатот, уште неколкумина млади албански научници од кои особено би ги споменал Фатос Љубоња, проф. Ардијан Вебиу и др. Можам да речам дека денес се појави група нови албански научници, која не се согласува повеќе со лажните митови и храбро ја прифаќа научната вистина. Се гордеам со тоа што јас ја предводам оваа група и што сите тие од мене ја презедоа неопходната научна смелост. Зашто, ве уверувам, тоа не е ни малку лесно, зашто екстремните албански националисти, шовинисти и расисти, на чело со Исмаил Кадаре, преку најжестоко шиканирање и сатанизирање се обидуваат по секоја цена да не’ замолчат. Споменатиот д-р Ардијан Клоси, штом изјави дека хипотезата за илирското потекло на Албанците е неоснована, додаде: "Но подобро да не зборуваме премногу за тоа, зашто ќе не прогласат за антиалбанци!" И, не’ прогласија. - Од кога всушност датира најстарото сведоштво за постоењето на Албанците и на албанскиот јазик? ПРОФ. Д-Р КАПЛАН РЕСУЛИ - БУРОВИЌ: Најстариот евидентиран текст на албански јазик е Формула е паљезимит (Формула за причестување), преведен од латински на албански јазик на 8.11.1462 год. од Црногорецот Павле Анѓелиќ, кого Албанците го албанизираа под името Пал Енгјлли. Првата книга на албански јазик МЕСХАРИ (Книга со Миси), прирачник за верска проповед, датира од 1555 год., а напишана е од Хрватот Иван Бузук и објавена во Црна Гора. И него, се разбира, го албанизираат под името Гјон Бузуку. Колку да знаете, и првиот буквар на албански јазик, по прогласувањето на независноста на Албанија е дело на Словени и Власи. Доситеј Обрадовиќ е човекот кој прв во историјата отвора училиште на албански, додека токму Србија беше првата држава што ја призна независна Албанија. Македонците имаат особено учество во изградбата на албанската култура. На пример, еден од најстарите книжевници на Албанија е Македонецот Петар Буди (1566-1622) кој има објавено и три книги на албански јазик, а Македонец е и Јован Кукузел, кого Албанците исто така го присвојуваат и албанизираат под божемното име Јан Кукузели иако се знае дека тогаш кога тој се родил во Драч, VI век, тука се уште нема ниту еден единствен Албанец. Да ве потсетам само уште на Григор Прличев (1830-1893), кој извесно време е и учител во Тирана, кој ја објави и прекрасната поема СКЕНДЕРБЕГ. Неспорен е фактот дека секогаш на чело на своите позитивни процеси Албанците имале имено неалбанци. Да ги споменеме во оваа прилика уште само Ѓорѓи Кастриот-Скендербег, со несомнено словенско потекло, па Наим Фрашери (Влав, албански национален поет) или Фан Ноли (Грк, вистинското име му е Теофан Мавроматис), Петар Богдан, Србин, или Исмаил Кемали, Турчин, кој ја прокламираше албанската независност 1912 год. Како што гледате, темелите на албанската култура и државност се удрени од неалбанци, при тоа голем број од нив Словени, но тоа воопшто не им пречи на албанските националисти или "марксисти-ленинисти", сеедно, да се удираат в гради дека се’ сами постигнале и дека другите народи, особено соседите Словени, им биле само непријатели. - Непобитен е фактот дека и во самата Албанија топонимијата речиси без исклучок е словенска. На што се должи тоа? ПРОФ. Д-Р КАПЛАН РЕСУЛИ - БУРОВИЌ: На територијата на денешна Албанија, како што тоа веќе го потврдија најистакнатите светски научници, од кои дел веќе споменав, први се населиле Словените. Во 548 год. од н.е. тие влегуваат и во Дуррацхиум (Драч, Дуррлс). Албанците доаѓаат преку Трансилванија (Романија) и Бугарија дури во IV-V век. Во меѓувреме, се разбира, Словените веќе ги именувале сите планини и долини на Албанија, сите реки, градови и села, па изградиле и нови, давајќи им свои, словенски имиња. Кога Албанците доаѓаат на Балканот и во сегашна Албанија не им преостанува ништо друго освен од Словените да ја преземат таа топонимија. Голем дел од Албанија е преплавен од српски и од македонски топоними. Само за пример да ги наведам градовите Поградец, Корза, Зоровода, Берат, Бозиград, Лесковик, Воскопоја, Кузова, Келцира, Белс и др. - Во македонската јавност малку е познато дека над 90 проценти од лексичкиот фонд на албанскиот јазик се зборови преземени од други јазици. Вие особено ја имате анализирано темата на словенизмите во албанскиот јазик. Би било интересно да се проговори нешто повеќе за тоа? ПРОФ. Д-Р КАПЛАН РЕСУЛИ - БУРОВИЌ: Првпат и дипломирав во Скопје токму со темата "Словенизмите во албанскиот јазик". И втората диплома, на Универзитетот во Тирана, ја одбранив со тема од лингвистиката. Особено во РЕЧНИКОТ НА АЛБАНСКИОТ ГОВОР ВО УЛЦИЊ ја имам обработено етимологијата речиси на сите зборови. Всушност, може да се претпостави дека, доколку Турците не дојдеа на Балканот, албанскиот јазик за не повеќе од 100-200 години целосно би се словенизирал. Српскиот, македонскиот и бугарскиот јазик толку длабоко беа навлегле во албанскиот што ја имаат преплавено не само лексиката, туку ги имаат изместено и неговата фонетика, морфологија и синтакса. Освен на значајниот културен престиж на овие јазици во однос на албанскиот, ова исто така се должи и на значителната албанизација на не мал број Срби, Македонци и Црногорци, особено оние веќе претходно исламизирани. Како што е познато, Албанците имаат силно развиена моќ на асимилација. Дека тие во добар дел се по потекло Срби, Македонци или Црногорци, сведочат и нивните патроними, презимиња, а многумина од нив и ден-денес дома си го зборуваат словенскиот јазик. Во Албанија има цели региони долж границата, особено кон Македонија, населени со компактно словенско население, кое е побројно дури и од, да речеме, Албанците во Македонија. - Да проговориме нешто и за бројните етноними кои од страна на Албанците, често пати неосновано, се наметнуваат како синоними. Од каде всушност толку многу етнички имиња за Албанците? ПРОФ. Д-Р КАПЛАН РЕСУЛИ - БУРОВИЌ: И тоа сигурно сведочи за самата етногенеза на Албанците по нивното доаѓање на Балканот и населувањето на северноалбанските планини. За Илирите веќе споменав, а вториот етноним на кој претендираат, Дарданците, познато е, не биле Илири туку Тракијци. Па и да биле Илири, повторно немаат никаква врска со Албанците, зашто таква врска немаат ниту самите Илири. Науката тоа веќе сосем јасно го докажа. Што се однесува до Албаноите, тие се келтско племе кое на територијата на сегашна Албанија, во областа Мат, стигнува во IV век пред н.е. Денешните Албанци, всушност, единствено, многу, многу, подоцна го преземаат нивното име, слично како сегашните Бугари од несловенските Аспарухови Бугари, или сегашните Французи од старите германски Франки, деформирајќи го старото келтско име во Арблн/Арблр. Арбанаси е следното нивно име со кои ги нарекуваат нашите предци, Словените, во текот на средниот век. Арнаути е името со кое ги нарекуваат Турците. Треба да се знае дека не биле сите Арнаути во исто време и Албанци. Бидејќи Арнаутите (Албанците) се афирмирале во Турската империја како наемници, почнале и сите други наемници да ги нарекуваат Арнаути. А тоа значи дека имало и Срби, Црногорци и Македонци АРНАУТИ, зашто и делови од нив се исламизираат, па како муслимани служат под турското знаме не само како обични војници туку и како арнаути (наемници, мерценари). Скиптар (или Шиптар и деформирано Шифтар, сите потекнуваат од албанскиот апелатив Схљиплтар) е денешното национално име на Албанците, меѓу нив распространето во XVIII-XIX век, а под влијание на името Осман, како што се нарекувале Турците. Имено, осман на турски е "орел", додека на албански "shqipe". Така Албанците од муслиманска вера сакале да се поистоветат со муслиманите Турци, што била цел и на Портата, па дури и на оригиналната платформа на Призренската лига, која изворно воопшто не е албанска туку Панисламска. Дури, доколку нејзините првични заложби успееја Албанците најверојатно веќе немаше да ги има зашто сите тие во меѓувреме ќе станеа Турци. - Тука е секако и познатата поделба Геги-Тоски од што произлегува и познатото јазично прашање кое, се чини, се уште не е надминато меѓу Албанците? ПРОФ. Д-Р КАПЛАН РЕСУЛИ - БУРОВИЌ: Јазичниот спор во Албанија и денес не е разрешен. Иако службено (и насилно!) Енвер Хоџа го воспостави за заеднички, официјален јазик, тоскинскиот дијалект (до тогаш беше гегинскиот) Гегите не се предаваат. Тие и ден-денеска продолжуваат да го зборуваат и пишуваат својот дијалект, иако се прогонувани за тоа и малтретирани. Во 1965 год. кога во Албанија на гегински дијалект го објавив романот "Предавство" Албанците од северна Албанија јавно побараа јазикот на овој роман да се прогласи за литературен и службен јазик на Албанија. И тоа беше една од причините за мојата сатанизација што трае се’ до денес. Треба да знаете, инаку, дека разликите меѓу гегинскиот и тоскинскиот дијалект се многу поголеми отколку разликите меѓу некои словенски јазици, на пр. македонскиот и српскиот. Од друга страна, повеќе Албанци, околу две-третини, зборуваат гегински, кој е лексички побогат, почист, а има и многу поголеми изразни можности. Со наметнувањето на тоскинскиот дијалект, што имаше и има чисто политички карактер, се прави едно злосторство врз Албанците и врз нивната култура. - Една од заблудите, за жал, се чини некако премолчно прифатена и надвор од Албанија е т.н. монолитност на албанската нација во Р. Албанија во која наводно живеат 97-98% етнички Албанци, за што претходно нешто веќе кажавте. Каква е, според Вас, реалноста на тој план во Албанија? ПРОФ. Д-Р КАПЛАН РЕСУЛИ - БУРОВИЌ: Кога Албанија е прогласена и призната за независна држава (1912-13) нејзиното население изнесуваше 700.000 жители од кои едвај 50% беа Албанци, додека втората половина беа Власи (околу 20%), Словени (Македонци, Срби, Црногорци, околу 15%), Грци (околу 5%) и други (Турци, Роми, Черкези, Италијанци, Евреи и др., околу 10%). Со текот на времето, најмногу насилно, со негирање на сите национални права, па и правото да зборуваат на својот јазик на родните огништа или да го носат своето национално презиме, тие во извесна мерка се асимилирани. Но, и покрај таквата присилна албанизација, во Албанија и денес над 30% од населението зборува на неалбански јазик и ја чува својата неалбанска национална свест, иако се регистрирани како Албанци зашто поинаку не им се дозволува. Неалбанското потекло на жителите на Албанија е очигледно и од нивните пезимиња: Белло, Блусхи, Богдани, Буда, Буди, Дида, Добраци, Драговоја, Драгусха, Хавери(ќ), Каписузи(ќ), Мекси, Милани, Милосхи, Мојсиу, Музака, Најдени, Пеку, Прела, Рука, Силиљ, Скура, Схунди, Зиу и многу други. - Во Вашите проучувања особено внимание имате посветено и на извршената етничка експанзија на Албанците во последните 2-3 века кон соседните (српски, македонски, грчки и др.) области, за кои сега, последниве неколку децении, токму нив да почнат да ги нарекуваат нивни "етнички територии" на кои наводно живееле од памтивек? ПРОФ. Д-Р КАПЛАН РЕСУЛИ - БУРОВИЌ: Тоа е навистина апсурдно и, во секој случај, добро е што сепак се зачувани бројни докази за нивната неспорна експанзија, кои јас интегрално ги имам собрано и објавено во мојата студија "Потеклото на Албанците на Косово, во Македонија, Црна Гора и Грција". Треба да се биде објективен и да се каже вистината, не само заради вистината сама по себе, туку и затоа што таа ќе придонесе за надминување на многу проблеми на Балканот. Дека Албанците дури во последниве векови се проширија во соседните земји призна јавно, преку печатот, и најголемиот современ албански научник, академик проф. д-р Ељрем Цабеј кој притиснат од бројните аргументи не можеше, а да не констатира дека "сегашните територии на кои живеат Албанците не се зона на РЕСТРИКЦИЈА, туку зони на ЕКСПАНЗИЈА!" И не само тој! Тоа се потврдува и во самата HISTORIA E SHQIPERISE составена од самите албански научници. - Неодамна од Тирана беа лансирани некакви "податоци" за постоење на 14 милиони Албанци. Меѓу многуте пак значајни "албанци" кои ја задолжиле светската цивилизација беше вброен дури и Александар Македонски!? ПРОФ. Д-Р КАПЛАН РЕСУЛИ - БУРОВИЌ: Го прочитав и јас тоа. Албанскиот академик, проф. д-р Скендер Ризај еднаш дури во своите "научни" дела објави дека и сите Срби, Црногорци, Македонци, Босанци и Херцеговци се, всушност, словенизирани Албанци. На тој начин, би требало да "признаеме" дека не се само 14 туку можеби и 140 милиони. Јас веќе објавив една студија за "научното" дело "Илирите зборувале албански - Албанците зборуваат Илирски" објавена од Прелоц Маргилјај. Би навел во оваа прилика само неколку куси цитати кои често можат да се сретнат и кај други албански историско-лингвистички "експерти": "Албанците се еден од најстарите народи во Европа" (стр. 438) "веќе е јасно дека Крит е првото жариште на културата и цивилизацијата во егејскиот простор и во Европа. Крит од незапомнетите времиња на минатото беше населен со пелазгискиот, односно илирскиот или албанскиот народ, па на Крит владеел албанскиот јазик кој, со други зборови, е појдовната точка и првиот извор на европската култура и цивилизација" (стр.296). Поаѓајќи од ова, овој албански "научник" бара албанскиот јазик да се воведе по сите училишта во светот како задолжителен јазик зашто, според него, без познавање на тој јазик не би можела да се разбере светската култура(!?). Во однос на Александар Македонски, инаку, и лично Енвер Хоџа пишуваше дека е тој Албанец, изнесувајќи го тоа и во еден разговор со тогашниот индиски амбасадор во Тирана, како божем лично тој, Енвер, да го пратил во Индија и тоа како амбасадор, за да воспостави пријателски односи меѓу овие две земји и народи. Овие, несомнено расистички мечтаења на Албанците се сигурно плод на нивната економска и културна сиромаштија, на нивната заостанатост и задоцнет развој во однос на другите народи, меѓу кои и на соседите и, би рекол, на нивната фрустрираност поради сето тоа. - Верувате ли, сепак, во можноста од страна на младите, неоптоварени научници и политичари во Албанија да биде прифатена реалноста и тие, откажувајќи се од големоалбанските соништа, да дадат свој прилог во развивањето вистински добрососедски односи? ПРОФ. Д-Р КАПЛАН РЕСУЛИ - БУРОВИЌ: Верувам! Јас веќе ви наведов и неколку имиња на такви млади научници. Можам да ви наведам и имиња на млади политичари растоварени од големоалбанските мечтаења. Но, тие се уште немаат доволна моќ за тоа, освен своето перо и добрите намери, со кои не можат слободно да дејствуваат зашто албанскиот печат е нагласено цензуриран од големоалбанците, а по улиците на градовите, колку и да звучи неверојатно, за жал, се уште крстарат гангстери кои, во служба на албанската социјал-фашистичка банда, се подготвени секого да го удрат со цигла по глава или со куршум в чело! - Веќе десетина години, како политички емигрант, живеете во Женева, Швајцарија. Имате ли впечаток дека т.н. демократска Европа и Западот, воопшто, ги разбира нашите балкански состојби? ПРОФ. Д-Р КАПЛАН РЕСУЛИ - БУРОВИЌ: Демократска Европа, се плашам, барем во однос на нас, воопшто не постои. Антидемократската, пак, никогаш не ги разбирала, ниту сака да ги разбере нашите балкански тегоби. Европа била и во моментов се’ уште е единствено во служба на Капиталот. Нејзината "демокрација" е само израз на тој Капитал. Нашите балкански народи и состојби ги користи за свој пробив и завладување со светот, за своја борба против вистинската, реална демократија и нејзините носители. - Согласно Вашето богато животно искуство, по се што во минатиот период се случи на Балканот, а што, за жал, кулминираше и со неколку крвави војни, сметате ли дека сето тоа, едноставно, мораше да се случи? - Не! Никако не! Сето тоа можеше и може, па дури и треба да се реши без крв. Нека докажат Албанците дека и Москва е нивна, па нека им се даде и таа. Но се’ додека тоа не го докажат, не смее да им’ се даде ниту еден камен од нашите татковини, не само за да не ни го осквернавуваат, туку дури ниту со него да си ја разбиваат главата. - За крај, верувам би било интересно да се чуе Вашето предвидување како работите би можеле да се одвиваат во непосредна иднина? ПРОФ. Д-Р КАПЛАН РЕСУЛИ - БУРОВИЌ: Американците веќе ја постигнаа својата цел - на Балканот ги инсталираа своите воени бази. Да се надеваме дека веќе нема да го поддржуваат тероризмот и да ги употребуваат Албанците како топовско месо. А и Албанците, сигурно, во меѓувреме ќе се освестат и повеќе нема да дозволуваат Американците или кој и да е друг да ги употребува на тој начин. За тоа, се разбира, самопрегорно треба да помогнеме сите. Се надевам дека за тоа ќе придонесе и ова интервју, за што најискрено ви заблагодарувам, не како туѓинец, туку како ваш брат, зашто Скопје секогаш сум го сметал за мое второ родно место, а Македонија за моја втора, вистинска татковина. Ја користам можноста најискрено да ги поздравам сите мои школски другари и другарки од Скопската гимназија "Ј. Б. Тито", како и персоналот на македонските амбасади во Женева и во Тирана со кои повеќе пати сум се сретнал и чувам прекрасни спомени од разговорите со нив, особено со донеодамнешниот ваш амбасадор во Албанија, Ристо Никовски. Се разбира, посебен поздрав и до моите другари и "соборци" од КПД "Идризово".