60 години од ликвидирањето...
60 години од ликвидирањето...
Whitebaby Шеесет години од ликвидирањето на ваташките младинци во Моклиште, Кавадаречко Ги наредија божем ќе ги фотографираат, а потоа ги стрелаа Денеска се навршуваат 60 години од стрелањето на 12 ваташки скоевци во Моклиште, Кавадаречко од бугарскиот фашистички окупатор. Павлина Касапинова од Ваташа е една од четирите девојчиња што со плач го набљудувала стрелањето на нивните другари, во Моклиште кај Ваташа, на 16 јуни 1943 година. Ова е нејзиното сеќавање на тој крвав ден: "Беше 16 јуни, роденденот на бугарскиот престолонаследник, кнез Симеон Трневски. Тогаш бугарските фашисти го загубија трпението. Во еден спарен летен ден, под водство на полковникот Апостолов, командант на 56. пешадиски полк, стациониран во Велес, реши роденденот на престолонаследникот да биде свечено прославен. Уште во раните мугри зачука барабанот. Сите што слушнаа, излегоа. Се собраа пред селската кафеана. Излегоа и повеќемина наши другари. Сите ја слушнавме наредбата оружје, муниција и облека, секој што има во својот дом да ја донесе пред кафеаната. Ваташани пред кафеаната донесоа стари матарки, ќебиња и други незначајни предмети. Оружје не изнесе ниту еден". "Тоа утро, кога мирисаа цветовите, шумолеа јаворите и брезите, бугарскиот фашистички окупатор го прекина детскиот сон, речиси од кревет не извлекоа шеснаесетмина врз основа на една фотографија од еден мајски излет со другарите од Ваташа, а која беше повод и сведок за колежот на 12 младинци. Еден по еден не водеа на сред село, во кафеаната на Васил Хаџи-Јорданов. По кратко сослушување, долго не измачуваа и тепаа со кундаците, а поручникот Костов одвреме-навреме подигнуваше чоканчиња полни со ракија. Васо Хаџи-Јорданов одвратно го служеше џелатот. На неколку мои другари образите и очите им беа помодрени и потечени. И мене ме доведоа пред Костов, а тој мошне иронично ме прашуваше дека се знаат за нас, дека им е познато кога не примиле во СКОЈ. "Не знам ништо за она што ме прашувате", им реков. "Првпат слушам за СКОЈ?", беше мојот втор одговор. Во истиот момент почувствував жешка шлаканица во десниот образ, а потоа еденоподруго се редеа уште неколку силни удари. Откако не успеа да извлече ниту збор, поручникот Костов и уште двајца агенти излегоа надвор, а по малку повторно се вратија во кафеаната. Еден од полицајците ја отвори вратата и нареди момчињата со искинати кошули, крвави лица и премалени да излезат навдор, каде што сонцето печеше како под вршник. Ги построија двајца, по двајца. "Нека излезат и девојчињата!", нареди. На улицата пред кафеаната долга колона полицајци и војници и не опколија од обете страни и наредија да тргнеме надвор од селото кон Моклиште. Воздухот спарен и жежок, пеколна горештина како никогаш дотогаш. Кога стигнавме до Дуловото Долче, наредија да свртиме кон ливадата во близина на јаворовите сенки. Ги забележав исплашените лица на моите другари. Беа бледи, измачени до немајкаде, а сепак со исправен поглед, горди за успешниот развој на борбата. Ние четирите другарки Стева, Ката и Невена, бевме малку понастрана. Момчињата ги наредија божем ќе ги фотографираат за спомен, ги натераа да запалат и цигара. А нас девојките, не изеде јанѕа... ако ги сликаат, тогаш и нас треба да нў остават со нив... Во тој момент, полковникот Апостолов нареди војниците со митралези да застанат пред стројните момчиња. Најстариот наш другар Васо убаво го познаваше овој терен. Го забележав како скришум фрли поглед кон реката и притоа силно извика: "Другари бегајте, ќе не стрелаат овие крволочни гадови". Потоа со неколку чекори го прескокна потокот и трчаше кон шумичката, небаре ќе се домакне до "слободата". Се се случи во еден миг. Веднаш по него побегна Диме Чекоров и Герасим Матаков, меѓутоа, се беше доцна. Костов со разбеснет глас нареди: "Стрелајте"! Од построените војници вооружени до заби, со митралези по нашите другари истурија смртоносни рафали. Видов како Васо падна. Војниците беа сосема близу до другите другари и не им беше тешко да ги изрешетат. Првите куршуми го стигнаа и Герасим, кој смртно погоден падна до коритото на Луда Мара... Остана омразата за ваташкото злосторство што и по шест децении не се заборава. Од младешката крв на Васил Хаџи-Јорданов, Блаже Ицев, Пане Џунов, Диме Чекоров, Илчо Димов, Пане Мешков, Данчо Давков, Герасим Матаков, Фано Гурев, Ристо Јордев, Перо Митев, Ферчо Поп-Ѓорѓиев, сите на возраст од 15 до 20 години каде што беа стрелани, по неколку години изникнаа 12 јавори. (Р.П.)
vmro slava im ! mada gi zaboravia... :o(
NARCIS` Slava im . A zaboraveni se odamna.