Тава со пилешко месо
Тава со пилешко месо
Strelec Со оглед на тоа што од вчерашните јунешки шницли не ви остана ништо за денес, се одлучив да ви дадам нов рецепт. И сега од јунешко преминуваме на пилешко месо, со тоа што ќе употребиме комбинација на пилешки копани и пилешки гради. Потребни состојци: 1кг. пилешки копани 1/2кг. пилешки гради 500г. сецкани шампињони 1 главица кромид 1/2кг. рендан кашкавал 400мл. павлака 250мл. млеко масло брашно сол мешан зачин магдонос Подготовка: Ќе започнеме со варење на пилешкото месо, кое потоа се чисти од коските и се сече на поголеми парчиња. Главицата кромид ситно се сецка и се пропржува во загреано масло заедно со печурките. Во земјена тава најпрвин се реди 1/3 од пилешкото месо, потоа 1/2 од печурките, малку мешан зачин и магдонос. Врз сето тоа се ренда половина од кашкавалот и се премачкува со 150мл. павлака. Уште еднаш се повторува редењето, по истиот редослед (1/3 од месото, остатокот од печурките, мешан зачин, магдонос, остатокот од кашкавалот, 150мл. павлака). Потоа на масло се пропржуваат две лажици брашно и се додава 250мл. млеко. Оваа смеса се истура преку целата тава. Последниот слој се реди со преостанатото месо. Се пече околу 40 минути на 200 целзиусови степени. Откако ќе се извади тавата од рерна, треба малку да се олади и потоа се премачкува со остатокот од павлаката. Се служи со сезонска салата, а ви препорачувам и било какво (бело или црвено) суво вино. Знам дека ова ви изгледа дека е малку посложен рецепт, но така е само на прв поглед. Инаку едноставен е за приготвување. И уште нешто. Бидејќи се работи за поголема количина јадење, размислете за варијанта да повикате и неколку комшивки да ви помогнат околу "уништување" на оброкот.
ozonce ushte da dadeshe da go probame, pa ako e slatko da go napravime :)