Лидија Димковска
Лидија Димковска
Thief Лидија Димковска - поет, есеист, теоретичар на книжевноста, преведувач. Родена е во Скопје на 11 август 1971 година. Завршила Филолошки факултет во Скопје на групата Општа и компаративна книжевност, а докторирала на тема од романската книжевност на Филолошкиот факултет во Букурешт, Романија. Работела како предавач по македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Букурешт. Уредник е на одделот за поезија во електронското списание за култура и уметност „Блесок“. Член на ДПМ. Автор е на поетските книги: Рожби од исток (1992), Огнот на буквите (1994), Изгризани нокти (1998), Нобел против Нобел (2001). Составувач на антологијата Дваесет млади македонски поети (2000). Добитник е на наградата „Студентски збор“ за најдобра дебитантска книга. Живее и работи во Љубљана.
Thief Рожби од исток (1992) Вода Од бардак пијам изворица а во неа пливаат сонца кое од кое посончево. И се чудам како водата е ладна, ама капките и’ биле месечинки, и се чудам кога на дланки ја истурам дали таа има боја на рака или раката има боја на вода. Ако го скршам бардакот водата ќе плаче човечки. Ако ја истурам водата и тој дом што го има ќе се запусти. Ќе талка таа и од чемери серпентини ќе прави, луѓето ќе ја нарекуваат грешница и со неа ќе си ги мијат гревовите.
Thief Рожби од исток (1992) Робинка на радоста Ми врзаа роса на петите и ме заборавија во оризово поле да воденам. Во мене се вљубени сите оризари со бели очи. Немало лек за жедта, велат, оти сите води му биле сестри на сонцето а јас сум се родила нерода на сушата, и само една капка во мојот допир породува леи. Во зори рози ми донеси во риза ме облечи росата го отвора морето. Ориз во мојот бел ирис расте, јас сум робинка на радоста Озирисе.
Thief Огнот на буквите (1994) Самјак Не ме собира ниедна куќа ни светот не ми е дом. Црно пиле над желките, празнина во дивјак, недоволна е тишината за пеколен лет. Паганко, што друго си ако не мажјак во џунгла лијан на светковини. Ќе летам сама, време е, самјакот е нож, ќе ме бара овој круг но ќе пеам. Не сум виновна. Песната не ми ја збира ни космос ни времето во црно острило.
Thief Огнот на буквите (1994) Серафим Да може барем ден да почека многушумниот гроб на гласот, кременот знае каде ќе ги спои птиците, но да може барем летот да го задоцни. Коњаници нудат мртви коњи за ракатка љубов во сено, оди кажи им Чума е се крстевме од лево. Серафим е молња Серафим е божјо ждребе го лизга дождот огнено го крши дрвото со море, а морето со икра. Ова беше моја ноќ, а она твој ден светлината си имаше друм а ние поздрав. Сега само огнот знае кои сме само огнот (и во сон не го испуштаме од дланки да не не‘ снема!). Серафим е моќ Серафим е божјо сонце ги врзува клисурите го менува пладнето за вршник и крштева мртви. Ме изгоре Серафиме ме распеа.
Thief Огнот на буквите (1994) Тежината на знаците Легенот е икона на знакот што ме знае. Тешко е небото, но имам нозе бојни и чело - самар, се‘ за прекрасните болки. Од мене се трие листот, ме отпечатува. Пусти, пусти знаци везови ридја не бојте се, ни почин ни смрт имате. Пеењето и мене мојот живот не носи наушка.
Thief Огнот на буквите (1994) (Не)заборав Ни дрвото да ме гледа дур' го гледам ни бродот да ме поздравува дури го испраќам. Миризлив брош од дуњи во палецот свилени завеси спушта наглавечки ме обвива мракот и во нозе Мугра! И трча, трча свилениот ден ноќно жилав и тенок. И кал и амам, па која светлина може нека ме протолкува и нека ме заборави.
Thief Огнот на буквите (1994) Огнот на буквите Федерико, јас горам. Ова е перонот на огнената змија или делириј на кромидот? Здравјето во мојот салон на седмиот кат на морето наздравува за силната болка. Силна болко, те честам со масакр. Ти имаше син и јас имав син но ми го изедоа буквите. Еве цел еон јас нив ги јадам и ќе родам тотем. Горам јас, Федерико и огнот вратен дома не е веќе номад но цар на патот.
Thief Огнот на буквите (1994) Дон Кихотова ќерка Долго нема да се родам. Тревата се движи животните слават доења кругот се вселил во сите лози. Мајка ми ме носи девет века небаре ме зачнал селанец сред рало татко на тврди стебла. Нема шега! Или ќе бидам дева или месечина ќе бидам. А бре луд Кихоте изорај го сончевото тркало и бакни ја мајка диво, па буди го селото со чекан. Ете ме мене со забрадено срце сон немам ама, село, сон ќе ти земам! Кихотова ме викаат децата со каменчиња во кикотот, Дон Кихотова ќерка улава. Ем дева Ем хетера.
Thief Изгризани нокти (1998) Старицата му пишува на својот старец Оти не се надевам пак да се вратам во зелената соба оти не се надевам на стариот праг ни кога ќе биде лошо време ни ако фати војна ни кога ќе бидам уште постара а и ти исто така стар Зошто да ги чуваш сувите билки рускиот монокл за златната свадба сонот за синот што не се роди повојот за синот што не го родив првата перница, шнолите, нашите дланки во парата на стаклото, зошто да го чуваш она што бевме Толку многу остарев во овие сто години ти беше постар од мене, а сега си помлад, никаков пат нема крвта ниту пак во нешто има крв оваа зима толку многу студи се изгори, огреј се, огнот е важен, не она што гори Оти не се надевам пак да се вратам заклучи се два пати зафрли го клучот спиј во столот за нишање топло е јас штом горам не грижи се топло е, спиј, нека не те плашат коските што крцкаат во огнот Оти не се надевам пак да се вратам не ќе можеме живи да си одговориме зошто помина така животот не поинаку ти во мојата смрт јас во твојата ќе те сретнам, дури тогаш, оти не се надевам пак да се вратам дома. Никогаш.