Македонија во чест на свети Кирил
Македонија во чест на свети Кирил
OooOo
Црвенковски на прием кај папата
Во рамките на манифестацијата "Македонија во чест на свети Кирил" претседателот Бранко Црвенковски вчера во Ватикан беше примен од папата Јован Павле Втори. На средбата подоцна се приклучија и членовите на официјалната делегација и претставниците на православната и католичката црква од Македонија. Црвенковски имаше обраќање на кое од името на Република Македонија ги пренесе поздравите, почитта и благодарноста до папата. Тој ги истакна огромната почит и важноста на учењето и мисијата на големите просветители, светите Кирил и Методиј. Претседателот го информираше папата Јован Павле Втори за активностите што нашата земја континуирано ги презема во насока на јакнење на меѓуетничката доверба, соживотот и на верската толеранција, а го истакна и приоритетното значење на подобрувањето на економската состојба и животниот стандард на нашите граѓани, како и поднесената и прифатена апликација за членство во Европската унија. Во обраќањето папата изрази срдечни поздрави до македонските граѓани, потврдувајќи дека Македонија со разум покажа оти сака да се движи по патот на мирот и помирувањето. Тој изрази срдечна желба и убедување дека граѓаните на Македонија ќе станат дел од обединета Европа. На крајот, папата искажа благослов за просперитет и мир на Република Македонија. По приемот кај папата, претседателот Црвенковски имаше средба и со државниот секретар на Ватикан, кардиналот Анџело Содано, на која е потврдена одличната соработка помеѓу двете држави и се разговараше за конкретизирање на заемната поддршка. Во базиликата "Сан Клементе" се одржа молебен на гробот на свети Кирил, раководен од владиките на Македонската православна црква Тимотеј и Наум, а во присуство на скопскиот бискуп на католичката црква во Македонија, Јоаким Хербут. Претседателот Црвенковски положи и венец на гробот на св. Кирил. Манифестацијата "Македонија во чест на св. Кирил" синоќа заврши со отворање на изложбата Иконостас. Во рамките на манифестацијата "Македонија во чест на св. Кирил" завчера на македонската министерка за надворешни работи Илинка Митрева и постхумно на претседателот Борис Трајковски им беа доделени награди за мир.