Ледена пештера - 30 км. од Скопје
Ледена пештера - 30 км. од Скопје
OooOo Ледената пештера ги чека посетителите Водените капки што паѓаа врз нас значеа уште многу идни украси во пештерата. Триесетина километри југозападно од Скопје, затскриена на падините на планината Караџица, се наоѓа прекрасната Ледена пештера, одамна позната за спелеолозите, но непозната за поголемиот дел скопјани. Со цел да ги промовира пештерата и нејзината убава околина, екипа на "Дневник", заедно со членови на спелеолошкото друштво "Пеони", викендов ја посети месноста Тури Бунари на Караџица. [img]http://int.dnevnik.com.mk/izdanija/2463/7713.jpg[/img] Патувањето до Ледената пештера води низ селото Нова Брезница, до кое се стасува по патот што оди кон новото вештачко езеро Козјак. Од селската црква во Нова Брезница се продолжува пеш, по стар земјен пат, по кој некогаш врвеле селаните, кои одамна го напуштиле селото. До пештерата не очекуваше час и половина благо искачување, исполнето со впечатоци од прекрасната природа и со возбудата од претстојната средба со прастарите пештерски украси. Покрај патчето, кое наместа прилега на козја патека, се простираат низи од ливади и шуми. Погледот го опиваат огромните виолетови колонии од расцветан здравец и мајчина душичка, а другите сетила уживаат во опојните мириси, звуци и допири на природата. Пештерата тешко се наоѓа, до неа нема обележани патеки, но лесно се снајдовме, зашто спелеолозите при претходните посети со врзани најлончиња на дабовите гранки, обележале каде треба да се скршне. Уште по патот, претседателот на "Пеони" Иван Жежовски ни ја раскажа историјата на пештерата: - Оваа пештера "Пеони" ја пронајде во раните шеесетти години. Ја испитуваме подолго време, снимена е топографски и фотографски и е картирана. Се наоѓа на карстен, варовнички терен, богат со разни гео-морфолошки форми. Во овој крај има неколку пештери и педесетина длабоки јами, од кои дел се испитани. Кога ја откривме Ледената пештера, таа немаше име и ја нарековме Бела пештера, поради ретката карактеристика - проѕирните кристализирани украси. Но, една зима откривме дека во неа од снеговите се прават прекрасни ледени украси, кои долго време се задржуваат во неа, па ја нарековме Ледена. Влезот во пештерата е скриен од големо лешниково дрво. Отворот на Ледената пештера имаше пречник од неколку метри, а во внатрешноста се влегува со благо спуштање. Пред нас се отвори најголемата од трите сали, долга стотина, широка триесетина и висока десет метри. На средината гордо стоеја два големи сталагната (споен сталактит и сталагмит), создавани илјадници години. Погледот на сите страни се среќаваше со разни форми на украсите што прилегаа на вилици, факели, водопади, цвеќиња... Водените капки што паѓаа врз нас значеа уште многу украси во иднина. - Покрај многубројните сталактити и сталагмити, пештерата изобилува со каскади и со сливови што водата со векови ги обликувала. Интересно е што еден дел од формите кристализирал, што е ретка појава. До пештерата има една мала дупка или брлог, која исто така е полна со кристализирани форми. Другите две сали се далеку помали, но убави колку и големата - раскажува Жежовски додека врши обиколка на централната сала. За да ја зачува оваа карпеста убавица, "Пеони" изработил проект за уредување и заштита. Проектот предвидува да се уреди влезот во Ледената пештера, да се изградат неколку скали за спуштање во салата, патеката што води до неа да се посипе со ситен камен и да се постават патокази за да можат луѓето лесно да ја најдат. - Скопје секојдневно расте, а со него и потребата од што е можно повеќе уредени излетнички места. Свеста и навиките на луѓето се менуваат и се поголем е бројот на тие што шетаат во природа и бараат интересни места. Бараме донации и се надеваме дека наскоро ќе ја реализираме замислата да уредиме едно извонредно излетничко место, не само заради пештерата и јамите, туку и заради другите особености на овој крај - вели Жежовски. Во околината на Ледената пештера има многу стари бунари, што порано се полнеле со снег, по што местото го добило името Тури Бунари. Ливадите изобилуваат со цвеќиња, лековити растенија за чај, јадливи печурки и со огромни колонии диви јаготки. По неколкучасовната авантура екипата, збогатена со драгоцено искуство за убавините на околината на метрополата, ја напушти Караџица. Спелеолозите се надеваат дека ова уметничко дело на природата ќе привлече многу посетители и ќе претставува заедничка гордост.