Makedonski olimpijci
Makedonski olimpijci
AaaAa Македонските олимпијци без никаква помош од државата Маја Јовановска 28.08.2004 „Па зарем не можат да ни дадат по 100 евра плата, или барем да им обезбедат работа“ Освојувачот на сребрениот медал на Олимпијадата во Лос Анџелес во 1984-та година, кумановскиот боксер Реџеп Реџеповски, денеска е невработен и без какви било приходи за живот. Од сиот сјај и слава што ги имаше во осумдесетите, нему денеска му останаа само освоените 30 медали и 20 победнички пехари. Од тоа златно време, раскажува 42-годишниот Реџеповски, му останале и ветувањата дека тогаш неприкосновениот боксер ќе има среќна иднина. „И да не ти следува некоја плата како награда. Зарем имаме милион Олимпијци во Куманово, има двајца, па зарем не можат да им дадат по 100 евра плата, или барем да им обезбедат работа. Немам ништо, никој не работи дома“, вели Реџеп Реџеповски. Денеска сфаќам дека медалот навистина има две страни, вели Реџеповски, потсетувајќи се на денот кога по Олимпијадата во Лос Анџелес се вратил во родното Куманово. „Ме пречекаа како Тито, целиот народ излезе да ме пречека“, рече Реџеп Реџеповски. Од тогаш останале и неговите пријателства со славните Мате Парлов, Слободан Качар, Марјан Бенеш, а најсреќен е што во Лос Анџелес се запознал и со неговиот идол Мохамед Али. Иако пред 11 години и ставил крај на боксерската кариера, со неговиот син и ден денес не пропуштаат ниту еден натпревар. Деновиве ги следи мечевите на Олимпијадата во Атина. Иако вели дека боксот е неговата пасија, не сака и син му да тргне по неговите стапки. „Не би му препорачал да се занимава со тоа, знам по мене дека од тоа немам ништо“, вели Реџеповски. Дваесет години по олимпискиот успех, Реџеп вели дека од време на време ќе го чуе своето име на телевизија, на секои четири години се спомнува како еден од ретките македонски спортисти кој од Олимпијада се вратил со медал. www.a1.com.mk