Маалото во Македонија, школото во Србија
Маалото во Македонија, школото во Србија
OooOo Маалото во Македонија, школото во Србија На патот помеѓу селата Алгуња и Славуевац, на падините на Козјак Планина, чета од петнаесетина ученици весело граби кон своите домови. Ангела, Милица, Александар, Марија, Наталија, Марко, Јелена, Мартин и уште неколку нивни другарчиња брзаат кон маалото Татариновац. Пладне е и нивниот училиштен ден во Славуевац е завршен. Во ранчиња на грб ги носат книгите, а в раце по нешто за прикаснување. Ќе речете, ништо необично, веќе видена селска идила. Да, но сепак... Нивното маало се наоѓа во Македонија, а училиштето е во Славуевац - во соседна Србија и Црна Гора. - Во нашето училиште во Славуевац ни е многу убаво. Имаме прекрасна учителка и многу другари. Учиме на српски јазик. Не ни е тешко да пешачиме - раскажува десетгодишната Милица. Таа е четвртооделенка. До неа е најмалата, шестгодишната Ангела. И таа со своите другари пешачи по четири километри дневно. Белите гранични камења на селскиот пат, на овие деца не им значат ништо. Знаат дека живеат во Македонија, а учат во Србија. Милица ни објаснува дека во петто одделение ќе учи во Рељан, пак во Србија. Таму ќе патува со автобус, од Славуевац. Во средно ќе оди во Прешево. За Милица тоа е нормално - така учеле татко и, чичко и и сите што живеат во нејзиното село. Славуевац им е поблиско од македонското село Старо Нагоричане. Четата стасува в село и децата се разотидуваат по своите домови. Во Татариновац има стотина жители. Тоа е најголемото од четирите маала што го сочинуваат селото Алгуња. Од Куманово е оддалечено триесетина километри, а Старо Нагоричане е на половина пат. Славуевац е на помалку од 2 километра, а до Прешево има13 километри. Границата минува низ Татариновац, низ селските дворови. Во една држава се куќите, во друга нивите. Засега, тоа никому не му пречи. - Ова е населба стара повеќе од 70 години. Ние не можеме ништо да смениме. Баравме да добиеме погранични карти, оти се плашиме да не ни останат нивите необработени. Ни бараат по 25 евра за човек. Ние сме сиромаси и за нас тоа е многу. Не се оптоваруваме со границата. Се однесуваме како државјани на Македонија, иако повеќето од нас и по 60 години живеење не можат да добијат македонско државјанство - се жали Чедомир Стојанковиќ, 48-годишен жител на Татариновац. Во селото нема ни училиште ни црква. Во црква одат во Рељан. - Струја добиваме од Србија. Повеќе од десет години никој не ни бара да ја плаќаме. Најтешко е кога ќе настанат дефекти. Од двете страни ни велат дека не се надлежни. Пред три месеци локалната самоуправа на Старо Нагоричане ни го асфалтираше патот, но јавен превоз нема. Сега, со сопствени автомобили почнавме почесто да одиме во Куманово. Пред еден месец добивме телефонска линија. Немаме водовод, ниту продавница за основни потреби - вели младиот Синиша Трајковиќ. Министерството за образование ветило дека за оваа учебна година ќе биде обезбеден превоз за децата на училиште да одат во Старо Нагоричане. Но, родителите и децата ја одбиле оваа иницијатива. Многу мајки на децата од Татариновац работат во Србија и таму добиваат детски додатоци. - Понекогаш имаме проблеми со граничарите од двете страни. Се случува да не приведуваат во караули и да не враќаат назад. Не знаеме од што зависи тоа. Не ни прашуваме. Тоа не е наша работа. Се надеваме дека ќе добиеме погранични карти, а такви им се потребни и на нашите соседи од Србија, оти и тие имаат имоти во Македонија - вели Синиша. Новиот асфалтен пат кон Старо Нагоричане гордо блеска на ноемвриското сонце. Жителите на Татариновац не ја кријат радоста што конечно добија врска со својата матична држава Македонија. Но, за да заживее, таа врска ќе мора да се гради долго и упорно, со спокојство и со толеранција.