Верски празници
Верски празници
Strelec Денес е ’Света Пречиста Богородица’. Нека им е на помош на сите православни верници, а особено на оние кои што ја имаат за домашна слава! Воведение на Пресвета Богородица Кога Пресвета Дева Марија наполни три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја доведоа од Назарет во Ерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Од Назарет до Ерусалим има три дена пат, но одеа на богоугодно дело и патот не им беше тежок. Се собраа и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествуваа и ангелите Божји. Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што и’ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив одеа многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи. Пред храмот имаше петнаесет скалила. Родителите Ја кренаа Дева на првото скалило, а Таа тогаш сама брзо се искачи на врвот, кај што Ја дочека првосвештеникот Захарија, таткото на Св. Јован Предвесник. Кога првосвештеникот Ја зеде за рака, Ја воведе не само во храмот туку и во Светињата на светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен архиерејот. Св. Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „надвор од себеси и обземен од Бога“ кога Ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во онаа прилика родителите на Дева Марија според Законот, Му принесоа жртви на Бога примија благослов од свештеникот и се вратија дома, а Пресветата Дева остана при храмот. Таа пребиваше во храмот цели девет години. Родителите Ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се престават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзина смрт да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа беше спротивно на Законот и на обичајот во Израилот, кога наврши дванаесет години му ја дадоа на Св. Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за под вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот. Зашто во тоа време не се знаеше во Израилот девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија беше прва таква доживотно заветувана девојка и Нејзе потоа Ја следеа незнајно мнозинство девственици и девственички.
Strelec Започнаа божиќните чествувања Рано утрово, Бадник започна со коледарските песни на децата за здравје, бериќет и плодна година, кои според народните верувања го симболизираат гласот на ангелите за Рожденството Христово. И постарите ја пееја коледарската песна. Собрани пред Соборниот храм, со многу музика, осветени гранчиња и топла ракија го прославија овој ден. „Дојдени сме тука да земеме од бадниковите гранчиња за среќа во фамилијата, да се напиеме топла ракија за среќа на сите. Денеска е голем ден Бадник, што се празнува. Денеска се прави колаче со париче, па се крши вечер, кому ќе му падне паричето, тој е среќен. Со бадниково гранче, лепче и топла ракија, да живее кумството што го има денеска и следните години“, изјавија дел од граѓаните. Стариот кум-бадникар, Ангел Георгиевски, по традиција со пајтон пристигна пред Соборниот храм. Како што кажа, 2004-та му била бериќетна, а на новата кума Савка Димовска, предавајќи и го ќупот за бериќет, и посака плодна година. По 2005-ти пат, христијанството се радува на овој голем ден, рече Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, осветувајќи ги бадниковите гранчиња. „Секое место, секој храм и секоја човечка душа, всушност, е Витлеем на свој начин. Секој од нас, ако не го доживееме тоа Христово раѓање од пред 2005 години во својата душа и во своето срце, како да не бил Божиќ, како да не бил Бадник и како да не сме запалиле коледарски оган“, рече г.г. Стефан, Архиепископ охридски и македонски. На топла ракија и бадникова погача, во друштво на градоначалничката на општина Центар, Аларова, и секако амбасадорот Батлер, беше и скопскиот градоначалник Ристо Пенов. Бадниковата погача, како и осветените дабови гранчиња, кои ја симболизираат цврстината, но и светлината на витлеемската пештера, каде се родил Исус Христос, за здравје, среќа и бериќет се поделија меѓу насобраниот народ. Денеска е последниот ден од 40-дневните божиќни пости. Според православната традиција, семејството се собира на посна вечера. Се верува дека најсреќен во годината ќе биде оној на кого ќе му се падне паричката во замесеното лепче.