Вклучете го бојлерот преку телефон
Вклучете го бојлерот преку телефон
OooOo ПРОНАЈДОК НА СРЕДНОШКОЛЕЦ Вклучете го бојлерот преку телефон Уредите можат да се вклучуваат и да се исклучуваат од која било далечина со фиксен и со мобилен телефон, вели 16-годишниот Игор Симевски од Берово. Ако не сте дома, а сакате да го вклучите бојлерот, рерната или машината за перење, тоа можете да го направите само со едно телефонско јавување. Електричниот апарат за далечинско управување на уреди преку телефонска линија е пронајдок на средношколецот Игор Симевски од Берово. За овој пронајдок Игор ја освоил наградата за најмлад иноватор - учесник на Макинова 2003 од БЕРИН - Агенција за интелектуална сопственост од Скопје и диплома од Сојузот на пронаоѓачите на Македонија. Начинот на работа на пронајдокот е едноставен, вели Игор, а уредите можат да се вклучуваат и да се исклучуваат од која било далечина. Тоа може да се направи и со фиксен и со мобилен телефон. - Апаратот се приклучува преку адаптер во струја и на домашната телефонска линија. Се поврзува со еден или со повеќе потрошувачи што корисникот сака да ги контролира. Ако сакаме да го вклучиме телевизорот, на пример, потребно е од друг телефонски број да заѕвониме на бројот на кој е приклучен телевизорот. Откако ќе заѕвониме, избираме соодветен сигурносен код и така телевизорот почнува да работи. Уредите се исклучуваат на истиот начин, објаснува 16-годишниот Игор, ученик во средното училиште "Ацо Русковски" во Берово. Идејата за изработка на апаратот за далечинско управување Игор ја добил додека ги проучувал управувачите за отворање и за затворање на гаражни врати. - Читајќи повеќе списанија од областа на науката и техниката, сакав да направам нешто што ќе има практична примена во домот и во индустријата. Ми беа потребни повеќе од шест месеци за да ги најдам потребните електронски делови и да го изработам прототипот на апаратот кој ме чинеше 2.500 денари - раскажува тој. За пронаоѓаштвото Игор почнал да се интересира уште од петто одделение, а досега учествувал на повеќе натпревари по електроника, хемија и по математика. Со овој пронајдок планира да учествува и на други натпревари и изложби на пронајдоци, а ако има заинтересирани фирми за апаратот, може да се пристапи и кон сериско производство.
DonVito BRAVO !
WhoElse alal da mu e ..
dada Sani Stom ima pamet, sega samo uste sreka. Sekoja cest!