melpomena |
Ova e navistina sramota!!![:(]
Наташа Бунтеска
Институтот за театрологија при Факултетот за драмски уметности, кој го поседува најголемиот систематизиран и дигитализиран фонд на театролошка граѓа во земјава, егзистира во исклучително несоодветни услови за важноста на својата мисија, велат од оваа куќа. Тие решението го гледаат во изградба на театарски музеј, каде што достоинствено ќе биде претставено македонското театарско наследство.
Во него се наоѓа архивата на актерот Петре Прличко, сместена во 49 архивски кутии, во предземјотресна барака, без заштита од пожар или од други механички уништувања. Покрај личните предмети на Прличко: неговото луле и рибарскиот стап, на пример, како и костимите од некои претстави во кои играл актерот, во Институтот се наоѓа и севкупната архива на актерите Крум Стојанов, Илија Џувалековски и на Илија Милчин.
- Сиот тој материјал од историско значење, кој е уникатен и го поседуваме само ние, се чува во барака што нема клима-уред и дигитално се евидентира на опрема стара седум години, која веќе не му одговара на обемот на нашите проекти - вели професорката Јелена Лужина, која го води Институтот за театрологија.
Најголем дел од театролошките материјали се префрлени на дата-база, која е најголема електронска база на театарски податоци во регионот. Таа содржи податоци за околу 4.000 претстави, реализирани во Македонија во периодот од 1945 до 2005 година, со детални податоци за сите учесници во постановките и со можности за преглед на другите театарски искуства на актерите или на режисерите во земјава и во странство. Тука се вклучени околу дваесет илјади дигитализирани фотографии, како и аудио- и видеоснимки од театарски претстави, библиографија со околу 50.000 театарски критики и персонални датотеки за 200 автори.
Институтот поседува и 250 снимки на театарски претстави од сите македонски театри, во кои не се вклучени само театарски туку и оперски и балетски изведби.
- Со овој материјал нашиот институт стана авторитетен центар на Балканот. Толку организиран и евидентиран центар, во електронска и во книжна форма, не постои во соседството. Нашите колеги дури и од евроинтегрираната Словенија се изненадени и на извесен начин ги користат нашите искуства - вели Лужина.
Визијата на луѓето од Институтот е формирање театарски музеј на Македонија, за кој подолго се зборува, но се уште е далеку од реализација. За можен простор за изградба на театарскиот музеј се упатува на локација во Старата скопска чаршија.
- Не замислуваме класичен музеј со експонати на кои ќе пишува „не допирај“, туку виртуелен музеј со богата електронска опрема, во кој ќе има малку предмети, а повеќе материјали во електронски формат, кои ќе им бидат на располагање на посетителите - велат од Институтот.
www.vreme.com.mk
|