Ovakvo nesto treba da se zabrani! | |
dejan | МЕМОРИЈАЛЕН ЦЕНТАР ЗА ОНА ВО АРАЧИНОВО Три столба за Албанците во Илирида, Косово и во Албанија Во Арачиново почна да се гради меморијален центар за паднатите борци на ОНА во конфликтот во 2001 година. Првата лопата во камен-темелникот ја фрлил Фазли Велиу на 24 јуни, денот кога ОНА ги прекинала воените дејства. Иницијативата за ваков проект била на Здружението на воени ветерени од ОНА, "Ќендреса". На неговата веб-страница е објаснето дека споменикот ќе има три столба, кои ја симболизираат територијата на Албанците. Највисокиот е симбол на Албанија, средниот на Косово, а третиот е симбол на Илирида. Велиу вчера за "Дневник" не сакаше да објасни која територија е Илирида, која ќе ја симболизира третиот столб на споменикот. - Не ми се верува дека така пишува на веб-страницата на "Ќендреса". Тоа не ми е познато и не сакам да коментирам - ни изјави Велиу, претседател на Здружение на ветерани од ОНА. Градоначалникот на Општината Арачиново, Музафер Бислими, тврди дека за изградбата добиле дозвола од Министерството за транспорт и врски и согласност од Министерството за култура. Во Министерството за култура негираат дека дале согласност. - Ниту има поднесено барање ниту сме дале согласност за изградба на меморијален центар - тврди Тодорче Тасевски, портпарол на Министерството. За меморијални споменици одлука треба да донесе Собранието, а за спомен-обележја одлучува советот на општината врз основа на програма. Градоначалникот Бислими објаснува дека проектот е за изградба на нови општински гробишта. - Имаме дозвола од ресорните министерства. Меморијалниот центар ќе се наоѓа на излезот од Арачиново кон стариот пат за Куманово и ќе се гради во три фази - споменик на жртвите од ОНА, гробишта за заслужни граѓани и дел за манифестации. Во него ќе бидат префрлени посмртните останки на осум херои од конфликтот во 2001 година, кои почиваат на старите гробишта во Арачиново. Проектот лани едногласно беше изгласан во Советот на Арачиново - вели Бислими. Според претседателот на здружението "Ќендреса", Шабан Бафќари, споменикот ќе чини 230.000 евра, а досега со донации се собрани 120.000. Проектот е на фирмата "Улуси-комерц"од Куманово. На веб-страницата на "Ќендреса" има листа со донатори што подариле пари за изградба на меморијалниот центар. На прво место е Општината Арачиново, која донирала 25.000 евра. Албанската дијаспора може да донира преку жиро-сметки на неколку познати банки во Германија, Австрија, Швајцарија, САД, Белгија и во Софија. На страницата може да се прочита за 17 борци на ОНА, кои загинале во одбрана на Арачиново. Меѓу нив е и Лефтер Бицај, познат како командант Тели, кој беше убиен во полициската акција во куќа во Чаир. http://www.dnevnik.com.mk/?pBroj=2798&stID=57943 |