sirius |
Холис Ченери, еден од најпознатите развојни економисти во Америка, професор на Харвард кој даде суштински придонес за истражувањата во економијата на развојот и други полиња, беше близок пријател и советник на Роберт Мекнамара, кој во 1968 беше назначен за претседател на Светската банка. Потресен од сиромаштијата што ја виде насекаде низ Третиот свет, Мекнамара ги пренасочи напорите на Банката кон нејзино искоренување, а Ченери состави првокласен тим на економисти од целиот свет за да работат на тоа.
Но, со смената на стражата во 1981-та година дојде и нов претседател, Вилијам Клаузен, како и нов главен економист, Ен Кругер, која е специјалист за меѓународна трговија, најпозната по нејзината работа на "барањето рента" - како специјалните интереси користат царини и други протекционистички мерки за да ги зголемат нивните доходи за сметка на другите. Додека Ченери и неговиот тим беа фокусирани на тоа како пазарите потфрлаат во земјите во развој и што можат Владите да сторат за да ги подобрат пазарите и да ја намалат сиромаштијата, за Кругер проблемот беше Владата. Решението за проблемите на земјите во развој беа слободните пазари. Во услови на новата идеолошка страст, многу од првокласните економисти кои ги донесе Ченери си заминаа. Иако мисиите на двете институции останаа различни, токму во тоа време нивните активности почнаа сe повеќе да се спојуваат. Во осумдесеттите, Банката премина од кредитирање на проекти (како патишта и брани) кон давање поширока поддршка, во облик на заеми за структурно прилагодување; но, ова го правеше дури откако ММФ ќе дадеше согласност - а таа согласност носеше и услови наметнати врз земјата од страна на ММФ. ММФ требаше да се фокусира врз кризите, но на земјите во развој постојано им беше потребна помош, па ММФ стана дел од секојдневието во повеќето земји во развој. Падот на Берлинскиот ѕид отвори нова арена за ММФ: управувањето со транзицијата кон пазарна економија во поранешниот Советски сојуз и земјите од комунистичкиот блок во Европа. Не толку одамна, откако кризите станаа толку големи што дури и длабоките трезори на ММФ почнаа да изгледаа премали, Светската банка беше повикана да обезбеди десетици милијарди долари итна помош, но само како понизок партнер, така што насоките на програмите би биле диктирани од ММФ.
Во принцип постоеше поделба на трудот. Во односите со земјите ММФ требаше да се занимава само со макроекономски прашања - буџетскиот дефицит на земјата, нејзината монетарна политика, инфлацијата, трговскиот дефицит, надворешниот долг; а Светската банка требаше да биде одговорна за структурните прашања - на што ги троши парите Владата на земјата, какви се финансиските институции на земјата, нејзините пазари на трудот, нејзините трговски политики.
Но, ММФ зазеде извесен империјалистички став кон целата работа: бидејќи речиси секое структурно прашање може да влијае врз вкупните перформанси на стопанството, а со тоа и врз буџетот или трговскиот дефицит, ММФ сметаше дека речиси сe спаѓа во негов домен. Често стануваше нетрпелив кон Светската банка, каде дури и во годините кога идеологијата на слободните пазари беше неприкосновена имаше чести контроверзи околу тоа кои политики најмногу би одговарале за условите во некоја земја. ММФ имаше одговор за сe (во основа за сите земји тоа беа истите одговори), не гледаше потреба за толкава дискусија и додека Светската банка дебатираше што треба да се стори, тој сметаше дека ги дава решенијата. Двете институции можеа на земјите да им дадат алтернативни начини на гледање врз некои од предизвиците кои ги носи развојот и транзицијата, и со тоа можеби ќе ги зајакнеа демократските процеси. Но, и двете беа водени од колективната волја на Г-7 (Владите на седумте најважни развиени индустриски земји), а особено од нивните министри за финансии, а динамичната демократска дебата за алтернативните стратегии премногу често беше последното нешто што ним им беше по волја.
Половина век по неговото основање, јасно е дека ММФ потфрли во неговата мисија.
Луѓето кои се собраа во Бретон Вудс многу добро се сеќаваа на глобалната депресија од триесеттите.
Британскиот економист Џон Мајнард Кејнз, кој подоцна ќе биде клучен учесник во Бретон Вудс, понуди едноставно објаснување и исто толку едноставен збир на рецепти: недостигот на доволна агрегатна побарувачка беше објаснување за стопанското опаѓање; владините политики можат да ја стимулираат агрегатната побарувачка. Ако монетарната политика е неефикасна, Владите можат да се потпрат на фискалните политики, преку зголемување на расходите или преку намалување на даноците. Моделите кои лежат во основата на анализата на Кејнз подоцна беа критикувани и подобрени, што доведе до продлабочување на знаењата зошто пазарните сили не делуваат доволно брзо за да го вратат стопанството кон целосна вработеност, но основните лекции важат и денес.
Основан со убедување дека постои потреба за меѓународен притисок врз земјите за тие да имаат поекспанзивни економски политики - како што се зголемување на расходите, намалување на даноците, или намалување на каматните стапки за да се стимулира стопанството - ММФ денес обично на земјите им дава средства само ако тие спроведуваат политики од типот намалување на дефицитите, зголемување на даноците или зголемување на каматните стапки, кои водат до контракција на стопанството. Кога би можел да види што се случи со неговото чедо, Кејнз би се превртел во гробот.
Најголемата промена во овие институции се случи во осумдесеттите, времето кога Роналд Реган во САД и Маргарет Тачер во Велика Британија ја проповедаа идеологијата на слободните пазари. ММФ и Светската банка станаа новите мисионерски институции, преку кои овие идеи им беа наметнувани на колебливите сиромашни земји на кои честопати страшно им требаа нивните кредити и грантови. За да ги добијат парите, министрите за финансии од сиромашните земји беа подготвени да се преобратат, иако најголемиот дел од функционерите и, што е поважно, луѓето во овие земји често и понатаму беа скептични.............
ММФ направи грешки во сите области со кои се занимаваше: развојот, управувањето со кризите, како и во земјите во транзиција од комунизам кон капитализам. Програмите за сруктурно прилагодување не донесоа одржлив раст дури ни за оние кои се придржуваа кон нивните ограничувања. Не го направи она што требаше - да обезбеди средства за земјите кои се соочуваат со стопанско опаѓање, за да им овозможи на земјите да се вратат во состојба блиска до целосна вработеност. И покрај тоа што нашето разбирање на економските процеси огромно се зголеми во последните 50 години, како и покрај сите напори на ММФ во последниот четврт век, кризите во светот беа почести и подлабоки (со исклучок на Големата депресија). Според некои пресметки, речиси сто земји се соочиле со кризи. Резултатот за многу луѓе беше сиромаштија, а за многу држави - социјален и политички хаос.
Што е уште полошо, многу од политиките кои ММФ ги туркаше, а особено прераната либерализација на пазарите на капитал, придонесоа за глобална нестабилност. Откако некоја земја ќе западнеше во криза, средствата и програмите на ММФ не само што не успеваа да ја стабилизираат ситуацијата туку во многу случаи всушност уште повеќе ги влошуваа работите, особено за сиромашните. ММФ потфрли во неговата изворна мисија за промовирање на глобална стабилност; а не беше ништо поуспешен ниту во новите мисии кои ги презеде, како што е насочувањето на транзицијата на земјите од комунизам кон пазарна економија.
Денес, со континуираниот пад на трошоците за транспорт и комуникација, како и со намалувањето на вештачките бариери за протокот на стоки, услуги и капитал (иако сe уште постојат сериозни бариери за слободното движење на работната сила), имаме процес на "глобализација" што е сличен на поранешните процеси со кои се создадоа националните економии. За жал, немаме светска влада што би била одговорна пред луѓето од сите земји, за да го надгледува процесот на глобализација на начин што би можел да се спореди со начинот на кој националните Влади го водеа процесот на национализација. Наместо тоа, имаме систем што може да се нарече глобално владеење без глобална влада, во кој доминираат мал број институции (Светската банка, ММФ и СТО) .
Време е да се сменат некои од правилата на меѓународниот економски поредок, да се размисли уште еднаш за тоа како се донесуваат одлуките на меѓународно ниво - и во чии интереси - и да се води помалку сметка за идеологијата а повеќе за тоа што навистина дава резултати.. Продолжувањето на глобалната нестабилност носи многу скапа цена. Глобализацијата може да се промени, а кога тоа ќе се случи, кога таа ќе биде водена како што треба, праведно, кога сите земји ќе имаат право на глас за политиките кои се одразуваат врз нив, постои можност таа да помогне во создавањето нова глобална економија во која растот не само што ќе биде поодржлив и помалку непостојан, туку и плодовите на тој раст ќе бидат порамноправно распределени.
Извор: Joseph E. Stiglitz -Globalization and its discontents, W.W. Norton & Co, New York, 2002
Авторот е добитник на Нобеловата награда за економија за 2001 година и поранешен главен економист на Светската банка.
Накусо, економската глобализација е поддржана од страна на неолибералниот економски консензус, кој содржи три институционални новости: драстично ограничување на државната регулатива во економијата, нови права за меѓународна сопственост на странските инвеститори, иноватори и создавачи на иновации кои можат да станат интелектуална сопственост и подреденост на националните држави кон мултилатералните агенции како што се Светската банка, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската трговска организација. Земајќи го предвид воопштениот карактер на консензусот, неговите прописи се применуваат или со крајна строгост (со метод на челична тупаница; Ирон Фист) или со одреден степен на флексибилност (со метод на кадифена ракавица).
Неолибералниот консензус на земјите кои го сочинуваат јадрото на светскиот систем наметнат им е и на периферните и полупериферните земји по пат на контрола на надворешниот долг кој го спроведуваат ММФ и Светската Банка. Затоа тие две институции се сметаат за одговорни за “глобализација на сиромаштијата” . Новата глобализирана сиромаштија не е резултат на недостиг од човечки и материјални ресурси, туку на невработеноста и намалувањето на платите ширум светот.
Извор: Боавентура де Соза Сантос, водечки португалски теоретичар во областа на општествените науки |