Откопани остатоци од првата тврдина на Филип втори
Откопани остатоци од првата тврдина на Филип втори
dejan Оваа тврдина, подигната на охридскиот рид, се смета дека била изградена во средината на четвртиот век пред нашата ера. Археолозите досега пронајдоа остатоци од бедемот на крепоста и кула од рана антика

Група археолози, предводени од археологот од Заводот и Музеј во Охрид Паско Кузман, деновиве во внатрешноста на Самуиловата тврдина открија остатоци, за кои се претпоставува дека се дел од првата тврдина на Филип Втори Македонски. Оваа тврдина, подигната на охридскиот рид, се смета дека била изградена во средината на четвртиот век пред нашата ера. Археолозите досега пронајдоа остатоци од бедемот на крепоста и кула од рана антика.
“Научните сознанија потврдуваат дека охридската тврдина за прв пат се споменува во 208 година пред нашата ера во античките извори и тоа од авторот Ливиј. Претпоставка е дека оваа крепост била изградена кон крајот на четвртиот и почетокот на третиот век пред нашата ера. Нашите истражувања во цитаделата продолжуваат и ние очекуваме да дојдеме до круцијални сознанија за периодот кога била градена првата крепост во стариот Охрид”, вели Паско Кузман.
Откривањето на бедемот и на кулата во внатрешноста на Самуиловата тврдина за археологот Кузман, но и за македонската археологија се посебен предизвик. Тоа произлегува од некои сознанија дека Филип Втори Македонски имал влијание врз изградбата на првата крепост.
“Најсмелите претпоставки говорат дека првата тврдина на охридскиот рид била изградена во средината на четвртиот век пред нашата ера. Тогаш, така велат моите сознанија, лихнидската област ја посетил Филип Втори Македонски, кој наредил да се изградат тврдини на ридот над Охрид, но и на Габовскиот рид кај сегашен Свети Еразмо. Остатоците на овој дел на влезот во Охрид ги викаме Киклопски sидини, или Енгелана, што е транскрипција за топоним од старомакедонскиот збор за Енхелеја. Покрај ископувањата во внатрешноста на Самуиловата крепост, со мојата екипа планираме подетално да ги истражиме и Киклопските sидини,за што има изготвено конкретна програма”, кажува Паско Кузман.
http://www.vest.com.mk/default.asp?id=101412&idg=6&idb=1528&rubrika=Makedonija