Соларна енергија | |
Strelec | Соларна ќелија од пластика Данските истражувачи соопштија дека усовршиле нов тип на соларна ќелија од пластика, чиј век на траење е многу подолг од претходните модели, што претставува иновација која би можела да го отвори патот кон евтина соларна енергија. Пластичните соларни ќелии се многу поефтини од оние од силициум, што се користат кај производите кои функционираат на база на соларна енергија, како што се калкулаторите. Меѓутоа, соларните ќелии од пластика главно се чувствителни и траат само неколку денови. “Нашата нова ќелија има век на траење од 2,5 години, што би требало да биде рекорд за ваков вид соларни ќелии“, истакнал Фредерик Кребс, научник во данската државна лабораторија Рисо. Данските истражувачи навеле дека користеле еден постабилен вид пластика како активна супстанца во ќелијата, која енергијата од сончевите зраци ја претвара во електрична. Цената на класичните ќелии од силициум на пазарот достигнува 675 евра за квадратен метар, додека пластичната верзија чини 13 евра, истакнале тие. Научниците, меѓутоа, додаваат, дека мора да се зајакне ефикасноста на пластичната соларна ќелија која користи само 0,2 до пет проценти од соларната енергија, додека оние од силициум достигнуваат стапка од 12 до 15 отсто. “Ние се насочивме на рокот на траење и во тоа успеавме. Сега ни преостанува таа ќелија да ја направиме и поефикасна“, вели Кребс. |