bliznak |
КАНЦЕЛАРИЈА НА СТОПАНСКАТА КОМОРА ВО ОХРИД
Македонскиот туризам на Си-ен-ен и на Еуроспорт
Приходот од туризмот во Охрид в година ќе биде двојно или тројно поголем од годинашниот, најави премиерот Владо Бучковски на завчерашното отворање на регионалната канцеларија на Стопанска комора на Македонија во овој град. Тој вети дека Владата ќе помогне Охрид, како главна туристичка дестинација во Македонија, во почетокот од следната година да сбиде на најгледаните сателитски ТВ-канали во светот, Се-ен-ен и Еуроспорт.
- Преку даночни олеснувања и поддршка од локалната самоуправа во Охрид, Струга и во околните општини, Владата директно ќе се вклучи и ќе стане партнер во иницијативите за развој на туризмот - рече Бучковски.
Управниот одбор на регионалната комора во Охрид и Хотелската асоцијација на Македонија, заедно со локалната самоуправа и со Владата, на првата седница усвоија предлог-мерки за подготовка на наредната туристичка сезона. Хотелиерите и градот Охрид бараат да се помести почетокот на школската година во 2006 на 15 септември, а испитните сесии на факултетите да завршат до 15 јуни.
Целта на овие мерки е да се продолжи туристичката сезона во земјава. Во туристичката стратегија се бара државата да субвенционира организиран авионски чартер-превоз на туристите што доаѓаат во Охрид, а визите за граѓаните од земјите-членки или аспиранти за членство во ЕУ да бидат укинати или да се издаваат на граница. Туристичките работници предлагаат дел од парите од дивидендата од телекомот да се потрошат за агресивен туристички маркетинг во Србија и Црна Гора, Словенија, Албанија, Косово, Австрија, Германија, Холандија, Белгија, Шведска и во Швајцарија. Во стратегијата е предвидено и да се донесат посебни закони за валоризација на туристичкиот потенцијал на Охрид, за изградба на заобиколница Охрид - Свети Наум и да се пушти во функција колекторскиот систем Пештани -Трпејца. Според најавите, Владата ќе одвои пари за сите градежни и археолошки работи на Самуловата тврдина. (Н.Ц.) |