OooOo |
Буш извозе 27 километри на велосипед раме до раме со Ленс Армсронг
КРОФОРД, Тексас (Ројтерс) - Претседателот Џорџ Буш, кој е страствен возач на ридски велосипеди, во саботата доби можност да ја покаже својата издржливост против славниот велосипедист Ленс Армсронг.
Седмократниот шампион на Тур де Франс два часа и 27 км се тркаше со претседателот низ кањоните и преку реките на Бушовиот ранч во Тексас, со површина од 647 хектари.
Армсронг, кој исто како Буш е од Тексас, е пријател со претседателот, но сепак не се сложува со него околу војната во Ирак. Тој можноста да се трка со Буш ја нарече "сценарио од соништата".
Додека многу Американци се прашуваат што го влече Буш на ранчот во Прери Чапел, каде го поминува цел август, Армсронг вели дека местото има одлични услови за велосипедизам.
"Тој фанатично го вози својот ридски велосипед", изјави Армсронг во интервју за Еј-Би-Си неделава. "Можеби се заслужни патеките што ги има таму."
Армсронг (33) го нарече Буш "многу амбициозен тип", но во интервјуто рече дека не се сомнева дека може да го претрка Буш, иако патеките се предизвик за велосипедисти ненавикнати на нерамен, каменест терен.
"Тој е добар велосипедист", рече Буш за Армсронг по возењето, на кое имало само една пауза од 10 минути за да му се восхитуваат на еден водопад.
Портпаролот на Белата Куќа Трент Дафи вели дека Армсронг го испочитувал "првото правило на велосипедизмот", што укажува дека не го претркал претседателот.
Se e ova vo red, samo me interesira kolku plakja danok na zemjishte na 647 hektari zemja?? [;)] |