Тешкото
Тешкото
Strelec Што значи "Тешкото"?
Што значи најславното македонско оро за духот на нацијата?

"ТЕШКОТО" МАКЕДОНСКИ НЕПОКОР И ПРКОС

"Тешкото" најдобро го чувствуваат и го играат лицата по потекло од Мијачијата, од Лазарополе, Галичник, Гари, Тресонче, Селце... тоа е нивно оро, орото на печалбарот.
Со векови во Мијачијата свадбите и веселбите, испраќањето и пречекувањето на печалбарите, тагите и радостите започнувале и завршувале со бисерот на македонскиот фолклор, со орото кое до ден-денеска го чува приматот - "Тешкото". Во изминативе над шест децении, македонските фолклорни ансамбли, нашите културни амбасадори низ светот го презентираат нашиот фолклор, нашата песна, обичаи и традиции. Не може да се замисли настап на фолклорна група без "Тешкото". Секогаш е услов на организаторот, а публиката откако ќе ја проследи изведбата, повторно ги враќа на бис игроорците да го одиграат оро, уште еднаш да ја почувствуваат убавината на кореографијата, музиката и играта.
Уште во далечната 1950 година, на првата интернационална турнеја, Ансамблот на народни ора и песни "Танец", во англискиот град Ланголен со "Тешкото" го освои првото место. Жири-комисијата на "Тешкото" и на "Танец" им ги доделува сите сто бода. Оттогаш, "Тешкото" излегува од анонимност и започнува неговата слава низ светот.
За овој настап во Ланголен, пред десеттина години, во хотелот "Неда" во Галичник, легендата на македонската песна Александар Сариевски ни зборуваше за неговите настапи и доживувања. Настапот како тапанџија во ансамблот "Танец" на фолклорниот фестивал во Ланголен му е незаборавен. Тоа само еднаш се случува и останува за навек. Сариески со голема возбуда, присетувајќи за овој настан, скромно рече: Во мојата богата уметничка кариера и одржани илјадници концерти и настапи на сите меридијани на Земјината топка, минутите кога игроорците на "Танец" го играа "Тешкото" беа вечност. Се’ до оној момент, кога ороводецот Дојчин Матевски не се качи на тапанот, кога со десната рака отсечно ја подигна, само тој умееше да го направи тоа, му реков: "Успеавме, баци ме Дојчине".
Тешкото е оро што се игра со големо чувство. Народниот гениј создал оро со кое ги изразил вековните маки на македонскиот народ. Преку играта и покретите се изразува и нашата решеност да се истрае, да се победат маките, надеж да се ослободи од ропството, да се исполнат желбите, да се зачуваат македонскиот идентитет и гордост. "Тешкото" е магија. Нешто свето и чудесно, можеби и неминовност за да се опстои низ суровите премрежиња што ги носеле годините и вековите. Колку што е минато, толку е сегашност, а неговите вредности, како што истакнуваат етнолозите, ќе остане трајна, се’ додека постоиме.
Писокот на зурлите и одмерениот удар на тапаните го означува почетокот на "Тешкото". Игроорците цврсто фатени за рака, со смирено подигнување на десната нога и свиткување на коленото започнува македонската приказна на непроболот и маката, а наедно пркосот и непокорот. Сета кореографијата на "Тешкото" е мошне сложена. Од првите чекори на игроорецот, кога започнува орото, па се’ до крај, "приказната" не допира, постојано е во динамика, со изедначен ритам... Највозбудливо е кога ороводецот ќе се качи на тапанот, со што симболично се претставува победата над тешкотиите. Потоа, се разгорува играта, добива забрзан ритам. Секој игроорец за миг е ороводец, го прима марамчето го води орото и го предава на следниот, се’ така додека сите не се изредат. Движењето на нозете, на рацете, на телото, самиот ритам што го создаваат зурлите и тапаните, создаваат еуфорична атмосфера, заигруваат срцата на сите. Чувството кога се игра или, пак, се гледа "Тешкото" не може да се опише, туку тоа само се доживува.
"Тешкото" најдобро го чувствуваат и го играат лицата по потекло од Мијачијата, од Лазарополе, Галичник, Гари, Тресонче, Селце... тоа е нивно оро, орото на печалбарот, кој го напуштал татковото огниште, најмилите, родната грутка земја, заминува во непознат крај, полн со неизвесности и тешкотии. Сето тоа народниот гениј успеал да го преточи во "Тешкото".
"Тешкото" било и останало, не само оро, туку и вечна и неисцрпна инспирација на поетите, композиторите, режисерите, сликарите, занаетчиите. Врз елементите на "Тешкото" се напишани многу песни, раскази, снимени се филмови, создадени се дела на класична музика, новосоздадени народни и забавни песни...
Приказов ќе го завршам со првиот стих од песната "Тешкото" на академикот Блаже Конески, основоположник на современата македонска песна:
О тешкото!
Зурли што дивно ќе писнат,
штом тапан ќе грмне со подземен екот -
во градиве зошто жал лута ме стиска,
во очите ми иде да плачам ко дете,
да превијам раце, да прекријам лик -
та гризам јас усни, стегам срце клето,
да непушти вик.

ozonce Shto e Teshkoto? Teshko moze so zborovi da se opishe... Imav prilika da go gledam ansamblot Tanec vo zivo, e da vidite i da doziveete shto e Teshkoto...
zlotty_co_380 Teskoto e pesna koja sto go prestavuva i se uste go prestavuva Teskiot zivot na makedoncite vo Macedonia, ako saka nekoj da ja pocustvuva vistinskata sustina na pesnata neka pojde na nekolku nedeli i neka "razgleda" naokolu kako lujgeto go igraat "Teskoto" , no zal ovoj pat od "pisatelot" B.C
Pina Tradicionalno, so ova oro gi isprakjale pechalbarite shto zaminuvale na pechalba (na vremeto}. Kolku shto znam ova e pechalbarsko oro.