mArInCe |
Mojata postara sestra (zavrshi 4-ta godina sredno) otsekogash bila po pishuvanjeto, i so tek na godinive se povekje se usovrshuvashe i imashe se pogolema pasija kon pishuvanjeto... pisheshe za zhivotot, kako taa nego go gleda, za prijatelstvoto, itn... znaete, navleguvashe od edna na druga misla, se dodeka ne i tekna da ispechatit kniga! :) sekako ne beshe za prodazhba, samo ispechati nekolku primeroci, za da ni ostanit vo spomen... iskreno, jas ja chitav knigava, na nekolku mesta se izgubiv vo poimive. zato sho ja pisheshe na tetratka, pa na kompjuter, ostanat e celiot tekst, pa jas kje go napisham ovde... knigata se vikat "Tvojot posleden trik" (Irena Ivanovska):
Живот
Една личност што незапирливо пропаѓа ја собра сета своја сила што воопшто можеше да ја мобилизира за да се одржи во живот-сила неспоредливо посилна отколку што сметаше дека треба да ја воздигне во занес на својата разузданост.
Дали стравот треба да се овековечи или надвладее? Кој е човековиот став спрема животот? Дали можеби тој свртува од општото и лута по празната апстракција, создавајќи повод за страв. Дали се сфаќа себе си како беспомошна жртва на несознаени и несовладливи сили или како член на една заедница. Проникнување на неразделна целина на поединечното и општото.
Кога животот ќе стане молитва, се е глуво наоколу и еден е патот за одење, на кој, на крајот секогаш постои излез-светлина... или не? Колку ли иронија се впила во животот? Дали е возможно навистина да се биде благодарен без да се биде среќен?
Успокој ја душата во молитва и продолжи...Зошто, водата се прочистува со протекот, а човекот со одењето напред. Но, немир. Потсвест на ронливата ивица на смртната карпа. Се плашиш со секој погрешен потег, со секој поминат миг се потиш, се тресиш. Потребен е само еден мал одрон, кој пече и запечатува. Во твоето срце и во срцето на другите. Концентрација и јазелна точка на пресвртот и конфликтот на своето сопствено постоење. Колку подлабок станува јазолот, толку е поголема алегоричната нескладност помеѓу животот и смислата. Чувство на страв, гадење, недоверба...
Дали смртта е спас?
Вечна е човековата распнатост меѓу двете противречности и одлуки-Да или Не. Две одредувачки константи-апсурд и револт.
Човековата желба за општо и рационално сознавање на светот е немоќ на човековиот разум да оствари увид во апсолутноста и смислата на човековото постоење. Човекот постои, егзистира во круговите кои му се наметнати, во амбиентот кој му го одредиле животните околности, поради кои чувствата се повторуваат. Монотонија на постоењето на чувството на изгубеност. Бидејќи животот не може јасно да се согледа, ниту едно суштество не може да биде правилно сфатено.
Човекот е странец во светот кој му постанува туѓ. Се доаѓа од неможноста да биде ослободен од наметнатите правила, да се оттргне од баналноста која притиска, од неизвесноста на постоењето.
Светот е бесчувствителен и индиферентен.
Апсурдот е условен од смртта, од нејзината неминовност; се доживува како крај на се и единствена извесност поради која е мислата за залудноста на сите наши настојувања и бесмисленоста на човековото постоење. Што ако човекот е рамнодушен? Ослободен е од предрасуди и страст...
*Кога стоиш пред огледалото, дали си доволно храбар да се погледнеш право в очи и да се запрашаш: “А до кога?”
- Ако човекот упорно бара смисла за животот, не е ли тоа поради острината на непријатноста која ни се враќа од огледалото, а од нашата страна секогаш нов и разубавен одраз на нашето лицемерство?
Светот на сенката невидливо се прелива во човечката душа,
трагично сликајќи ги безнадежните сиви хоризонти и оној загушлив облак на грижи што го заобиколил светот, гушејќи го и стегајќи го. Горчлива бол во племенитиот мал човек, полн со беда и понижување, или очај што безизлезно кружи во затворен круг; заплет меѓу сонот за убавото и тешката стварност која не се менува. Љубов, вера, надеж. Клучна вистина за човеково воскреснување.
Во услови на ограничување, патила, устоеност и распнатост на живото тело; негирање на индивидуалноста, дејствува најнесентименталниот судија - времето.
Поставување на идеал, темелно, со разум и умешност, го прави и најслабиот дел да се чувствува како колос. Да влегува во битката силен и бестрашен. Само така се има мирен и спокоен живот. Но, се жртвува сопствената среќа...
Вечна е човековата раснатост меѓу дилемите дали да се прифати реалноста или да се продолжи со дадената безусловна перспектива?
*Себично се бориш за сопствен успех. Безусловно несфаќајќи дека нарушуваш нечиј мир. Го одбиваш поразот и вината ја префрлаш на друг. Верба-кризата ќе помине...Се обидуваш болката да ја споделиш со сите што те опкружуваат, но тие (твоите пријатели), подоцна се цинично насмеани лица кои ти кажуваат дека си никој и ништо. Тоа е доволно за да веруваш дека твојот живот нема повеќе смисла...Ги напушташ пријателите и се враќаш во својот мизерен свет.
Токму во тој свет се наоѓаш изгубен во горчината на неостварените и погрешно завршени нешта. Си помислуваш на сите оние бедници околу тебе, за подоцна и ти самиот да се наречеш бедник.
“Животот на секој човек е пат кон самиот себеси, обид за единствена цел, насетување на единствена патека.”
-Херман Хесе
Трагедијата на животот не е во димензиите на нашите страдања, туку во димензиите на она што го губиме. Но, понекогаш и тоа е неизбежно, за да ги спасиме другите од душевно и психичко пропаѓање, но и себеси да се поштедиме од суровоста.
Бог
Во почетокот беше зборот, и зборот беше во Бога, и Бог беше збор.
Древно време, Господ Бог пушти стрела на земјата. Таа стрела плени, не води и изградува. Таа е тука, постои во духот на душата. Стрелата која го прободи духот на незнанието. Таа стрела е духот на човекот воден од ангелска сила. Бог во човечко тело. Блажената рака негова ја испиша светлоста која слепото го разјаснува и сипи јалов мелем од очите. Божја благодат се изли од устата негова. Го дигна човекот. Го возвиши. Ги искорена притисоците од оние кои го црнат и го расплина светото. Ги плакнеше матните погледи на жедните. Ги бистреше. Да го пратат она за кое знаат дека е нивно.
Коренот е дебел и разгранет, стеблото тенко, но стабилно. А гранките се водилки, споатнички. Тие ги полнат очите. Некој веќе го создал семето што го посадивме. Тоа непрекидно расте во духот на сенката на душата. Ние само се храниме од плодот. Но, доволно ли е зрел?
Цел
*Се прашуваш ли често дали постојат цели и краеви во животот? Ако постојат, а да претпоставиме дека постојат, кој пат мора да го избереме за да стигнеме до нив?
-Постои еден пат- Непозната Улица. Пат без насоки, безнадежен... Пат со дупки, обично патче кое никаде не води...А царината му е изузетно ригорозна. Тргнуваш, но не знаеш кај ќе стигнеш. Сам си. Се губиш и себе си и целта. Не ти се враќа на почеток иако сеуште можеш, па така засекогаш остануваш просејќи на тротоарот за зрно милосрдие.
-А сега е онаа подобрата опција. Имаш асфалтиран пат, со две траки горе и две траки долу. И имаш лажно, но постојано чувство дека некаде ќе стигнеш, и ако стигнеш, само ладнокрвно ќе поминеш, незабележувајќи ништо, и повторно ќе го почнеш оној циклус од почеток, и кога ќе сфатиш дека си паднал во дупка, ќе свртиш лево или десно, па повторно ќе се најдеш на онаа Непозната Улица, така да ова второво всушност доаѓа како она првото. Баш безврска, нели?
Некои луѓе го открија и патот и целта на животот. Го открија преку себеси и преку другите. Преку љубов и оптимизам. Единствено нешто што не штима кај нив е тоа дека понекогаш ги прати некоја несреќа или малер. Но, тоа и не е така битно, бидејќи тие имаат надеж, љубов и вера и секогаш ќе бидат први во колоната. И иако ги шибаат зли демони по лицата и срцето, тие ќе истраат и до крај ја остваруваат задачата, која на сите ни е дадена уште од самото раѓање-да го откриеме патот кон ангелите.
Чудно е тоа колку малку е потребно да бидеме среќни, и уште почудно-колку често токму тоа ни недостасува.
Болка
Заборави на се! Почувствувај го бодежот во твоето срце; почувствувај ја неговата ладна острица, но не заборавај да го осетиш неговиот врел пробив кон средината на твојата душа, кон суштината на твоето битие, кон утрешнината на твојата иднина. Болката е привлечна, те привлекува со нејзиниот мистериозен прилив, со нејзината таинствена појава, со неизмерноста и празнината во која таа постои и откако ќе замине, кога нема да ја чувствуваш нејзината ладна острица која те направи роб на болката во која не си верувал. Која била лажна за тебе и твоите возвишени мисли.
Болката нема да замине и откако ќе го дознаеш нејзиното име. Име во кое болката го наоѓа својот крај, а ти го препознаваш бодежот кој засекогаш ти остава спомен, лузна, која ни времето не може да ја залечи, да ја потсокрие од твоите очи, од твоите мисли и идеи кои се возвишени, мислиш...
*Болката го плаќа приходот од секое драгоцено нешто.
Љубов
Дали љубовта ја добиваме наследувајќи ја од родителите, или ја стекнуваме со годините и личното искуство? Дали е тоа инстинкт, сетило или рефлекс, или се учи како говорење и чекорење?
Многу од нас не умеат да ги изразат чувствата на вистински начин, на многу од нас им е тешко да ги изговорат оние зборови, но тоа не значи дека чувства не постојат, дека секој од нас не ги поседува.
И, иако за нивно искажување потребно е искуство, самата љубов не може да се научи, не може да се стекне. Таа е во нас самите, со нас се раѓа, живее и умира...или можеби воопшто не умира?
Нема ништо поубаво од љубовта која се буди. Опиум од сматни и потајни желби кои жедно ги вовлекуваме во себе до дното на срцето, со длабок и задушлив здив, слично на опоен, топол мирис од жалфија по бујните сенкосни ливади. Тоа е тајната на непознатото и на бесконачното, звуците од харфа на вечната пролет врз затреперените струни на душата.
Но, всушност
Колку е опасно да се љуби, бидејќи љубовта убива. Ја убива слободата на нашите срца, слободата за која постојано сонуваме. А, кога песната ќе го отпее својот крај, тогаш завршува се со неа, се што таа започнала, се што таа создала или не. Болката е преголема за да се знае за неа, премала за да се почувствува, преостра за да биде во нашите мисли, заборавена од пред некоја скорешна идеја...
Верба
...и срцето тогаш се буди во немоќ или во мир, сеедно, “Без верба и љубов”-тивко ми вели, “да живееш е безвредно...”. “Остави го својот чамец на брегот. Вербата ќе ти го чува!”
Немој само да ги затвориш очите, предавајќи се. Гледај со насмев, слушај со копнеж и храни ја надежта дека се е возможно за оној кој верува. Биди благодарен за се што се случило, тагата поминува низ надеж.
• Зарем невозможно е вистински да се биде благодарен без да се биде целосно среќен?
Душа
Небото е домот на душата, од каде слегува за да биде во нас. Душата по доаѓањето на земјата има две особини: разум и тежнеење. Таа го содржи доброто, но не знае да го препознае. А од незнаење се раѓа злото, кое прераснува во ментално уживање.
Доброто е во душата, а најголемо добро е Господ Бог. Нему му тежи секоја душа.
Данте Алигиери го отелотвори идеалот на верата, моралот, науката и политиката.
Секој човек во еден момент се запрашува колку тежат неговите гревови, во кои секој од нас лута-свесно или неасвесно. Со преминувањето низ круговите на Пеколот и согледувањето на најмрачните слики не може да се избегне личното преиспитување. Пропаднат во темнината, човек се запрашува за своето минато и иднина, а и за постоењето на светот, воопшто. Тешко е да се затворат очи пред вистината дека ниту еден од овие гревови не е искоренат, напротив, создадени се нови...
Колку кругови би биле потребни кога би се пишувал Пеколот денес?
Одрекување
Чувството кога ќе си речеш дека утре ќе престанеш, дека од утре ќе почнеш да правиш се како што треба, понекогаш толку често знае да ѕвони. Многу е тешко да се ослободиш од нешто кое знаеш дека те упропастува, а без него не можеш. Затоа треба да си одлучен, упорен и со сета снага да се бориш за себе, за својата иднина и сегашност.
*Но за да се разликува убавината на душата и оригиналноста на личноста, потребна е неспоредлива самосталност и слобода.
Понекогаше е тешко да направиш нешто за себе, за свој подобар живот. Понекогаш ќе ја дознаеме вистината и ќе речеме: уште денес, само уште денес.
Во животот потребен е само еден ден да бидеме спремни да се избориме, да покажеме дека сме згрешиле од незнаење, а не зашто сме сакале да му наштетиме на другиот. Треба да се има цврста волја. Треба да се биде спремен за промени.
Пријател
*Човекот сака да го види својот најдобар пријател понижен пред себе. На понижување и се заснова поголемиот дел од пријателството.
Зошто човекот ужива кога гледа дека луѓето патат? Сака да гледа патење во нивните очи, зошто тогаш се осеќа надмоќно, се осеќа корисен и над другите. Во тие моменти тој се поставува заштитнички. Тоа е за него како доказ на неговата интелегенција.
Соништа
Ако ги напуштиме своите соништа, кога ќе ја согледаме нивната неперспективна стварност, и се тешиме дека така е подобро, сепак во душата, во нејзиниот подлабок дел, знаеме дека грешиме. Тогаш почнуваме да живееме за другите. Нашите мечти се претвораат во таков облик каков што треба да го претставиме пред другите. Тогаш нашите постапки се вештачат.
Така губиме дел по дел од себеси, се додека целосно не се изгубиме и се претвориме во некое друго ЈАС, додека изгубеното ЈАС ќе го најде некој друг и како маска ќе го стави на своето лице.
И тоа повеќе не сме ние, и тоа повеќе не се тие, а и натака живееме, го живееме туѓиот живот, мислиме туѓи мисли...Единствено не ги сонуваме туѓите соништа, бидејќи повеќе воопшто не сонуваме. Се плашиме од сонот...
Омраза
Човек не мрази друг човек, туку само се плаши од него. Стравот и омразата одат напоредно. Луѓето кои многу мразат се страшливци. Тие се постојано вознемирени, бидејќи се осеќаат послаби од својата опасност.
Ние и тие
Секогаш размислуваме и ги анализираме туѓите несовршености. Кога имаме толку време, зошто не се загледаме во себе си, можеби ќе наидеме на некои интересни работи? Мислам дека се работи за стравот дека во себе ќе ги пронајдеме нештата кои ги осудуваме кај другите; во својот лик ќе најдеме по еден образ од секого и од сечија мана склопена во едно. Страв од себе си дане не си се допаднеме. А, ако ја изгубиме својата љубов, ја губиме и туѓата. Да. Од страв се се прави во овој свет. Тој е најголемиот наш поткренувач.
Најголемото зло човекот го прави не од љубов кон злото, туку од страв од животот. Но, не само од животот, туку и од оној така чест страв од отфрлување.
Сега се враќаме повторно на почеток од оваа човечка пародија и се прашуваме до каде води оваа бесмисленост? И, иако оваа тема штотуку почнува, уморна сум од стравување дека постојано ќе се вртам во круг и затоа веднаш ќе одговорам на прашањето: Се додека почнеме да се бараме себе си во огледало, се додека храбро не погледнеме во сопствената душа и се запрашаме: Кој сум јас?
Бидејќи, кукавици не се оние кои се плашат, туку оние кои одбиваат да го признаат тоа.
Природна сила
Има животни ситуации кои самите ги креираме, а постојат и ситуации на кои не можеме да дејствуваме. Постои природна рамнотежа, некоја сила, која човекот со векови се труди да ја одгатне. И бара име, облик, смисол. Но, неминовно е едно. Таа сила дејствува на сите нас. Не прескокнува никој. Подеднакво е присутна и во животот на богатите, и во животот на сиромашните, и на среќните и на несреќните. Таа не прави никаква разлика. На таа сила не можеме да дејствуваме.
Но, не е потребно целосно да се предадеме на таа сила. Човекот умее многу. Може да дејствува на самиот себе. Може да ги исправи своите насоки и по нив да тргне. Да се осмислува и обликува во добро; правдата и разбирањето треба да е сечија цел. Како такви, судбината нема да биде грешка.
На животот вечно ќе гледаме со младешки полет и оптимизам. Здравиот разум, добротата и позитивниот став не може никој да ни го одземе, па ни тешка животна олуја.
|