sirius |
Почеток на Одисеја 2001: Вселенската Одисеја го прикажува изгревањето на Сонцето над заоблената Земја; во исто време тече воведот во музичката поема на Рихард Штраус, Also Sprach Zarathustra (Така зборуваше Заратустра). Оваа музика е замислена да го претстави умниот човек, Заратустра, како слегува од планината за да им го проповеда сопственото евангелие на луѓето. Само што сега Стенли Кјубрик доаѓа за да го проповеда своето евангелие.
Книгата на Фридрих Ниче, Also Sprach Zarathustra, од којашто Штраусовата симфонија е инспирирана, ја претставува идејата за победата на Ubermensch, или Надчовекот, над Човекот. Оваа тема се сретнува и во Кјубриковите филмови: Dr. Strangelove (1963), Пеколниот Портокал (1971), а особено во Одисеја 2001: Вселенска одисеја (1968).
Ничеовата идеја најверојатно води потекло од Дарвиновата теорија за природната селекција. Ниче го гледал животот како „битка за опстанок во која најсилните опстануваат, силата е единствената доблест, а слабоста единствен недостаток.“ Според Ниче, еволуцијата на човекот ќе се одвива низ три стадиуми: примитивен човек (мајмун), модерен човек, и конечно, надчовек. За ова Ниче напишал „Што му е мајмунот на човека? Предмет на потсмев или болна непријатност. Така и човекот ќе му биде на надчовекот: предмет на потсмев или болна непријатност.“ Човекот е само мост меѓу мајмунот и надчовекот, но, за да стане надчовек, за тоа да се случи, човекот мора да ја искористи својата волја, „(волја) да се самосоздаде или нагон да се дојде до крајот, до нешто повисоко и подалечно.“
Описот на примитивниот човек во Одисеја 2001 се наоѓа во сегментот „Муграта на човекот“ со што започнува филмот. Овој сегмент го опишува примитивниот човек кој се здобива со инстинкт да убива, симболизиран во појавата на монолитот. Во романот 2001, главниот мајмун-човек (наречен Набљудувач на месечината или Moon-Watcher) откако го добива овој инстинкт и убива друг мајмун-човек е опишан како господар на светот и мислата „не беше сосем сигурен што следно да направи, но сепак ќе смисли нешто.“ Ова е прецизна илустрација на примитивниот човек како суштество од акција и од момент, дионизиски дух.
Транзицијата од примитивен кон модерен човек е постепен процес. Одисеја 2001 го отсликува ова во сцената која прикажува како Moon-Watcher фрла коска во воздухот. Поглавјето што коренспондира на овој настан, наречено „Возвишување на човекот“,накусо ги опишува еволутивните и интелектуални промени во човекот што водат до неговото сегашно аполониско Себе.
Во патувањето од примитивен човек до надчовек, монолитот на Месечината во Одисеја 2001 го одбележува главниот момент. Во сцената со месечевиот монолит, Сонцето е насликано директно над него додека монолитот емитува гласна бучава (можеби да го сигнализира доаѓањето на моментот). Овој момент е објаснет од Ниче како „пладнето кога човекот стои на половина пат меѓу sвер и надчовек... пат до новото утро “, првото утро на надчовекот.
Надчовекот е достигнат на крајот на Одисеја 2001 . Во крајните сцени, астронаутот Дејвид Баумен лежи на својата смртна постела. Пред своето издивнување, тој го посакува надчовекот. „’Го сакам оној кој посакува создавање на нешто повисоко од себе, за потоа да умре‘ рече Заратустра.“ Ничеовата идеја e дека човештвото се бори за Идеал, наречен надчовек; koj посакува да заживее како човек пред да умре.
Во Одисеја 2001, надчовекот е прикажан како дете (во романот наречено Sвездено-дете (Star-Child)). Ова, исто така, доаѓа од Ниче, од неговата метафора за трите човекови метаморфози на духот. Во крајната метаморфоза кога човекот постанува надчовек, Ниче вели дека духот ќе му стане како на дете, зошто „детето е невиност и заборав, нов почеток.“ Детето е, исто така, со дионизиски дух, зашто општествените услови се надвор од него. Во Одисеја 2001, Star-Child исто така го претставува повторното раѓање на Дејвид Баумен (т.е. повторното раѓање на човештвото) враќајќи се повторно на Земјата во финалната сцена. Оваа епизода со јазикот на Ниче е објаснета како: „духот сега ја посакува сопствената волја, и оној кој беше изгубен за светот сега го освојува својот сопствен свет.“ Дејвид Бауман, изгубен за светот за време на вселенската одисеја, се враќа за да владее со него.
|