Duhot na Vovata |
06/05: Од другата страна на менталната бариера
Category: Увод
Posted by: admin
„Народот ги сака и ги почитува моќните, силните луѓе, победниците, им ги простува лесно злоделата и нечесноста. Српскиот народ е катастрофално лекомислен: Тито му е голем и најголем: тој го ослободи од Германците и го спаси од Русите, му даде бројни и ситни и корисни за животот права, можности за стекнување и уживање, за неработење, крадење... Малиот, беден и несреќен народ се поистовети себе си со Тито, ако е тој голем големи сме и ние.“ - Добрица Ќосиќ, во СФРЈ познат како југословенски писател, а потоа и како српски политичар, претседател на т.н. трета Југославија. (в-к „Нова Македонија”, Скопје 29.04.1995)
На почетокот од 30-тите години од XX век, во сатирата „Ускомчел“ (у-совршен комунистички човек) писателот И.Ернбург го исмева „новиот тип болшевик“ чиј „извор на верување“ е во „силата на декретите“.[1]
Сатирата е одобрена од „другарот Сталин“.[2] Господарот на животот и смртта во Земјата на големата лага,[3] духовниот отец, пастирот и владиката на сите „советски другари” со сите средства работи „изворот на верување” да извира од државниот систем за контрола на мислите на поданиците.
Во советскиот инкубатор „најмилиот другар“ на патот кон „светлата иднина“[4] ја игрa ролјата на семожен авторитет: спасител - месија, визонер - пророк и безсмртен со „ликот и делото“; - Исус Христос, татко и мајка на сите „советски народи и народности“.[5]
Ставени во состојба на неспособност да бидат објективни за реалноста во која се наоѓаат „широките народни маси“ лагата ја доживувале како вистина, вистината како лага, измамата како човекољубие, ропството како слобода.
Откритието дека човек може да биде манипулиран од името на науката, дека неограничената власт може како што сака да манипулира со „широките народни маси“, во еден или во друг правец, е една од причините за подемот, но и за распадот на СССР, на СФРЈ и на сличните тоталитарни режими.
Сталин, Тито, и другите како нив, секој во цутот на својот режим, успеале на своите поданици да им наметнат целосна погрешна претстава за себе и целосно искриевена слика за реалноста во која се наоѓаат.
Во 1936 г. „таткото на сите советски народи и народности“ изјавува: „Ние создадовме нов тип човек, советски човек“![6]
Неколку години покасно, Хитлер на светот му го претставува својот „у-совршен“ Германец.
„Јас ја фанатизирам масата за да направам од неа инструмент на мојата политика.“ - Адолф Хитлер фирерот, водачот и најмилиот на Национал-Социјалистичката Германска Работничка Партија (NSDAP).
Неколку децении покасно, во „братството“ на новиот тип „југословенски човек“[7] се појавува и Титовиот „у-совршен“ Македонец. Задоен со лага, одгледан со измама, ислашен од мислата да биде самостоен, создаден е секогаш да биде инфериорен.
У-совршени Македонци: втор од лево „другарот“ Крсте Црвенковски, четврт од лево „другарот“ Лазо Колишевски, прв од десно „најмилиот другар“- таткото и мајката на „југословенските народи и народности“.
Тоталитарните робови: Сталиновиот нов тип човек, Хитлеровиот у-совршен Германец, Титовото Македонче и другите слични на нив (малиот, беден, несреќен и катастрофално лекомислен српски народ), се производ на една иста технологија на власт. Огромните разлики во нивните желби, стравови, страсти, склоности кон добро или зло, беа поради различните доживувања во светогледот создаден од различниот сурогат на опиумот за народот.[8]
Маршалот! Најдобро знаеше како да ги фанатизира масите, учеше не само од неговите први „големи учители Ленин и Сталин“, ами и од фашистичкиот дуче и нацистичкиот фирер.
Слободата е осознаена нужност
Слободата не е само политичка категорија, таа е и психолошка категорија. Колку ќе се чувствува слободен еден човек, не зависи само од политичкиот систем во општеството, туку и од структурата на личноста, од интеракцијата меѓу нејзините чувства, стремежи, нејзиниот светоглед, од една страна и карактерот на општеството од друга страна, како креатор на одреден светоглед и креатор на личноста.
Карикатура на прочуената во 1948 г. карикатура за Сталин од титоистичкиот хумористист З.Џумхур.
Во една мудрост за вистината се кажува: додека едни ја барат, други ја кријат, а трети без неа мирно спијат.
Беспрекорното познавање на фактите истовремено не значи и критичко мислење. За критичкото мислење, за слободата на мислата, решавачкото не е што се мисли, туку како се мисли, т.е. клучното е: каков е заклучокот според тоа како се дошло до заклучокот, а не самата содржина за која се верува дека е заклучокот.
Маршалот многу ги сакаше децата од сите раси и националности, а најмногу децата на „југословенските народи и народности“.
Знаење и верување не е исто
Кога се соочуваме со интерпретации за минатото, т.е. со вести од минатото, првото што треба да направиме е да најдеме валиден одговор на прашањата: како е осознаена содржината на интерпретацијата, со каква цел е презентирана, кој е тој што ја напишал, во какви општествено-историски прилики ја напишал, кои се неговите мотиви (какви се неговите размисли, какви се неговите желби, страсти и стравови, каква е неговата склоност кон добро и зло).
Истовремено, како мисловни суштества, секогаш треба да имаме на ум, колку можеме, како луѓе, да се издигнеме над нашите субјективни желби, стравови, страсти и предрасуди, за да бидеме објективни при восприемањето на фактите и донесувањето на заклучоците. Односно, колку можеме да ги совладаме трите ментални пречки кои ја попречуваат критичката мисла: предрасудите (усвоените погрешни претстави), однапред замислените идеи кои не кореспондираат со фактите и емоциите (омраза, љубов, страв, неоправдан сомнеж).
Молотов, Сталин и Тито во Москва април 1945 г. На оваа средба најмногу се радувале Македонците и Албанците кои се надеваат дека Сталин ќе ја одигра главната ролја во создавањето на балканска или јужнословенска федерација. Великосрпските комунисти очекувале дека Тито ќе ја зачува „независноста на нова Југославија“.
Историјата не е егзактна наука
Таа не располага со експериментални дисциплини (како хемијата, билогијата, или физиката) со кои може да се стекнуваат и докажуваат сознанијата.
Во егзактните науки 2+2=4 независно од волјата на луѓето, а во т.н. „општествени науки“ сe зависеше од волјата на партиските „научни работници“.
За разлика од егзактните науки, во „историографијата“ фактите зборуваат само кога ќе бидат повикани, а логично разумните интерпретации можат да бидат конструирани и без содржински да кореспондираат со реалноста.
Читателот секогаш не може да го преиспитува тоа што му се кажува дека е вистина.
Читателот и да знае, не може да знае се, тоа е човечка ситуација.
Од друга страна, т.н. пишувани историски извори, т.е. сознанијата (интерпретациите) за настаните од минатото стигаат до нас претходно „обработени“ од нејзините запишувачи, кои, исто така се производ на интеракцијата меѓу запишувачот, општеството и предходните запишувачи.
Во тоталитарниот инкубатор
самоволието на господарот на мислите беше прогласено за единствениот пазител на умот и вистината. Неговите стражари на менталната бариера во моделирањето на нашиот светоглед, а со тоа и нашето поведение, на нас поданиците ни одредуваа што да гледаме, што да слушаме, како да го доживеаме виденото и чуеното, на што да се сеќаваме, а што да заборавиме.
„Не е доволно да се има социјализам, и грѓаните мора да бидат превоспитани во социјалсистички дух.“ - Една од „божјите заповеди“ изречена од „другарот Тито“ на Пленум на ЦК на КПЈ 1948 г.
Во така моделираната претстава за „нашето“ во тоталитарниот виртуелен свет, создаден со строга контрола на спознајните можности на поданиците - превоспитаници, Титовите „другари“ се стремеа од своите превоспитаници да создадат совршени робови (животот нема смисла без „најмилиот другар“) - емотивно осакатени и во секој друг поглед неспособни да го осознаат нехуманото поведение на „најмилиот другар“ и неговата камарила.
Титовите креатори на историјата
исто како Сталиновите, немаа за цел пред јавноста да презентираат одговори на прашањата што навистина се случувало во минатото. Ползувајки илегална технологија (т.н. научна историографија се служи со строго определени инструменти), продуцираа произволни интерпретации за минатото и сегашноста како сурогат на вистината за историското минато, со цел да наметнат верувања, од кои „спонатано“ ќе произлезе поведението на оние кои наумиле да ги манипулираат.
Согласно нивните цели, креацијата на посакуваната иднина ја проектираа во непроменливото минато, а таквата проекција ја сервираа во форма на логично разумна интерпретација за настани од историјата. Затоа, прво го конструираа „заклучокот“, а потоа им приоѓаа на фактите. Од гледиштето на историјата како наука која се занимава само со минатото, тоа е исто како докторот прво да ја постави дијагнозата, а потоа според неа да ги монтира наодите.
Москва , април 1945 г. - Тито, Сталин, Молотов го потпишуваат договорот за „вечна дружба“ на „нова Југославија“ со СССР.
За да го доведат својот објект на манипулација во состојба на верување, Титовите креатори на историјата не бираа средства: дрско ги презираа историските сведоштва, ја злоупотребуваа неинформираноста на објектот што е предмет на нивната манипулација, настапуваа сметајки на изолацијата на јавноста од изворите на вистинита што ги криеа. Работеа со сите сили да ја онеспособат јавноста критички да мисли за тоа што кажуваа дека е вистина. Токму затоа, така изградената логично разумна интерпретација, кога ќе дојде во допир со изворите на вистината, се разлага на лаги.
Во 1944 г. Черчил го советувал Тито да избере: или да биде „сиромашен советски чиновник“, или со британска помош да ја одигра ролјата на „балкански мангуп“. Најмилиот другар му ветил дека ја избрал „независноста на нова Југославија“, но откако маршалот со својата армија влегол во Трст, Черчил се посомневал дека Тито ќе се спротистави на Сталиновиот продор во Европа. На фотографијата: во 1953 г. Черчил му честита на Тито за тоа што „маршалот“ успеал да го насамари Сталин.
За разлика од лажинаучниот комунизам
во вистинската наука сознанијата не се докажуваат со најпримитивната аргументација, т.е. со аргументите што произлегуваат од моќта на убедувањето на суровата сила и подлоста на измамамата.
Фабрикантите на сурогатот на историографија во Титова Југославија (исто како и во Караѓорѓевата), кон граѓаните во Македонија се однесуваа, не како кон слободни човечки личности, туку како кон непријатели, односно како окупатор кон домашно население.
Со безмилосната експолатазија на близнаците Лага, Цензура и Фалсификат, во „Титовиот специфичен пат“ кон „светлата иднина“, имавме сурогат на историографија, составен од дозирани и злоупотребени вистини, произволни заклучоци, догми, табу-теми и анатеми, внедрени во нашите глави како ментална бариера од несаканите за режимот историски вистини, исто како што бетонските бункери во Енверхоџина Албанија беа во функција на дотичната државна параноична идеологија.
Ако сурогатот на историографијата фабрикувана во Титова Југославија е светост, тогаш и Енверхоџините бункери се светост.
„Има симболика во ова слика, иако се сосема мали деца. Целиот живот на Јосип Броз Тито е посветен на битката за среќата на луѓето, за среќата на децата од земјите на сите континенети, на сите раси и бои.“ - Од монографијата Јосип Броз Тито, Скопје 1982.
Нашата претстава за нашето историско минато
треба да биде изградена врз основа на знаења и верувања кои непопречени од ништо слободно извираат од реалноста во историските сведоштва. Во градењето на претставата за нашето историско минато потребна ни е критичка мисла, потребен ни е култ кон вистината, а не култ кон македонизмот во карантин.
Нема човекољубец на кого му се потребни подметнатите лаги од времето на догматскиот начин на мислење, кога, ние, како југословенски поданици-превоспитаници, бевме должни со своето поведение јавно да потврдиме дека го доживуваме како вистина сето тоа што ни кажуваа дека е вистина.
Иконографијата на Комунистичката партија на Југославија поставена во првото повеќепатиско Собрание на Република Македонија.
Еден конституиран народ нема зошто да се плаши од сопствената историја
Но, како одамна правно политички оформена нација, во соочувањето со непријатните вистини од нашето колективно минато сеуште имаме бурен отпор кон откривањето на комунистичките тајни. Тоа, непријатните вистини ги прави уште поболни и уште повознемиерувачки.
За да стане некоја единка зрела, интегрирана личност, а не да остане расцепкана личност, таа треба да биде способна да ги носи во себе и непријатните, вознемирувачки содржини и сознанија за себе.
Аналогно на тоа, на колективен план, таквото комунистичко - националистичко историско пуританство е пречка на вистинското национално созревање и интегрирање на еден инаку веќе правно и политички конституиран народ.
Поради сето тоа, неприфатливо е поведението на тие што во името на науката, во името на културата и националното достоинство, се спротиставуваат на разоткривањето на комунистичките тајни, а притоа себе си од цревоугодништво, злоба, лицемерие, или од заблуда, се рекламираат како единствени заштитници на честа и угледот на македонската нација.
Првото повеќепартиско собрание на РМ конституирано на 08.01.1991 г.
1.) „Исус му кажа ако сакаш да бидеш совршен оди продај го имотот свој и раздели го на сиромаси... и секој што ќе остави куќа, или брат, или сестра, или татко, или мајка, или жена, или деца, или ниви, заради моето име, ќе наследи сто пати повеќе и ќе добие живот вечен.“ (Матеја 19:21-29)
2.) „Но вие сте... луѓе придобиени, за да ги возвишете совршенставта на Оној, Кој ве повикал од темнината, во Својата чудна светлина... бевте како овци изгубени, кои немаа пастир, но сега се обрнавте кон Пастирот и Владиката на вашите души... кој ве повикува за својата вечна Слава... по вашето кратко страдање, да ве усоврши, укрепи и направи непоколебливи.“ (Прво соборно послание [писмо] на Апостол Петар 2:9-10; 5 и 5:25)
3.) През 1936 г. во Париз, хрватскиот комунист Анте Цилига, после својот грозморен престој во СССР, ја издава книгата „Земјата на големата лага“, во која открива некои од најзначајните лаги на советската пропаганда за божемната земја на „научниот комунизам“. По повод на ова книга, Јосип Броз Тито и Едвард Кардељ во францускиот печат полимизираат со Цилига. Полемиката завршува на суд, со пресуда Тито да плати 1 (еден) франк како морална сатисфакција на Цилига.
4.) Ветениот комунистички животен стандард во материјално изобилство (8 часа работа, 8 часа образвание и 8 часа одмор) во „светлата иднина“ всушност е инспириран од животот на првите христијани:
„А народот, што поверува, имаше едно срце и една душа: и никој ништо од својот имот не го наречуваше свое, туку се им беше заедничко. Не постоеше ниеден меѓу нив што имаше потреба за нешто; бидејќи оние, што имаа ниви или куќи, ги продаваа и парите земени за нив ги донесуваа и ги клаваа пред нозите на апостолите: и секому му се даваше според неговите потреби.“ (Дела од Св. Апостол Лука 4:32;34-35)
Првите социјалисти биле христијани, а Карл Маркс прогласен за „основач на научниот социјализам и комунизам“, станал таков како што ни го претставуавше комунистичата пропаганда, во моментот кога религијата ја прогласил за „опиум за народот“.
5.) „А Исус му рече: Ако можеш да поверуваш? Се е можно за оној кој верува!“ (Марко 9:23)
6.) „да го отфрлите од себе стариот човек според вашето поранешно живеење, ...да се обновите со духот на својот ум и да се облечете во новиот човек, создаден според Бога во правда и светост во вистината.“ (Послание на Св.Павле до ефесјаните 4:22-24)
7.) Со преименувањето на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците во Кралство Југославија, се појавува и синтагмата „југословенски човек“, како израз на великорспкиот хегемонизам. Кралот Александар Караѓорѓевиќ со големи амбиции се зафатил да создаде „југословенски човек“, но не успеал да си го доврши делото до крај. Во 1934 г. во Марсилија, егзекуторот Владо Черноземски со неколку истрли во „српскиот крал“ ја извршил смртната пресуда изречена од В.М.Р.О. Според великосрпска легенда, смртно погодениот југословенски крал пред да умре успеал (секако како загрижен татко на тукушто родениот „југословенскиот човек“) да остави завет: „Чувајте ми Југославију!“.
На Јосип Броз му успеа да ја зачува „нова Југославија“ (1945-1990), но Титовото превоспитување на Караѓорѓевиот „југословенски човек“ не даде трајни резултати. За само 10 години после неговата смрт, истовремено со распадот на „социјализмот како светски процес“, се актуелизира и втората најзначајна лага на титоизмот, дека на АВНОЈ во Јајце било решено „југословенското национално прашање“.
8.) Според Карл Маркс религијта е опиум за народот.
|