Елитата се врати во село
Елитата се врати во село
dejan Елитата се врати во село. Да се живее во Злокуќани, Бардовци и Соње е моментно хит кај македонските богаташи и јавни личности, кои од Водно и Центар масовно се селат во луксузните палати изградени на периферијата на Скопје.


Центар- пренаселен како работничките населби на Запад

Некогашната зона на елитно становање, Центар, по сегашната густина на населеност е идентична со работничките населби на Запад. Не е никаква привилегија да се живее во опкружување во кое зеленило нема ни за лек, каде има бучава и загаден воздух колку сакаш. Нема ни доволно место за паркирање, ни детски игралишта. На секое слободно ќоше имате зграда, која наместо 3- 4 ката има 7-8, а ако соседот не ви sирка во супата додека јадете, спаѓате во редот на вистинските среќници.

Водно- резиденција на странските дипломати

Бастионот на црвената буржуазија каде со децении беше престиж да се има вила, постепено од елитна се претвора во резиденцијална населба на странските дипломати. Овде најчесто квадратите се градат за да се издаваат. Водно е се уште привлечно за поголемиот дел од скопјани, кои сонуваат овде да имаат куќа. Од објектите што се изградени последниве години, ќе ги спомнеме куќата на Маја и Дарко Панчеви, сопственикот на "Рио кафе" Зоран Тодоровски, на бизнисменот Зелениковски, на екс министерот и пратеник Љубе Бошковски, како и на ќерката на Коста Балабанов, арх. Јасминка Намичева, за која најчесто се интересираат странците.


Црниче и Пржино- карикатури на историските стилови

Населби во кои дивеат бруталните изданија и карикатури на историските стилови, од кои најголемиот дел се настанати во легална процедура и имаат уредна документација. Се градат кич луксузни куќи поради кои редовно се срамиме на светските конгреси за архитектура. Повпечатливи објекти се куќите на сопственикот на "Тинекс" Владо Тодоровиќ, професорот Тодор Рушков и на градоначалникот Трифун Костовски, за кои стручната јавност смета дека ни го обелуваат образот.

Кисела Вода-рекордер по бројот на дивоградбите

Недостатокот на градежно земјиште од една страна и високата цена на станбените квадрати од друга, се главните виновници што во Кисела Вода речиси преку ноќ никнуваат станбени повеќекатници, апартмански блокови и урбани вили. Не се води сметка за нерешените имотно-правни односи на поголемиот дел од локациите на кои се гради, ни за недостатокот на инфраструктура.


Тафталиџе,Трнодол и Козле - омилени населби на бизнисмените, адвокатите, нотарите...

Тафталиџе, Трнодол и Козле се омилени населби на голем број на наши бизнисмени, лекари, адвокати и нотари. Населбите се мирни и за разлика од Водно, Бардовци и Злокуќани, ако спаѓате во групата на 6% привилегирани Македонци кои имаат доволно пари да изберат каде и како ќе живеат и сакаат да останат скриени од јавноста, овде нема да паѓате во очи.
Меѓу староседелците во Тафталиџе ќе ги сретнете имињата на хирургот Димитар Кафтанџиев и адвокатот Никола Поленак, чии куќи иако се со постар датум, сепак сеуште привлекуваат внимание. Во оваа населба ќе ги забележите и куќите на нотарката Елизабета Докиќ, бизнисменот Лука Которчевиќ, на семејството Калиникови, и на сопственикот на Рикох-Мак. Во Трнодол својата оаза ја најдоа Глигор Бишев, генералниот менаџер на Стопанска банка кој изгради палата и ексдиректорот за односи за јавност во "Окта" Маноли.


Злокуќани од село стана Беверли Хилс

До пред десетина години Злокуќани беше обично село на периферијата на Скопје. Ретко кој имаше желба да помине покрај скромните куќарки на локалните Роми и болницата Бардовци, а оние кои случајно ќе заталкаа натаму, го забрзуваа чекорот бегајќи од сликата на беда и сиромаштија. Овој дел од градот почна да добива наполно нов изглед кога во него почнаа да се населуваат оние што сакаа да живеат во предградие и имаа доволно капитал токму овде да ги реализираат куќите од своите соништа. Моментно е една од најелитните населби во Скопје, во која своето "место под сонцето" го пронајдоа адвокатот Драган Поповски, како и поранешниот ректор на универзитетот "Св. Кирил и Методиј" Александар Анчевски и неговата сопруга Љубица Шутуркова.
Злокуќани е препознатливо и по луксузниот комплекс "Св. Јован", кој пред неколку години беше делумно урнат од страна на градежната инспекција бидејќи се наоѓа на дел од археолошки локалитет. Подоцна, повторно е изграден. Во него се сместени 20-тина апартмани и 10-тина индивидуални куќи, разделени со базен за пливање и две езерца со пајки, шатки и лебеди. Комплексот е ограден, го чува обезбедување 24 часа, а го одржуваат 40 луѓе за чии услуги станарите плаќаат околу 4000 денари месечно. Цената на квадратот е во просек од 1500- 2000 евра, што и не е многу ако се земат предвид погодностите што ги нуди местото. Овде, освен странски дипломати, живеат и директорката на "Амвон комуникации" Јасмина Кимова, стилистот Сретен Костиќ, фудбалерот Саша Ќириќ, ексдиректорот на"Пивара-Скопје" Свето Јаневски, професорот Саво Климовски, директорите на "Матав" и "Космофон", како и поп-sвездата Тоше Проески.


Бардовци со идеална микроклима

Благодарение на вкрстувањето на воздушните движења од Качаничката клисура и Матка, температурата во Бардовци лете е секогаш пониска за неколку степени од центарот на Скопје. До пред некоја година населбата беше непозната за инвеститорите со подлабок џеб. Скриената убавина на Бардовци повторно ја открија професорите на Архитектонскиот факултет Георги Константиновски и Живко Поповски, кои беа меѓу првите што се преселија овде. Нивниот пример го следеа многумина- кардиохирургот Славко Георгиевски, сопственикот на музичкото студио ТРА-ЛА-ЛА Мите Димовски, оралниот хирург Јулио Поповски, главниот уредник на Форум Сашо Ордановски, поранешниот член на К-15 Емил Тодоровски-Бапчо, гитаристот Влатко Стефановски, манекенката Наталија Грубовиќ... Иако луксузните вили од по 1000 м2 се уште немаат решена инфраструктура, каде многу често се случуваат хаварии со водоводниот систем и нема изградена канализација, денес цените на земјиштето вртоглаво скокаат. Затоа, ако сакате да градите треба што побрзо да си капарисате плац, како што тоа го сторија Дуле и Коки, кои имаат намера овде да градат куќа.



Катланово и Соње- новооткриена мета на македонските тајкуни

Поради ниската цена на градежното земјиште, Катланово, како и Соње, моментно е атрактивна цел на новопечените скопски "тајкуни" кои се збогатија за време на периодот на транзиција. Бујната вегетација, разиграните ридчиња, како и величествениот поглед на кањонот на Пчиња што се пружа од каскадниот терен се причината поради која постои се поголем интерес за оваа населба, оддалечена 30-тина км од центарот на Скопје. Црвената двокатница над црквата Св. Недела што му припаѓа на сопственикот на месната индустрија "Римес" Криста Павиќ е најинтересниот објект во населбата што сигурно ќе ви падне во очи.


Визбегово, Волково, Хром, Ѓорче Петров, Чаир

Не можат да се пофалат со квалитетна архитектонска продукција. Волково за живот го избрале д-р Јовица Угриновски, пеачката Вики Среброва и арх. Милчо Мојсов, кој овде има свој ранч и ергела расни коњи. Во Визбегово живее пилотот на МАТ, Станислав Анижиќ, а во Хром е сместена куќата на Динко Киров која е едно врвните остварувања на поле на станбената изградба кај нас. Нашата пеачка Туна Сејдиу живее со родителите во Чаир.
http://www.vest.com.mk/default.asp?id=103419&idg=6&idb=1557&rubrika=Revija

Auuuu