dejan |
РАСТАТ ЗАШТЕДИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ ВО МАКЕДОНСКИТЕ БАНКИ
За шест месеци, граѓаните депонирале 100 милиони евра
И НАТАМУ НАЈМНОГУ СЕ ШТЕДИ ВО ДЕВИЗИ И ТОА ВО ЕВРА, А СЕ ЗГОЛЕМУВА И РОЧНОСТА НА ДЕПОНИРАНИТЕ ПАРИ НА НАСЕЛЕНИЕТО ВО БАНКИТЕ
Заштедите на граѓаните во македонските банки и натаму растат.
За шест месеци од годинава во споредба со крајот на минатата година тие се зголемени за околу 100 милиони евра. Поточно, минатата година, граѓаните во македонските банки депонираа 773 милиони евра, додека заклучно со крајот на јули, годинава, заштедата достигна 870 милиони евра. Трендот на порастот на заштедите, особено е зголемен од февруари годинава, кога вкупните заштеди во банките достигнаа 804 милиони евра, што е пораст од 31 милион евра во однос на декември лани. Порастот, пак, од февруари до крајот на јули, односно за само пет месеци, е дури 66 милиони евра.
Податоците говорат дека и понатаму македонските граѓани претпочитаат своите настрана вложени пари во банките да ги чуваат во девизи. Па така во моментов во банките на име на денарска заштеда се депонирани околу 16,4 милиони денари, додека девизното штедење е речиси двојно поголемо и изнесува 36,8 милиони денари.
Според директорот на Фондот за осигурување на депозити, Јорде Крагуевски, штедењето во девизи е речиси традиционално на нашиве простори, бидејќи граѓаните се чувствуваат посигурни ако своите пари ги претворат во странска валута. Гледано од овој аспект, најголем износ на девизните заштеди е во евра, потоа во американските долари и швајцарските франци. Како што велат банкарите, она што се забележува во изминативе две години е што граѓаните не само што се повеќе се определуваат заштедените пари да ги депонираат во банкарските трезори, туку и расте интересот за орочување на парите. Па така, во декември минатата година во банките од вкупните заштеди околу 23 милијарди денари беа орочени средства на три и повеќе месеци, додека 24 милијарди беа средства по видување. Во јули, годинава, од вкупно 53 милијарди денари заштеди на граѓаните во банките, дури 26,6 милиони се орочени средства, а исто толку се и средства по видување.
Голем придонес, нагласуваат банкарите за враќањето на довербата на граѓаните кон банките одигра токму Фондот за осигурување на депозитите, кој по основ на банкрот на две штедилници и две банки од 109 милиони денари на име на обврска за обесштетување на штедачите, до сега исплати 103 милиони денари или 94 отсто од обврската. Во моментов се врши обесштетувањето на штедачите на “Радо банка" во вкупен износ од 75,6 милиони денари, од кои за една недела се исплатени дури 62,4 милиони денари.
http://www.vecer.com.mk/tekst.asp?tid=16134
|