BRAVO! | |
dejan | Човек со големо срце од мала држава Не беше лесно да се издржат тие маки, тој долг пат пешки од 2.500 километри од Скопје до Брисел, да се спие повеќе од 40 дена во шатор, во автомобил, да се пешачи по жешкото сонце што го следеше Емил Илиќ на патот низ Србија и Црна Гора, по силниот дожд, поплави и студеното време додека ги поминуваше Австрија и Германија. -Подвиг што заслужува внимание и респект, потфат што ќе остане запишан во историјата на оваа мала држава која има човек со толку големо срце, како што рече Фабрицио Баросо, генерален директор на Комисијата за прием на нови членки во Европската унија. Тој познатиот спортист и тренер од Скопје, Емил Илиќ, го прими во седиштето на Европската унија во Брисел, честитајќи му на подвигот во моментот кога ја примаше пораката од сите македонски спортисти и граѓани на нашава држава - Македонија да биде примена во Европската унија под уставното име. По 60 дена пешачење низ Србија и Црна Гора, Унгарија, Австрија, Германија и Белгија, Емил Илиќ заедно со својот придружник Љупчо Богоевски, кој го следеше со автомобил, но и кој еден дел од патот, исто така, го помина пешки правејќи му друштво на Илиќ, се врати во Скопје. Изостана свечениот пречек пред Соборниот храм од каде што Илиќ на 9 јули тргна на своето патешествие. Поради проблеми по патот од Брисел до Скопје и големиот замор што го чувствуваше, Илиќ со својот придружник задоцни од предвидениот термин за пристигнувањето, исцрпен, имаше само време да влезе во Соборниот храм да запали свеќа и да замине во својот дом каде што со душа чекаа да го видат и прегрнат татко му, синот Андреј (6), ќерката Тамара (11) и сопругата Лилјана. -Бев мошне среќен кога по изминатите 2.500 километри пристигнав во Брисел, бидејќи многумина се сомневаа дека ќе успеам да ја остварам мојата желба и да направам таков подвиг, но исто така и многу среќен кога ги видов моите деца пред станот кои ме чекаа неколку часа да се вратам и да бидам повторно заедно со нив, беа првите зборови на Емил Илиќ, со кого разговаравме непосредно по пристигнувањето дома. Како се чувствувате по толку изминати километри пешки? - Морам да признаам, не ми беше лесно. Имаше моменти кога ме фаќаше криза, кога имав големи проблеми со нозете кои по долго пешачење почнаа да ми отекуваат, ми се појавија плускавци на стапалата по првите изминати 200 километри, некаде кај Ниш.Плускавците и речиси сега веќе изобличените петици ми беа најголемата тешкотија. Пешачев, но чувствував болки. Солзи ми течеа од силните болки, но јас и натаму продолжив да пешачам. Во Белград и во Суботица лекарите малку ми ја подобрија положбата, купив и нови патики, бидејќи оние со кои тргнав од Скопје не беа најпогодни за ваква намера, беа тврди, не ми одговараа. Секоја вечер, во градовите каде што имав обезбедено хотел за да преспијам и да се одморам со својот придружник тоа беше во градовите во Србија и Црна Гора, Виена, Нирнберг и Франкфурт, првата задача ми беше да ги намачкам стапалата со вазелин и со разни масти што ми ги дадоа лекарите за да ги санирам плускавците. Беше тешко кога спиев во шатор или автомобил. Повеќе во автомобил, бидејќи беше тешко и речиси невозможно да се спие во шатор поради обилните дождови што ме следеа на патот низ Австрија и Германија, дури и во еден дел од Унгарија. Дождот ми правеше проблеми, бидејќи бев целиот наводенет, не можев да пешачам со чадор во рака. Облеката тешко се сушеше, некаде по Виена добив и температура, бев настинат, но за среќа таа брзо помина. Која беше Вашата најдолга дневна дестинација? - Во Германија, во еден ден поминав 52 километра. Тогаш ми беше и најтешко, но решив да ја минам, бидејќи времето беше погодно, дождот престана и некако некоја сила ме влечеше напред. Обично дневно пешачев од 7 до 8 часа, но потоа не се одморав, лекарите ми препорачаа уште малку да се движам. Тоа движење го користев да го разгледам градот со мојот придружник Љупчо Богоевски, ќе се шетавме два-три часа, па потоа следуваше одмор, во шатор или во автомобил. Што јадевте за овие 60 дена? - Низ Србија и Црна Гора каде што, благодарејќи на спонзори и обезбедено хотелско сместување, не беше проблем, јадевме што сакаме, но потоа низ Унгарија, Австрија и Германија повеќе сува храна и многу течност. Од мојата фирма "Рудине ММ°, која се занимава со дистрибуција на прехранбени артикли добив многу конзерви со разновидни меснати производи и готова храна и тоа беше нашето речиси секојдневно мени во 40 дена. Варевме и многу чај, особено кога беше студено време, пиевме многу сокови. И на мојот придружник Богоевски не му беше лесно, иако возеше, но често и тој со мене одеше пешки, особено низ Србија и Црна Гора. Напорниот пат, гледаме, остави траги и на вашето тело. - Ослабев 15 килограми, го симнав вишокот на килограмите што ги имав пред да тргнам на патот, дури и повеќе отколку што беше потребно. Изморен сум, повеќе психички отколку физички, ме загрижуваат малку стапалата и деформираните петици, но верувам дека и тоа ќе се среди. Утре ќе заминам на лекарски преглед, особено на кардиологија за да го проверам срцето, бубрезите да видам во каква здравствена положба сум сега. Потребен ми е одмор, деновиве ќе заминам малку во Маврово да се освежам, а потоа ме очекува редовна работа во мојата фирма. Сега единствено сакам да сум повеќе со моето семејство, со синот и ќерката, тие најмногу ми недостасуваа на овој пат, таа семејна атмосфера. На крајот, сакам преку "Утрински весник° да им се заблагодарам на многу познати и непознати луѓе кои ме поздравуваа на овој долг пат, кои ме храбреа да издржам, кои ми нудеа помош ако ми затреба. Бев горд што бев Македонец, што го препознаваа македонското знаме што го носев и кое се виореше на нашиот автомобил. Немаше човек по пат со кој ќе се сретневме кој не слушнал за Македонија. Во Виена дури го спомнуваа името на ракометниот клуб Кометал Ѓорче Петров. http://217.16.70.245/?pBroj=1876&stID=43051&pR=24 Bravo!!! |