Производство на здрава храна | |
Strelec | Во неколку наврати имам прочитано ставови дека Македонија има големи потенцијали во производство на здрава храна и дека таа шанса не смее да ја пропушти... Ми остави голем впечаток и еден текст што го најдов на интернет... Македонија ги има сите предуслови за производство на еколошко здрава храна, произведена на начин во кој не се користат пестициди од прва и од втора класа, целосно се избегнува употребата на вештачките ѓубрива. Првите чекори на ова поле веќе се остварени. Станува збор за резултатите постигнати во комплексот за производство на здрава храна во ”Тајмиште“, по принцип на кружење на материјата. Заради овој проект д-р Југослав Зибероски, професор на Земјоделскиот факултет во Скопје во 2000 година го доби големото признание ”Еколог на векот“! - Најпознатите европски експерти недвосмислено констатираа дека Македонија, како дел од Европа, е најмалку контанимирана и може да се наметне како производител на здрава храна. Дотолку повеќе што овие производи на европските пазари ги има малку, а побарувачката е голема, вели Владимир Толески, директор на холдинг компанијата ”Тајмиште“ и главниот менаџер на идејата да се биде пионер и прв во земјава Центар за производство на здрава храна. Производството на тајмишката екохрана почна пред повеќе години. На површина од околу 10 хектари во ”Тајмиште“ се произведуваат печурки, јаболка, мед, а во рибниците пливаат три вида пастрмки - калифорниски, хемос и златна. Направена е фарма на полжави, чии развој допрва претстои. Комплексот на здрава храна е проширен и со фарма на крави, овци и кози, кои во летниот период ги облагородуваат прекрасните пасишта на Бистра. Млекото од кравите, овците и козите се преработува во сопствената млекарница каде што се прави квалитетно тврдо сирење и урда. Производството на здрава храна во ”Тајмиште“ исклучува употреба на пестициди и вештачки ѓубрива. Местоположбата на Центарот на падините на Бистра далеку од индустриските капацитети и од магистралниот пат, го овозможуваат тоа, нагласува Толески. Во текот на производството се почитува природниот ”затворен круг“, што значи дека нема отпад. Од производството на шампињоните останува компосот кој се користи за одгледување на калифорниски црви. Тие ја преработуваат земјата во хумус, која пак се користи во градинарството, цвеќарството, овоштарството. Со црвите и остатоците од печурките се хранат рибите и тука кругот се затвара, вели тој. Меѓутоа, истакнува Толески, мора да признаеме дека ние се уште не сме сериозни понудувачи, зашто сме на почетокот на ваквото производство. Потребно е да се оргнизира производство во пошироки размери и обем, зашто подрачјето на нашава земја е идеално за здраво земјоделство. Дури тогаш ќе можеме да сметаме на извоз на поголеми количини. Охрабрува тоа што знаци за раздвиженост доаѓаат од сите страни. Како здрави еколошки региони кои високо котираат, покрај кичевскиот, на светската ранг листа се демирхисарскиот, беровскиот и кривопаланечкиот регион, заради првокласните услови за производство на млеко, месо и мед. Валандовскиот и струмичкиот регион, пак, се идеални за еколошка соја и за градинарски култури. |