Tекстилни фабрики
Tекстилни фабрики
dejan Грчките текстилци пуштаат сў подлабоки корени во Битола
Крај Битола никнуваат текстилни фабрики како печурки по дожд
Грчките менаџери во сферата на текстилот веќе не сакаат да бидат кираџии во најмени фабрички хали, па почнаа натпревар кој ќе изгради поголема и поубава фабрика




ГОЦЕ КАРЕВСКИ
БИТОЛА - Пропаѓањето на некогашните социјалистички текстилни капацитети во градот под Пелистер, во кои своевремено работеа десетина илјади битолчани, последниве години, барем во поглед на вработувањата, солидно го компензираат десетиците мали и средни текстилни капацитети на инвеститори од Република Грција. Речиси две илјади од луѓето што завршија на улица повторно се зад машините, а буквално сите менаџерски тимови во грчките текстилни фирми постојано нудат отворени огласи и за нови вработувања. Сите тие, кои во Битола стартуваа со многу стравувања и со најмногу стотина работници, последниве две години интензивно се шират, па некои од нив, како што е тимот на фирмата "Родон°, на пример, стигнаа и до капацитети што во моментов ги опслужуваат дури 800 луѓе. Покрај тоа, менаџерите од Грција, кои во почетокот само срамежливо испитуваа дали на овој терен ќе најдат барем малку попристојна егзистенција отколку дома, сега се храбри и на големо инвестираат. Тие повеќе не сакаат да бидат кираџии во најмени хали во некогашните фабрики што пропаднаа, па меѓу себе како да се во трка кој ќе изгради поголема и поубава фабрика. "Родон° купи веќе изграден објект, односно некогашната фабрика за ситни кожи "Борис Кидрич° и солидно ја реконструира. А "Комингтон° и "Михос планет°, кај селото Кравари, два-три километра од Битола, изградија сопствени објекти што станаа поим за импозантни градби во градов. Други грчки менаџери, пак, веќе купуваат плацови за градба близу до нив, а тоа веќе стана сигнал, конечно, и за жителите на Кравари, кои цената на земјиштето ја подигнаа од две евра за квадратен метар, колку што одвај достигнуваше до пред две-три години, на 20, па и 25 евра.
Грчките бизнисмени во сферата на текстилот, кои ретко се појавуваат на своите имоти во Битола, бидејќи работите им ги вршат назначените извршни директори и управници, велат дека овде се затоа што тука бизнисот им е сосема исплатлив. Тие признаваат дека за работната сила и не трошат големи суми, но секогаш кога ќе стане збор за тоа, сакаат да нагласат во секој поглед работат во рамките на македонските закони. А од друга страна, работниците постојано тврдат дека поради грчките инвестиции, што за една сериозна држава во никој случај не би требало да се сметаат за особено големи, Република Македонија сама си згазна врз сопствените закони.
"Работниците во грчките текстилни фирми најчесто се во право кога сметаат дека државата не прави доволно за да ги заштити нивните работнички права. Се знае дека работната недела трае 40 часа, се знае дека во текот на месецот не може да работат повеќе од 160 часа, што редовно се одработуваат, а се знае и тоа дека ако работниците се постојано прекувремено ангажирани, работодавецот е должен тоа и да им го плати. Колку што знам, тоа досега не се има случено, а речиси редовна практика кај нив е неконтролираното работно време°, вели адвокатот Веле Сековски.


"Како може да стане збор за тоа дека некој ги почитува моите работнички права кога од работа сум избркана затоа што на работа не отидов на 2 Август, кога Република Македонија го славеше својот национален празник. Управничката во 'Михос планет' беше толку арогантна што ми каже дека тоа не е грчки празник и дека сега можам да празнувам до бесконечност°, вели Роза Гроздановска, шивачка која одработила цели две години во "Михос планет°, а сега е на улица.
"Не ми се верува дека која и да е институција во оваа земја води сметка за тоа што се случува со вработените во грчките текстилни фирми. Бев избркана од работа во компанијата 'Нико' само затоа што прашав дали е можно, односно како тоа не е возможно во фабриката да имаме синдикат. Сега знам дека во ниту една од грчките фирми не постои синдикално организирање и дека регионалниот синдикат во Битола досега не направил ништо за да се случи тоа°, вели Габриела Аџиевска, исто така, текстилна работничка која по отказот во "Нико° прошетала уште неколку текстилни фирми кај работодавци од Грција, но секогаш бркајќи ја својата правда и синдикалните права, повторно е на улица.


Инаку, речиси сите вработени во текстилните фирми на грчките работодавци се уверени дека ситуацијата во која се наоѓаат најмногу е резултат на корумпираните инспектори за труд, кои доаѓаат, прават записници, "речиси редовно заминуваат наградени со кошули, сакоа или костуми°, како што тврдат некои од работниците, и никогаш ништо не се случило од тоа што виделе и напишале. Во Инспекцијата за труд, пак, велат дека нивно е да ја согледаат ситуацијата, да ги запишат своите констатации, да поднесат пријави, а потоа веќе е работа на суд што ќе се случи со пријавите и пријавените.


ISTO


Конфекциски бум во Гевгелија. Жените во фабрика, мажите на нива
Во дваесетина погони вработени 2.000 работнички

ГЕВГЕЛИЈА - Конфекцискиот бум што го зафати југот на земјата, како резултат на заинтересираноста на грчките конфекционери за отворање погони во пограничниот регион, овозможи работно ангажирање на најголемиот број невработени жени. Во последно време конфекциските погони остануваат без потребната женска работна рака, а не ретко и неуспешни огласи за нови вработувања. Таков беше и неодамнешниот случај во најголемото и најуспешно гевгелиско конфекциско претпријатие "Ноел", каде што на огласот за вработување на 20 машински шивачки се јавија само четири заинтересирани кандидатки, иако на машинските работнички во ова претпријатие им се нуди редовна плата од 10.000 денари и други бенефиции.

Во Гевгелиско и во околината моментално постојат околу 25 конфекциски погони во кои работат над 2.000 жени. Ваквиот подем на конфекционерството се должи на повеќегодишното присуство и развој на оваа стопанска гранка, пред сў, на конфекциските погони "Ноел" во Гевгелија и "Бреботекс" во Богданци, каде што работно се ангажирани повеќе од половината конфекциски работнички, а работат единствено за германски и за други странски фирми и целото свое производство го пласираат на германскиот и на европскиот пазар. Така, во "Ноел" се произведуваат кошули за најголемите и најпознати светски брендови на кошули, а од неодамна се пласирани и сопствените производи.
Конфекцискиот бум на југот од земјава во последните години, секако, се должи и на нагласениот интерес на грчките конфекционери за отворање нови погони во овој пограничен регион. Пред сў, поради евтината работна рака, евтината закупнина на деловниот простор, но и поради помалите производствени трошоци, воопшто. Некои грчки конфекционери настојуваат да ја зголемат добивката преку изигрување на законските прописи, најчесто, непријавување на сите вработени, затворање една и отворање друга фирма или, пак, исплата на минимални лични доходи. Меѓутоа, некои од конфекциските погони што работат за грчки партнери, како што се "Соми", "Гевар", "Дијадема" и други, израснаа во сериозни фирми кои работно ангажираат значаен дел од невработената женска работна рака.


Затоа и гевгеличани забележуваат дека само жените без квалификации што пребираат работа седат дома невработени. Што не е случај со невработената машка работна рака што го плаќа данокот на стечаите на ЗИК "Винојуг" и на другите поголеми фирми. Но, факт е и дека дел од нив шансата за вработување ја гледаат во погоните и земјоделските насади што ги подигнуваат грчките бизнисмени, чија заинтересираност полека од конфекционерството се префрла на преработувачката, електроиндустријата и на другите лесни индустрии. Пробиениот прекуграничен канал за грчки вложувања, иако засега скромен, е значаен, бидејќи претставува единствена шанса за намалување на бројката од 3.400 лица евидентирани во Бирото за вработување во Гевгелија.


ISTO


Текстилната индустрија во Македонија, која тоне од долгови и од кинеска "поплава" од текстилни производи, сепак, некако опстојува
Текстилците и со лон "шијат" половина милијарда долари
Македонските текстилци во моментов имаат многу повеќе работа од претходните години во овој период, а тоа се должи на поскапувањето на работната сила во Бугарија


Инвазијата на кинескиот текстил, покрај во лесната, наскоро ќе се почувствува и во делот на тешката конфекција во земјава

АЛЕКСАНДРИЈА СТЕВКОВСКА
На македонските текстилци им се заканува целосен колапс, соочени со "наездата" на кинески текстил и без поволен амбиент за работа, кој не создава услови за развој и финансиски ги "исцицува" и онака ослабнатите претпријатија. На удар на "поплавата" на кинески текстил најмногу се најдоа производителите на трикотажа, но не остана имуна ниту тешката индустрија, бидејќи и Кина почнува да го развива овој сектор. Засега, нашата текстилна индустрија се снаоѓа пласирајќи на пазарот мали серии, за кои Кинезите не се заинтересирани да ги прават. Погодност во оваа ситуација претставува и одлуката на Владата за намалување, односно укинување на царините за увоз на репроматеријали, од што најмногу се офајди токму оваа индустрија. Но, ваквата ситуација нема долго да потрае доколку текстилците не поработат на градење свои препознатливи брендови, со што би се минимизирала лон-доработката, која засега е доминантна. Заради олеснување на работата на текстилната индустрија, Владата најави изготвување на стратегија за развој. За изработка на развојната стратегија, за што веќе е распишан тендер за избор на консултантска куќа, обезбедени се средства од швајцарска донација.
Моментално во Македонија во тек е интересен процес на отворање бројни текстилни фабрики и погони од фирми од Грција во Битола, Гевгелија и во други градови во кои се вработени неколку илјади лица.

"Македонските текстилци во моментов имаат работа и тоа многу повеќе од претходните години во овој период, а тоа се толкува со поскапувањето на работната сила во Бугарија, со нејзиниот влез во ЕУ. За нашата земја сў уште важи епитетите на брза, ефикасна и евтина испорака, кои се примамливи за странските партнери. Меѓутоа, и покрај склучените зделки за работа, текстилците не се изземени од трендот на намалување на цените, што комбинирано со порастот на трошоците за производство, погубно влијае на финансиската кондиција на фирмите. Во нашата текстилна индустрија доминира лон-доработката, која ја користи само нашата евтина работна рака што не е доволно, пак, за покривање на трошоците", вели Стојанка Стојанова од Текстилната асоцијација при Стопанската комора на Македонија.
Според анализите на Стопанската комора, ослободувањето на кинескиот текстил од квотни ограничувања, од почетокот на годинава, ги погоди производителите на трикотажа, дел во кој кинеската индустрија е исклучително јака, бидејќи произведува големи серии, но негативните ефекти наскоро се очекува да се прелеат и кај тешката индустрија, со оглед на тоа дека Кина се подготвува за производство и на ваков вид конфекција.

"Предноста на македонските производители е во брзината на изработката и испораката на малите серии на текстилните производи, но мора да се поработи на модернизација на погоните, опремата и на технологијата, за што се потребни евтини средства. Покрај пласман на поволни кредитни средства, потребен е поволен амбиент за работа, за што треба да се ангажира државата, со оглед на тоа дека текстилната индустрија 96 отсто од своето производство го извозува. Покрај тоа, мора да се направи брендирање на производството, но и да се направи база на суровини", додава Стојанова.

Покрај проблемот на кинеска конкуренција, која на јуриш го освојува светскиот пазар и им создава главоболки на менаџерите и на работниците, во текстилната индустрија се наоѓаат на работ на егзистенцијата, соочени со секојдневни отпуштања и најниски плати на републичко ниво. Скенирањето на состојбите во текстилната индустрија покажува дека нивниот сезонски карактер доведува до поголема ангажираност на вработените кога се изработуваат нарачките, за сметка на помала ангажираност во периодот кога ќе се испорачаат сериите. На тој начин пребивањето на поголемиот со помал број работни часови овозможува исполнување на бројот на работни часови на годишно ниво и практично ја "брише" можноста за броење и наплата на прекувремена работа.

Според секторот за индустрија во Министерството за економија, инвестициите во секторот за текстил, главно, се грчки, но во најголем дел станува збор само за искористување на работата сила, со оглед на тоа дека согласно со можноста за прекугранична соработка, има услови за внесување опрема и технологија, која потоа повторно се враќа во земјата што го внела. Во тој случај, не може да се зборува за класично инвестирање. Ваквите погони се отвораат само за користење на евтината работна рака.

Со ослободување на репроматеријалите и машините за текстилната индустрија од царини од јули оваа година, олеснет е влезот на суровинската база во земјава, што се проценува како поголема погодност од имплементирање на измените на новиот царински законик од почетокот на идната година.

"Со измените во царинското работење од идната година, од царина ќе се ослободува само увозот заради извоз, односно увозот на репроматеријали за доработка и извоз. Суровините за изработка на финални производи, кои ќе останат на домашниот пазар, ќе се плаќаат. Позитивно во овој дел е што суровините се увезуваат од земји со кои имаме склучено договори за слободна трговија, па тие влегуваат со повластена царина. Меѓутоа, и за другите земји е предвидено опаѓање на царинските стапки секоја година", нагласуваат во Министерството за економија.

Текстилната индустрија вработува над 30.000 лица, претежно жени, главно е ориентирана кон извоз и врз оваа основа минатата година во земјава се слеале 409.343.040 американски долари.