За половина година, странски инвестиции од само 69
За половина година, странски инвестиции од само 69
dejan Парите на големите светски фирми никако да дојдат во Македонија
За половина година, странски инвестиции од само 69 милиони долари
Владата полага големи надежи во неколку реномирани светски брендови, кои најавија влез во земјава и кои би требало да ја поправат лошата инвестициска слика




НИНА НИНЕСКА-ФИДАНОСКА
И покрај сите ветувања и најави, на македонските власти и бизнисмени никако да им појде од рака да ги привлечат големите светски инвеститори. Нецели 70 милиони долари се вкупните вложувања од странските земји кои влегле на македонската територија за првата половина од оваа година. Поточно, според последните достапни податоци од Народна банка на Македонија, заклучно со јуни годинава, во земјава биле инвестирани само 69,74 милиони долари странски пари. Доколку продолжи ваквата разочарувачка динамика, до крајот на годинава едвај ќе достигнеме инвестициски скор од околу 140 милиони долари, што би било помалку дури и од ланскиот резултат, кој се позиционираше на околу 150 милиони долари.
Гледано по месеци, најмногу странски инвестиции, или околу 17,6 милиони долари, се слеале во шестиот месец од годината - јуни, речиси приближно колку што влегле во јануари, 15,7 милиони долари. Сите други месеци се очајни, така што во февруари сме имале вложувања од само 9,2 милиона долари, март 11,4 милиони, април 7 милиони и мај 8,9 милиони долари.
И во Владата неодамна признаа дека странските инвестиции некако тешко доаѓаат во Македонија. Поради редица фактори, нашата држава сў уште не може да се препознае како атрактивна дестинација за привлекување на странскиот капитал и да влезе во мапите на светските инвестициски корпорации.
Токму од тие причини, и премиерот Бучковски најави дека во одредени случаи ќе мора да се примени непосредното договарање со некои од реномираните компании, сў со цел да се убедат да вложат барем дел од своите средства во нашата држава. Тој вети дека Владата сето тоа ќе го прави максимално транспарентно и почитувајќи ги сите законски прописи.
Одделни големи инвестициски зделки во Македонија беа најавени од пред неколку месеци, а дел од нив дури и стартуваа со реализацијата. Но, кои и колку од овие големи проекти целосно ќе се истуркаат ќе се види до крајот на годинава. Пред сў, тука се мисли на германскиот гигант "Сименс", потоа на вложувањата на словечечките "Турбоинститут" и "Енгротуш", рускиот "Лукоил", како и малезиската "Хиснијага", која треба да гради евтини станови во земјава. Доколку барем и делумно се остварат овие големи најави, тогаш значително ќе се подобри билансот на странски инвестиции во земјава, што ќе значи, пак, иницијална каписла за македонската исцрпена економија и отворање нови работни места.
Инаку, од досегашните инвестиции за првите шест месеци, гледано по држави од каде што доаѓале инвестициите, руските фирми избиваат на прво место на наши најголеми инвеститори. Тие во земјава за овој период вложиле 15,3 милиони долари. Следуваат Швајцарците со инвестиции од 13,2 милиони долари, а веднаш потоа Италијанците со 11,5 милиони долари. Бугарски фирми инвестирале 8,4 милиони долари, а оние од Сент Винсент и Гренадини 7,6 милиони долари.