StormAngel |
Министерот за култура Благој Стефановски е во Белград, специјално отиден за концертот Андреа Бочели, еден од најголемите тенори во светот.
Бочели синоќа имаше концерт во Арената во бекград, а вчера министерот Баге, по телефон, ни кажа дека прексиноќа имал средба со Бочели и дека се обидува да види дали ќе направи некаков договор тој да дојде да пее на "Охридско лето".
Како што дознавме, Бочели е и меѓу најскапите имиња, неговиот хонорар бил 400.000 евра, а Баге ни вели дека ќе прави разни обиди да може да го убеди да дојдат на пристојна цена за негов настап во Македонија. Таа пристојна цена би била некаде околу 250.000 евра.
Хонорарот на тенорот Карерас за концертот на отворањето на годинашното "Охридско лето", барем, според официјалните изјави, беше 90.000 евра.
Настапот на Бочели за белградскиот менаџер, најверојатно, е исплатлив затоа што билетите за неговиот концерт чинат од 25 евра најевтиниот, до 2000 евра за оние што сакаат да го слушаат Бочели во ВИП-салонот каде што во цената се вклучени и богата вечера и пијалаци. На висока нога. Министерот за култура ни кажа дека во Белград за настапот на Бочели се продадени 15.000 билети.
Бочели во септември наполни 47 години. Роден е во Тоскана, Италија Тој е слеп, а на вебот во кој има ставено "Мојот живот накратко" вели: "Секогаш се трудам да бидам оптимист, толкувајќи го вистинското значење на изрека од францускиот писател Антоан де Сен-Егзипери: 'Само со срцето јасно гледаш. Суштината е невидлива за твоите очи'. И покрај тоа што живеам во свет каде што брзо се живее, го живеам животот со смирена визија: уживам во едноставните животни задоволства и со страст се соочувам со секој предизвик. Секогаш се трудам да бидам оптимист". Ц.Зојчевска
Легенда: Хонорарот му е 400.000 евра, во Белград се продаваа билети и за 2.000 евра- Андреа Бочели
***
Во Белград ќе се отвора македонски Центар за култура
Македонија преку Министерството за култура ќе отвора Центар за култура и во Белград. Прв ваков центар пред летото беше отворен македонски Центар за култура во Софија.
Како што ни изјави министерот за култура, тој во Белград бара и простор каде што ќе биде сместен Центарот и, најверојатно, Владата ќе се одлучи за просториите на "Транскоп", кои се во центарот на Белград.
|