SpaceLily |
Теми поврзани со исхраната почнувајќи од доенчеката возраст до адолесценцијата и здрава исхрана за целото семејство
Доење - исхрана на мајката (доилката)
Каква треба да е исхраната во периодот на доењето?
Во периодот додека доите, вашата исхрана треба да ги обезбеди хранителните материи неопходни за продукција на мајчиното млеко и за вашето сопствено здравје (храна богата со протеини, калциум, железо и витамини). И покрај предрасудите во однос на штетноста на одредени храни , медицински не е докажано дека било која храна делува штетно за бебето или пак предизвикува пролив или колики. Единствено треба да се биде опрезен со алкохолот, најдобро е воопшто да не се консумира или да се ограничи на 1-2 стандардни пијачки/ден.
Дневни нутритивни потреби на мајките-доилки и како да се постигнат?
Вода. Повеќето жени се многу жедни во тек на доењето, знак дека треба да пијат многу течности. Се очекува доилката дневно да пие околу 2? литра течност. Најдобар извор на течности е водата.
Протеини. Мајчиното млеко содржи многу протеини. Затоа жената -доилка има потреба од дополнително внесување на протеини. Протеините се содржани во следните хранителни продукти: месо, риба и пилешко месо, јајца, млеко, сирење и јогурт, јаткасти (орашасти) плодови и семки , легуминози (леќа грав)
Калциум. Калциумот е втора важна состојка во мајчиното млеко. Зголемените потреби во калциум ќе се задоволат со консумација на хранителни продукти- богати во калциум (млеко, сирење и јогурт). Може да се користи и млеко од соја обогатено со калциум- побарајте бренд кој соджи околу 120 мгр калциум на 100 млл млеко. Доилката треба секојдневно да консумира околу 4 оброци со храна богата во калциум. Доколку не се внесува доволно калциум, организмот ќе посегне по сопствениот калциум од коските. Тоа може да доведе до ослабување на коските и го зголемува ризикот од подоцнешна остеопороза.
Железо. Резервите на железо во организмот на мајката се обично потрошени во текот на бременоста. Во периодот додека дои, таа треба да ги надополни загубите, консумирајќи храна богата со железо. Следните хранителни продукти се богати во железо: црвено месо, пилешко и риба; легуминози- на пример грав; јаткасти плодови и сушено овошје; интегрален леб и интегрални цереали ; зелено обоен зеленчук.
Фолати и витамини. Бременоста ги зголемува потребите од фолати и други витамини. Следните хранителни продукти се богати во фолати: лиснат зелен зеленчук како спанаќ, броколи и зелка. Следните хранителни продукти се богати со витамин C: агруми (лимон, портокал, грејпфрут), бобичасто овошје, тропско овошје, патлиџани и пиперки. Следните продукти се богати во витамин А: темно зелено и жолтеникаво обоени зеленчуци, како што се броколи, моркови и тикви.
Доилки - вегетеријанки, дали е дозволено?
Вегатеријанската исхрана може да ги задоволи нутритивните потреби на мајката која дои, ако е разновидна, составена од повеќе различни хранителни продукти како : легуминози, јајце, млеко, сирење и јогурт, интегрален леб и цереалии, овошје и зеленчук. Сепак потребна е консултација со лекарот или со диететичарот, за да утврдите дали вашата исхрана содржи доволно килоџули и нутритивни материи.
Враќање на тежината од пред породувањето
Со доењето се троши многу енергија ( килоџули). Дел од енергијата се зема од масното ткиво, кое мајката го депонирала во тек на бременоста. Повеќето жени имаат потреба од екстра оброци за задоволување на овие екстра калориски потреби. Иако доењето одзема многу енергија, обично се потребни неколку месеци за да се вратите на тежината од пред породувањето. Сепак, одреден број ж ени имаат проблем со екстра тежина. За да го загубат вишокот на килограми, тие треба да се придржуваат кон следните препораки:
Консумирајте немасно месо и риба (печено, варено, динстано, на скара но не пржено).
Консумирајте зеленчук- 5 пати во тек на денот.
Јадете овошје - најмалку 2 пати во тек на денот.
Користете обезмастени млечни производи.
Да се внимава со путер и маргарин, дозволени се само мали количини.
Избегнувајте масна храна, како чипс, богати десерти или грицкалки пржени во зејтин.
Ограничете го внесот на шеќер, во форма на слатки напитоци, овошни сокови, слатки, бисквити, кекси и бомбони.
Движете се - на пример, шетајте го бебето во количката- 30-тина минути на ден.
Дали смее да држите строга диета?
Во овој период не е препорачлив брз губиток во тежина. Ако треба да ослабите, разумно е да си поставите цел постепено да се вратите на тежината од пред породување, не брзо слабеење, може да биде на сметка на виталните нутритивни материи.
Каде да побарате совет?
Вашиот лекар
Диететичар
Доење - првите денови по раѓањето
Зошто е важно бебето да се дои?
Мајчиното млеко преставува идеална храна за вашето бебе.
Предности за бебето
Во мајчиното млеко се присутни многу важни состојки, кои ги нема во млечната формула.
Тоа е безбедно( бактериолошки чисто) и лесно сварливо .
Во првите 6 месеци на животот, преку мајчиното млеко се задоволуваат не само потребите на бебето за храна, туку и потребите за вода. Во комбинација со други храни, тоа е одлична храна и за следните 6 месеци.
Секогаш е достапно кога му треба на вашето бебе (не треба да се приготвува).
Доеното бебе има помала веројатност дека ќе добие некоја инфекција, алергија и други заболувања.
Доеното бебе се развива подобро
Преднoсти за мајката
Не чини ништо и не консумира време за приготвување.
Помага да се чувствувате блиски со своето бебе.
Помага вашиот организам побрзо да се врати во нормала, по породувањето.
Штити од одредени болести ( канцер на дојка и јајници, и остеопороза).
Почетокот на доењето
Иако доењето преставува природна работа, на повеќето жени им треба мало подучување . Сестрите во болницата ќе ви помогнат, но обично треба извесно време во кое вие и бебето ќе станете експерти за доење. Бидете стрпливи и уживајте во новото бебе.
Ставете го бебето на града, најбрзо што можете . Тоа може да биде во тек на првиот час по породувањето, но може и подоцна. Можно е бебето да цица веднаш силно или пак првиот пат може само да проба и веднаш да ја пушти брадавицата – и едното и другото е нормално.
Давајте му на бебето да цица онолку често колку што сака.Колострумот е првото млеко и тој е исклучително важен за вашето бебе (го штити од инфекции)
За неколку дена колостралното млеко ќе премине во вистинско -зрело млеко. Млекото ќе стане потечно, а бојата од жолтеникава ќе прејде во прозрачно бела.
Со цицањето, вашите дојки продуцираат повеќе млеко. Колку почесто доите толку повеќе млеко ќе се создаде.
Големиот број подои ( на 2-3 часа, ноќе и дење) помага во надоаѓањето на млекото.
Секогаш треба да му ги понудете и двете дојки, при секое доење, иако во почетокот бебето ќе цица само малку од втората дојка . Следниот пат започнете со таа дојка.
Кога ќе надојде млекото, дојките стануваат напнати и болни. Дојте често и со тоа ќе се нормализира и надоаѓањето на млекото. Понекогаш е потребно, на почетокот на доењето да се измолзите малку млеко за да може бебето да цица подобро.
Прифаќање на брадавицата
Важно е бебето да ја прифати брадавицата што е можно подобро. Тоа ќе му овозможи подобро да цица и да извлече повеќе млеко. Истовремено, тоа е најдобра превенција против болни/напукнати брадавици и маститис.
Најдете си удобна позиција. Повеќето жени преферираат да дојат во седечка положба, но ако вам ви е поудобно, може и во лежечка положба или на бок.
Опфатете го бебето така да можете да го приближите кон себе, со лицето, брадата и устата наспроти брадавицата.
Горна усна на бебето треба да е на врвот на брадавицата, а долната усна 2.5 см под брадавицата.
Главата и вратот на бебето треба да се во права линија
Осигурајте се дека устата на бебето е широко отворена и дека неговиот јазик е спуштен и исфрлен кон надвор.
За да го натерате да ја отвори широко устата, потчукнете ја нежно со брадавицата.
Брзо доближете го бебето на градата. Повлечете ги прстите за да не пречат.
Откога ќе ја прифати брадавицата , брадата на бебето ја допира вашата града.
Устата на бебето треба да е широко отворена и најголем дел од ареолата (потемно пигментираното подрачје околу брадавицата) треба да е во устата на бебето, особено на страната на брадата. Проверете дали бебето не ја цица само брадавицата.
По неколку брзи вцицувања треба да почне рамномерно да цица и да голта, во тек на неколку минути. Потоа може да запре за малку, да се одмори пред повторно да започне.
Откако ќе завршат со цицање, бебињата обично ја пуштаат брадавицата. Ако вашето бебе не прави така, или ако заспива со брадавицата во уста, тргнете го внимателно – прекинете го цицањето така што ќе го ставите прстот во аголот на неговата уста.
Вообичаено, брадавиците се болно осетливи во почетокот на доењето. Ова престанува штом ќе почне да тече млекото и штом припојувањето е правилно.
Ако е повредена брадавицата, или ако болката продолжува и во тек на цицањето, тргнете го бебето и повторно започнете од ново. За да го прекинете цицањето, ставете го прстот во аголот на устата.
Ако брадавиците се болни и напукнати, можете малку да го скратите цицањето, но и понатаму е потребно да го доите.
Ако болката перзистира или се влошува, посоветувајте се со вашиот лекар.
Вашето бебе ќе научи побрзо да цица, ако не му давате цуцли и шише додека не се воспостави доењето и додека не се обезбедите дека оди добро, во тек на неколку недели.
Подригнување
Бебињата во тек на цицањето голтат воздух. Обидете се да го исфрли, така што по завршеното цицање ќе го подигнете бебето во исправена положба, со главчето наслонето на вашето рамо, и со раката благо ќе го потчукнувате по грбот, за да подригне- ако не успевате за неколку минути не се грижете. Бебињата голтаат повеќе воздух додека плачат, отколку при самото цицање.
Често се случува при подригнувањето бебето да поврати млеко. Понекогаш изгледа дека повраќа поголеми количини, а сепак да не е болно. Ако не сте сигурни, посоветувајте се со вашата патронажна сестра или лекар.
Како ќе се снајдете кога ќе се вратите дома?
Кога ќе се вратите од породилиштето дома со вашето ново бебе, ве чекаат многу работи кои треба да ги совладате, иако сте уморни од самиот пороѓај и од тоа што се будите по повеќе пати во тек на ноќта. Важно е да сфатите дека ви престои процес во кој меѓусебно ќе се прилагодувате, вие на новото бебе , но и тоа на вас. Вие и двајцата сеуште учите.
Обезбедете си да ви е удобно додека доите. Употребувајте перници за подршка. Релаксирајте се, тоа помага да ви дојде повеќе млеко.
Проверете дали бебето добро ја прифаќа брадавицата. Ако чувствувате болка, побарајте помош.
Давајте му ја прво едната града, а потоа и другата. Следниот пат постапете по обратен ред. На овој начин се стимулира доењето и ќе има повеќе млеко за подоцна кога ќе се зголемат потребите на бебето. Важно е комплетно да се испразни едната града.
Некои мајки успеваат успешно да дојат, така што на еден подој ја даваат едната града , а на следниот другата.
Колку почесто доите, толку повеќе млеко ќе надоаѓа. Ако сте загрижени и мислите дека имате малку млеко, обидете се неколку дена бебето да цица почесто.
Новороденчињата имаат потреба од повеќе подои ( 8-10 пати) во тек на 24 часа. Ако ве преоптоварува тоа што доите цело време, пробајте да го доите бебето на 2 до 3 часа.
Вашето бебе не разликува ноќ и ден
Помогнете му на бебето да ја научи разликата меѓу ноќта и денот. Помладите бебиња имаат потреба од ноќни цицања, но вие ќе се исцрпите ако е тоа често.
Осигурајте му доволно цицања во тек на денот. Ако спие предолго во тек на денот (3-4 часа е доволно), разбудете го внимателно. Расоблечето го и галете го нежно додека не се разбуди.
Во тек на денот, пуштете го да си игра по цицањето.
Ноќните цицања направете ги досадни, пригушете го светлото и прекинете со доењето, колку што е можно побрзо.
Каде да се обратите за совет?
Вашиот педијатар
Патронажната сестра
Клиника за детски болести - неонатолошка амбуланта
Одбивање на доење
Нема некои посебно време кога „морате“ да прекинете со доењето. На вас и на вашето бебе е да одлучите кога е вистинското време. Генерално, штом бебето ќе започне да прима солидна храна, бројот на подоите се намалува. Тоа најчесто се случува по 6-иот месец.
Рано одбивање
Дури и краткотрајното доење е корисно. Првото млеко, кое се јавува во првите денови по раѓањето т.н. колострум е богато со витални состојци, вклучувајќи и имуни клетки. Докажано е, дека бројот на некои инфекции кај бебињата е помал кај оние кои биле доени во првите шест месеци. Ако заради одредени причини сте одлучиле да го одбиете детето кое е помало од 12 месеци, треба да го храните со некоја од млечните формули.
Кога не треба да го одбивате вашето бебе?
Во два случаи, треба да се воздржите од одбивањето.
Не го одбивајте кога е акутно болно (пр. белодробна, цревна инфекција). Почекајте да оздрави, па тогаш можете да го одбиете.
Не го одбивајте во време на летните горештини. Тогаш децата потешко го поднесуваат одбивањето, а заради ризик од сезонски ентероинфекции добро е да се сочува мајчиното млеко, како храна лек. Ако планирате одбивање, направето го тоа или пред почетокот на летото или одложете го за на есен.
Бебето има заби и ви ги гризе брадавиците на градите - дали да го одбиете?
Некаде околу шестиот на вашето бебе му никнуваат првите заби-секачи кои се остри по понекогаш може да ве повредат. Не го прекинувајте доењето само заради страв дека вашето бебе ќе ве касне. Ако бебето ве касне, поставете го вашиот прст во аголот на неговата уста, за да ја прекинете сукцијата и отстранете го од градата. Поголема е веројатноста дека ќе ве гризне бебе кое е поспано, бидејќи не ја прифатило добро брадавицата. Кога бебето ќе престане со активно цицање, најдобро е да се отстрани од градата, со тоа се намалува ризикот да ве гризне.
Повторно сте забремениле - дали да го одбиете?
Продукцијата на млеко поставува додатни барања од организмот на мајката. Ако доите, а сте забремениле, може да се одлучите да продолжите со доењето или постепно да го одбиете своето бебе. Тоа е индивидуален избор. Ако одберете да доите, важно е вашата исхрана да е здрава и адекватна.
Продолжено доење
Некои мајки и бебиња толку уживаат во доењето, што не им се брза да прекинат. Има деца кои цицаат и до три-четири години. Понекогаш мајката е спремна да прекине со доењето, но детето „одбива “- дава отпор. На кој начин ќе постапите, зависи од возраста на детето. Постојат многу стратегии како да го префрлите детето од доење на исхрана со шише или чаша. Ако вашето дете зборува и разбира, обидете се да му објасните. Ако наидете на тешкотии побарајте професионална помош.
Грижа за градите во тек на одбивањето
Важно е постепно да се одбие бебето, за да се избегне развој на маститис. Подоите постепно се заменуваат, најмалку во период од неколку дена. Ако заради некоја причина морате брзо да го одбиете, обратете со до вашиот лекар да ви објасни како да се грижите за вашите гради.
Каде да се обратети за совет ?
Вашиот педијатар
Патронажната сестра
|
SpaceLily |
Индиректно доење
Кои се причините мајките да ги хранат бебињата со измолзено млеко?
Бебето има потреба од додатна количина на млеко, по завршеното цицање.
Заради некоја причина, бебето може да не е способно добро да цица од градата.
Мајката мора да оди на работа .
Мајката излегува или едноставно сака да има мала пауза од одговорноста на доењето .
Некои жени регуларно се молзат, за да ја зголемат продукцијата на млеко.
Како се создава мајчино млеко?
Во градата млекото се складира во фини кесички ( т.н. алвеоли) и преку систем на каналчиња се пренесува до врвот на брадавицата. За да се зголеми надоаѓањето на млеко во градите одговорен е т.н. 'let-down' рефлекс. Овој рефлекс започнува кога нервните завршетоци кои се наоѓаат на брадавицата се стимулираат со цицањето или со мануелно дразнење.
Важна улога во продукцијата на млеко играат хормоните. Кога се стимулира брадавицата, се испраќа сигнал до хипофизата (жлезда во мозокот) и таа лачи хормон наречен окситоцин. Окситоцинот предизвикува алволите кои се полни со млеко да се контрахираат и така млекото се поместува во каналчињата. Од таму се придвижува кон брадавицата и почнува да капе.
Најдобара стимулација за овој процес е устата на бебето кое цица, но ако се стимулира брадавицата со рака ( во комбинација со масажа на градата и експресија на млекото) може исто така да го започне процесот на ослободување на млекото. Во првата недела по породувањето, жените просечно продуцираат околу 300-500 мл. млеко за 24 часа. Во следните 2-3 недели оваа количина се зголемува на 600-700 мл/24 часа.
Три начини да се измолзе млеко
Постојат три начини да се измолзи млекото:
Рачно
Со помош на рачна пумпа
Со електрична пумпа
Рачно измолзување. Тоа е најевтин и најпогоден начин. Штом се извештат, мајките можат да измолзуваат млеко во било кое време. Тоа значи, дека нема потреба да се купува или позајмува било каква специјална опрема , која може да е скапа. Пред да започнете со измолзување следете ги следните упатства:
Измијте ги рацете внимателно со сапун и вода .
Обидете се да се олабавите . 'Let-down' рефлексот се успорува ако сте вознемирени. Помага ако вашето бебе е близу вас. Понекогаш доволна е самата помисла на бебето.
Масирајте ги градите со дланките, одејќи кон брадавиците. Може да помогне, ако нежно ја протресувате секоја града посебно.
Поставете го палецот над брадавицата на краевите од ареолата, а првите два прста под. Нежно притискајте го градното ткиво назад, кон градниот кош и компримирајте. На тој начин, се движите вдолж млечните канали доведувајќи мала количина млеко, кое се наоѓа во каналите. Набрзо млекото ќе се појави на брадавицата.
Нежно измасирајте ја брадавицата со првите капки. Тоа понатаму ќе го стимулира 'let-down' рефлeксот и протокот на млеко, па измолзувањето станува полесно.
Континуирано притискајте ја и измолзувајте брадавицата и ареолата со ритмички движења . Набрзо, млекото ќе започне континуирано да тече- понекогаш дури и да шприца.
За да не ги заморите мускулите, сменувајте ги рацете.
По околу 5 минути, или кога ќе видите дека течењето на млекото се намалило на неколку капки, повторете го истото на другата дојка.
Повторувајте ја истата техника на секоја града, вкупно околу 30 минути. Ако секоја града ја измолзете три пати, по пет минути, тоа нема да ви одземе повеќе од половина час.
Дури и ако користите пумпа, добро е да го прекинете молзењето и последните капки да ги измолзете рачно. Ова млеко е богато во масти и преставува значаен извор на енергија на вашето бебе.
Измолзување со рачна пумпа. Некои мајки преферираат да користат рачна или електрична пумпа. Тоа може да им изгледа побрзо и добиваат повеќе млеко. Не треба да се употребува никаква пумпа пред да дојде млекото. Пумпа треба да се избегнува, ако постои оштетување на брадавицата и оток и промени на ареолата. На пазарот, на располагање се повеќе пумпи. Не се сите добро дизајнирани. Рачната пумпа треба да е ефикасна, удобна, лесно да се употребува, треба да е сигурна за употреба ( да не ја оштетува брадавицата или ареолата) и да е економична. Придржувајте се кон следните упатства:
Прво рачно стимулирајте го 'let-down' рефлексот. Кога ќе почне да тече млекото, префрлете се на пумпа.
Поставете го испакнатиот дел од пумпата над вашата брадавица и држете ја цврсто пумпата наспроти градата. Ритмички притискајте и ослобдувајте ја рачката на пумпата. Млекото ќе започне да тече во садот за собирање.
Прилагодете ја јачината, така да ви биде удобно и да не ви предизвикува болка. Претерана сукција нема да доведе до ослобдување на екстра млеко, а може да ви предизвика болка и повреда на брадавицата.
Завршете со рачно молзење за неколку моменти, за да ги отстраните последните капки на збогатено млеко.
Измолзување со електрична пумпа. Некои мајки одбираат електрична пумпа. Во побогатите земји на располагање се некоку добро дизајнирани модели на пумпи кои може да се изнајмуваат. Во нашата земја нема таква можност. Постојат модели кои дозволуваат истовремено да измолзувате млеко од двете гради – т.н. дупла пумпа, со што се штеди времето. Следните сугестии може да се од корист:
Одберете модел со одговарачка сукција. Ако сукцијата е многу јака, тоа може да е болно и да предизвика повреди на брадавицата, а нема да доведе до измолзување на повеќе млеко.
Стимулирајте го прво рачно 'let-down' рефлексот . Штом ќе почне да тече млекото, префрлете се на пумпата. Почнете со понизок притисок, а потоа постепено зголемувајте го притисокот, но така да не ви биде неудобно. Проверете дали предниот дел на пумпата е центриран врз вашата брадавица.
Завршете со рачно молзење за да ги отстраните последните збогатени капки млеко.
Ако ја користите пумпата само повремено, можеби ќе ви е доволна мала поратабл пумпа на батерии. Може да е многу згодна бидејќи е мала и лесна. Сепак вакви пумпи не се предвидени за поголема работа. Ако имате намера да измолзувате во подолг временски период, ќе ви треба електрична или рачна пумпа.
Генерални совети во врска со измолзувањето
Дајте си самите време за да научите како се измолзува млеко; тоа е вештина како било која друга. Нe се двоумете да прашате професионалец, ако нешто не ви е јасно.
Треба да се измолзувате најмалку на 4-5 часа за да избегнете маститис. Измолзувајте се онолку често, колку што инаку би го доеле детето.
На пример, ако вашето бебе цица 6 пати во тек на 24 часа, вие треба да се измолзувате најмалку 6 пати. Измолзувајте се и почесто ако мислите дека не може да одговорите на барањата на детето. Понекогаш мора да се измолзувате на секои два сати во тек на 1-2 дена. Во тек на ноќта измолзувајте се најмалку еднаш, за да го одржувате млекото. Ако не се празнат градите на секои 4-5 часа, тешко може да се одржи млекото во подолг временски период. Пролактинот, хормонот одговорен за создавање на млеко, има највисоко ниво помеѓу полноќ и 4 часот попладне, затоа молзењето во овој период обезбедува подобро надоаѓање на млекото.
Избегнувајте да му давате на бебето додатни шишенеца со млеко од формула. Вашите гради работат врз системот „снабдува –бара“. Ако ги празните градите повеќе, повеќе млеко ќе се создава; ако го оставате млекото во вашите дојки, ќе се намали создавањето на млеко.
Ако продуцирате повеќе млеко одколку што му треба на бебето, вишокот на млеко ставете го фрижидер.
Како да се чува измолзеното млеко?
Мајчиното млеко треба да се чува коректно за да се намали можноста за раст на бактерии. Придржувајте се кон следните упатства:
Секогаш кога е возможно, користете свежо млеко.
Измолзувајте се во чист и стерилизиран сад (стаклена или пластична чаша). На секој сад означете дата и време.
Ставете го фрижидер, во тек на еден час по измолзувањето.Чувајте го мајчиното млеко во делот на фрижидерот ( позади) каде е најладно (4°C или пониско), не во делот на вратата, ако имате намера а го користите во наредните три-пет дена.
Замрзнете го веднаш, ако немате намера да го користите во следните неколку дена. Немојате да го мешате млекото од фрижидер или смрзнатото мајчино млеко со свежо млеко, освен ако не сте го смрзнале пред тоа. Употребливоста на смрзнатото мајчино млеко зависи од можностите на вашиот замрзнувач. Ако вашиот замрзнувач е во внатрешноста на вашиот фрижидер , времето на чување изнесува две недели. Ако замрзнувачот е посебен од фрижидерот со сопствена врата, времето на чување е до три месеци. Мајчиното млеко може да се чува 6-12 месеци во фрижидер за длабоко смрзнување (-18°C или пониско)
Одмрзнувајте го смрзнатото мајчино млеко така што ќе го ставите во фрижидерот, за да се одмрзне споро, во тек на 24 часа. Исто така, може да ставите ладна вода над контејнерот и постепно да ја зголемувате температурата на водата. Немојте да го затоплувате млекото на шпорет, бидејќи ќе се разградат многу од нутритивните состојки, а може да ја изгорите устата на бебето. Никогаш не користете микробранова печка. Тоа е потенцијално опасна практика, бидејќи во вака нерамномерно загреано млеко може да останат топли точки, кои може да доведат до изгоретини во устата на детето. Смрзнато мајчино млеко кое се одмрзнува во фрижидер (но не се загрева) ќе може да го употребите во следните 24 часа ако е во фрижидер, и во следните 4 часа ако го чувате на собна темепратура. Не е дозволено повторно да се смрзнува. Ако се одмрзнува надвор од фрижидерот, со помош на топла вода, ваквото млеко може да го употребите во следните 4 часа ако го чувате во фрижидер и не е дозволено повторно да се смрзнува.
Совети во врска со хигиената
Мајчиното млеко ( како и било кое друго млеко) може да се загади преку користење на нечиста пумпа или нечисти шишиња и цуцли. Придржувајте се на следните совети:
Пред да се измолзувате внимателно измијте ги рацете со вода и сапун. .
Проверете дали е чиста целата опрема, вклучувајќи ја и пумпата, шишињата и цуцлите.
Ако користите ваша сопствена пумпа ( не ја делите со други), нема потреба од стерилизација по секоја употреба. Доволно е да се измие со топла вода и сапун и садот да се чува чист и покриен.
Сепак шишињата и цуцлите треба да ги стерилизирате.
Каде да се обратите за совет?
Вашиот педијатар
Клиника за детски болести
|
SpaceLily |
Овошје и зеленчук
Овошјето и зеленчукот треба да преставуваат интегрален дел од исхраната на детето. Обично, тоа првата солидна храна која ја прима бебето, но по првата година децата често стануваат избирливи и може да се случи да одбиваат овошје и зеленчук. Нема место за загриженост ако ова трае кратко време, во спротивно- може да има сериозни последици.
Не можете со сила да ги принудите децата да јадат овошје и зеленчук . Најдобар начин е да им покажете со сопствен пример. Доколку вие консумирате и уживате во овошјето и зеленчукот секојдневно, вашето дете, веројатно ќе ве следи. Тоа најдобар начин како учат децата.
Зошто е важно да се јаде зеленчук и овошје?
Постојат многу причини зошто треба да се консумираат различни овошја и зеленчуци. Со нив се обезбедуваат значајни витамини како витаминот С и фолната киселина. Всушност, овошјето и зеленчукот содржат преку 1000 различни хранливи состојки, кои се важни за превенцијата на некои сериозни заболувања.
Подобро е барем малку, отколку николку!
Се препорачува дневно да се внесуваат две овошја и 5 зеленчуци, но повеќето деца ( и возрасни) не консумираат толку. Голем дел од децата се погрешно научени да консумираат примамливи ужинки, богати со масти и со шеќер (разни кекси, чоколади, кремови и сл). Важно е, на детето да му понудите секој ден различни овошја и зеленчуци. Количината која ќе ја изеде, не мора да е голема и зависи од возраста и од активноста на детето. И мала количина е подобро, отколку вооопшто да не прима. Фокусирајте се не на количината, туку на тоа- да бидат застапени повеќе различни овошја и зеленчуци.
Како да постигнете вашето дете да јаде повеќе овошје и зеленчук?
Првиот чекор е задолжително да го вклучите овошјето и зеленчукот во дневното мени. Ако детето одбива , не се обесхрабрувајте! Децата учат да јадат. Следниот пат кога ќе му го понудите, можеби ќе прифати. Со возраста, се менува и вкусот. За да успеете придржувајте се на следните препораки:
Ангажирајте го детето во припремата на храната и во планирањето, колку и да ви се чини дека е тоа губење на време. Водете го со себе кога купувате, дозволете му да ви помага кога миете и приготвувате , дозволете му самото да си направи едноставни салати и да учествува во сервирањето. Ако имате двор или тераса можете заедно да одгледувате некое овошје/зеленчук.
Потрудете се консумацијата на здрава храна да стане настан во кој ужива целата фамилија, бидете позитивни, обратете внимание на презентацијата ( да биде убаво за око).
Вклучувајте зеленчук и овошје секаде каде е можно, во повеќе оброци, вклучувајќи ги и ужинките. Може да го дадете и во скриена форма, во некои рецепти. Не мора да смислувате нови рецепти. Доволно е да ја зголемите количината на зеленчук/овошје, во стандардните рецепти на кои е навикната вашата фамилија.
Не се откажувајте, колку и да ви изгледа безнадежно! На децата им е потребно време да се навикнат. Ставајте во чинијата малку, колку да пробаат. Понудете му зеленчук во форма на салата пред главниот оброк- кога децата се најгладни.
Некои практични забелешки во врска со овошјето/зеленчукот во исхраната на деца
Сите зеленчуци и овошја се здрави (со било која боја, облик или вид). Може да ги користите во свежа форма, смрзнати, конзервирани или сушени. Може да се консумираат свежи, или термички обработени со варење, под пареа во претис лонец , во микробранова печка, кратко пржени или печени. Важна е разноврсноста- да се земаат различни видови.
Сокови од овошје не се препорачуваат. Подобро е да се јаде целото овошје, а жедта да се гасне со вода. Соковите од овошје преставуваат добар извор на повеќе витамини, но тие исто така, содржат многу природни шеќери, а сиромашни се во влакнести материи.
Чипс од компири не е добар избор, за да се јаде компир. Чипсот се подготвува така што компирите се пржат во масло. Содржи многу масти и сол и не се препорачува во редовната исхрана ( може повремено, на пример на забави).
Кондиторски производи врз база на овошје, не се препорачуваат. Тие содржат многу шеќер, а се сиромашни во влакнести материи. Делуваат на развојот на кариес кај децата. Подобра алтернатива е да им понудите на децата свежа или смрзната овошна салата.
Пред да го дадете на детето овошјето/зеленчукот, измијте го внимателно Со тоа ќе го намалите ризикот од бактериска контаминација.
Следете ја сезоната. За да не го оптеретите семејниот буџет, користете сезонско овошје и зеленчук ( кога е најефтино), а може да го замрзнете или конзервирате, за подоцна. Содржината на витамини во вака приготвеното овошје/зеленчук е слична со свежите продукти.
Од нутритивен аспект нема разлика меѓу органските и конвенционалните производи. Од вас зависи што ќе одберете.
Надгледувајте го вашето дете додека јаде. За да се намали ризикот од аспирација и задавување, малите деца треба секогаш да јадат во седната позиција и да бидат надгледувани додека јадат било која храна, вклучувајќи сецкано овошје, зеленчук или други помалку цврсти храни.
Сугестии за ужинка
Вклучете зеленчук и овошје и во ужинките. Обидете се со следните идеи:
Корнефлекс
Печен компир во лушпа
Домашна палента
Сецкан зеленчук со сос или со прелив од јогурт
Кекси , колачи на кои им е додадено овошје или зеленчук.
Парчиња од смрзнато овошје или зеленчук
Миксирано овошје
Разни специјалитети од овошје
Канзервирано овошје
Овошна салата
Каде да се обратите за совет?
Вашиот педиjатар
Диететичар
|