DJ_SHEMA |
Партија шах, топла супа и многу забава
Санти мраз од стиропор од вчера пловат во големото езерце во Градскиот парк. Нив ги изработил американскиот уметник Натанаил Парсонс, кој заедно со уметниците Христина Ивановска и Кристин Бамли го организира перформансот „Скопје, парк, забава“. Настанот вчера се случуваше во близината на Кајакарскиот клуб, а поставените реквизити ќе останат во паркот и понатаму.
- Целта на овие активности е да ги натераме граѓаните поактивно да учествуваат во креирањето на пејзажот на паркот. Тоа го симболизираат овие карпи, а се надевам дека слични проекти ќе се случуваат и во иднина – вели Натанаил.
Уметницата Христина Ивановска објаснува дека идејата да се направи ваков перформанс и дошла случајно, шетајќи низ паркот.
- Овој дел има толку многу историја, а скопјани за паркот знаат многу малку. Затоа истражував и изработив мапа што ќе им ја поделиме на граѓаните. Се надевам дека следниот чекор е да поставиме табли со историјата на паркот насекаде низ оваа зелена површина – раскажува Христина.
Еден дел од таа историја е и шаховското поле изработено во чест на Шаховската олимпијада што се одржала во Скопје пред триесетина години. На полето вчера беа поставени големи дрвени шаховски фигури. Тие ќе останат во паркот и скопјани ќе можат да изиграат партија шах секогаш кога ќе посакаат.
До езерцето во паркот уметниците поставија и чун во кој сите заинтересирани посетители ќе можат да се фотографираат, а фотографијата да ја симнат од интернет-страницата www.skopjeparkfun.com
Неколку граѓани останаа да чекаат на гасно шише да се зготви клин-чорбата или „камената супа“ за која секој требаше да донесе зеленчук. |