Makedon |
15.12.2005
60-годишниот Митруш Нацев починал утринава, додека службеникот му го заверувал картонот во кој беше евидентиран како технолошки вишок од фабриката за акумулатори.
„Ненадејно, сосема неочекувано почина од срцев удар“, изјави Миливој Милосавлевски, службеник во бирото за вработување во Пробиштип.
Нацев е 33-тата жртва на пробиштипската приватизација, велат неговите колеги стечајци и технолошки вишок.
„Во Пробиштип од срце прерано починаа 33-ца луѓе. Државата од 95-та година не води никаква сметка за нив“, вели Димче Стојмиров.
Пробиштипскиот трагичен случај е продолжение на вчерашната драма во Свети Николе, кога пред очите на 200 колеги почина 55-годишниот стечаец Страшо Василев. Тој денес беше погребан на светиниколските гробишта. Неговото семејство занемено од болка, не проговори јавно за ненадејната смрт на столбот на семејството.
Неговите колеги, насобрани пред светиниколската продавница за леб, во своите рутински разговори на иста тема - безработица и немаштија, денес им позавидуваа на сите поретки работници кои ја доживуваат 60-тата или можеби 70-тата година од животот.
„Немаме ниту за леб да купиме, без работа сме сите“, рече Иванчо Станојков, стечаец од Свети Николе.
Во обид да се вклопат во стечајното сивило, некогашните и сегашни луѓе од власта со изнудени самокритични забелешки.
„Одговорни сме сите ние, нема да бегаме од одговорноста“, изјави Слободан Даневски, градоначалник на Свети Николе.
Повикувајќи на праведност, стечајците од Свети Николе и Пробиштип денес побараа одговорност од надлежните судови, како единствени во решавањето на нивните проблеми.
http://www.a1.com.mk/vesti/default.asp?VestID=55613 |