Makedon |
Младенов достави нови сметки до Антикорупција
Предраг Петровиќ
23.12.2005
„Сакаше ваква игра, еве сега на тој начин ќе постапуваме“
Никола Младенов ја собра цела Антикорупција. Сам бараше да го сослушаат и да им каже што знае за тајните сметки. Освен објавените за Црвенковски и Костов, им однесе и нови - вкупно 15.
За банкарски трансфери од 2002-ра наваму, во кој се вклучени и други актуелни функционери. Последниот трансфер на пари е направен пред неколку месеци. Час и половина го слушаа. Младенов не ги откри имињата на функционерите.
„Да спие мирно, дека немам никаков пресметанризик и тоа е токму начинот кој сега го бирам. Сакаше ваква игра, еве сега на тој начин ќе постапуваме“, изјави Никола Младенов, уредник на „Фокус“.
Антикорупција на следната седница веќе ќе ги проверува овие информации.
„Тој дополнително достави три комплета со по пет копии од сметки за депозити од различни банки“, рече Михајло Маневски, претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Комисијата е заинтересирана дали некој од функционерите не им го пријавил целиот имотот. За се друго велат не се надлежни. Затоа повторно го повика Јавниот обвинител да се вклучи.
Тие ќе проверуваат и за информациите во „Фокус“ за шверцот на нафта, цигари и бакар и за тврдењето дека - додека Бранко Црвенковски бил премиер се испрани две милијарди долари.
Младенов додава, тоа е одлична прилика да се вклучи Прчевски и можност за судска проверка на банкарските сметки. Но Јавниот обвинител го нема. Молчи. Иако Младенов бараше да се сретне и со него, му нема одговорено.
Исто и Владо Наумовски од Дирекцијата за спречување на перење пари. Тој пак вели, дека не знае дека Младенов сакал да се види и со него. Немал ништо против, но нема да имала ефект средбата. Мора да имало сомневање за извршено дело, а Дирекцијата соработувала и примала информации од државни органи.
http://www.a1.com.mk/vesti/default.asp?VestID=56000 |