nadenesenden |
11 јануари 2001: Приватизација на МАКЕДОНСКИ ТЕЛЕКОМУНИКАЦИИ ПРИВАТИЗАЦИЈА НА "МАКЕДОНСКИ ТЕЛЕКОМУНИКАЦИИ"
МАТАВ го потпиша договорот за телекомот, парите ќе пристигнат во јануари
"Македонски телекомуникации" се македонско претпријатие и така ќе биде и во иднина. Ќе настојуваме да обезбедиме квалитетно подобрување на телефонските врски, на цените и на новите услуги, изјави вчера директорот на "Матав" Елек Штрауб, кога со министерот за финансии Никола Груевски и претставникот на "Дојче телеком" Хорст Херман го потпиша договорот за купопродажба на 51 отсто од акциите на "Македонски телекомуникации" . Исплатата на акциите ќе биде депонирана на 11 јануари 2001 година на банковна сметка во Народна банка, под мониторинг на ММФ. На чинот на потпишувањето присуствуваа премиерот Љубчо Георгиевски, првите луѓе на телекомот и претставници на Владата. Министерот Груевски нагласи дека продажбата на управувачкиот пакет на телекомот била максимално транспарентна. - Компанијата МАТАВ планира големи инвестиции за следните две години и влегување со инвестиции во соседните земји. Ова ќе биде редок пример наша компанија да се појави како претприемач на друга компанија од регионот. Парите од продажбата ќе се инвестираат во проекти што ќе донесат нови вработувања, како и за проекти за кои земјава не можеше да најде кредити или требаше многу да се задолжува. Во стратегијата за употреба на овие средства ќе се искористат и мислењата на странски експерти - рече Груевски. Парите ќе се искористат за отплата на странските долгови со висока камата, за отплата на домашниот долг, на осумте отсто за пензионерите и за реформи во пензискиот систем. Средствата ќе се употребат и за изградба на девизни резерви, кои може да бидат замена за плаќање на дивидендата, која инаку би се очекувала од телекомот. Вработените во телекомот бесплатно ќе добијат 2 отсто од акциите на нивното претпријатие, а претставниците на МАТАВ нагласија дека нема да има намалување на бројката на вработените и оти ќе се подобрат нивните плати. Во соопштението од Владата се вели дека во телекомот ќе се воведат современа технологија и нови услуги, вклучувајќи го и Интернетот. "Матав" предложил да има 700.000 линии до крајот на 2004 година и да ја прошири руралната мрежа со користење безжична технологија. Претпријатието веќе определило 61 проект за трансфер на знаењето, со што Македонија ќе стане модел за мрежна економија и регионален јазол за меѓународниот сообраќај. Претставникот на "Дојче телеком", Хорс Херман, вели дека нивната компанија ќе поттикнува и други германски компании да финансираат во Македонија. Според него, граѓаните ќе имаат голема корист од продажбата, бидејќи ќе добијат поприфатливи цени и посовремени услуги. Конзорциумот "Матав" достави понуда што вклучува куповен износ од 362,6 милиони евра и капитални трошоци од 136,6 милиони евра во 2001 и 119,1 милиони евра во 2002 година. Се предвидува вкупните капитални трошоци да изнесуваат повеќе од 630 милиони евра за 7 години. (Дневник)
Извор: [url]http://nadenesenden.blog.com.mk/node/1129[/url] |