bugarinot |
СПОРЕД ЦРНОГОРСКИОТ ВЕСНИК "ВЈЕСТИ"
Македонците во Србија "избришани"
Во Србија нема Македонци, иако на пописот на населението во 2002 година како Македонци се изјасниле 25.847 граѓани, покажува "Основниот документ на државната заедница Србија и Црна Гора", кој ќе биде испратен на разгледување во ОН. Црногорскиот весник "Вјести" го објави документот кој веќе бил прифатен од Владата во Белград и во кој не се споменати ниту Црногорците. Во Документот пишува дека "врз основа на последниот попис од 2002 година, Србија (без Косово) има 7.498.001 жители, од кои 82.86 отсто се Срби, 3.91 отсто се декларирале како Унгарци, 1.82 отсто се Бошњаци, Роми има 1.44 отсто, Хрвати 0.94 отсто, Албанци 0.82 отсто, Словаци се 0.79 отсто, Власи 0.53 отсто, Романци 0.46 отсто, Бугари 0.27 отсто, а другите се во графата "останати".
Според "Вјести", на пописот во 2002 година во Србија без Косово 69.049 граѓани се изјасниле како Црногорци и нив ги има повеќе од Албанците, Власите, Романците и Бугарите. Од документот на Министерството за човекови и малцински права, кој е објавен и на веб-страницата на Дирекцијата за информирање, според весникот, изоставени се и 25.847 Македонци, иако нив реално ги има повеќе од Бугарите.
Македонците и Црногорците не се споменуваат ниту во делот од документот во кој се објаснува верската структура на населението во Србија.
Инаку, документот е извештај со општи податоци за земјата и за државите-членки, а надлежните органи на ОН го користат при разгледување на националните извештаи за почитување на меѓународните конвенции за човекови права.
Податоците за етничката структура во Србија ги има и на официјалната интернет-страница на српската влада, а во Министерството за човекови и малцински права изјавиле дека податоците се преземени оттаму "без да се проверува нивната точност".
[url]http://www.dnevnik.com.mk/?pBroj=2966&stID=71626[/url] |