OooOo |
Уништен ли е уште еден сакрален споменик на културата?
Скандалозен, вандалски чин без преседан, со што се уништи редок сакрален објект од отоманскиот период на 17-от век. Вака, Заводот и музеј-Охрид и историчарот на уметност, Гоце Жура, реагираат на уривањето на старата црква „Св. Никола“ покрај езерската Трпејца.
На нејзино место, во близина на патот Охрид-Св Наум, веќе се гради нова црква. Новите градители уништиле вреден фрескоживопис, за да изградат дивоградба без консултации со Заводот.
„Ретки се црквите кои потекнуваат од 17-от век, бидејќи овој век е многу погубен за македонските сакрални објекти. Тоа е век на големиот турски верски фанатизам. Црквата „Св. Никола“, нејзиниот олтарен простор, бил господова работа. Да ги надживее тие неповолни времиња, а за време на Првата светска војна, селото да биде иселено и бомбардирано, а олтарниот простор по некое чудо да остане“, истакна Гоце Жура, историчар на уметност во Завод музеј-Охрид.
Жура најави поднесување кривични пријави заради уништување на ова културно наследство. Надлежниот владика Тимотеј, пак, со чиј амин се урна старата и се гради нова црква, тврди дека не се работи за објект од 17-от век, не бил под заштита, а фреските што пропаѓале биле од понов датум.
„Нема никаков документ дека таа црква потекнува од некој таков поран период, а она што можеше да се види, било во архитектура, било во фрескоживопис или иконостас, немаше никакви елементи на постоење на фрескоживопис за каков што станува збор од страна на некои во заводот“, изјави владиката Тимотеј
Мештаните од Трпејца велат дека новата црква ја градат за верските потреби на четиристотините православни жители, поради дотраеноста на старата црква која се распаѓала. |