DJ_SHEMA |
Kako moze edna Irska koja e peda zemja i nema resursi kako shto imame nie da bide pred nas na site polinja, duri i vo pienjeto?
http://www.vest.com.mk/default.asp?id=111556&idg=6&idb=1684&rubrika=Revija
ЕРВАН ФУЕРЕ, ШЕФ НА КАНЦЕЛАРИЈАТА НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА И ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ВО МАКЕДОНИЈА
Ирското виски го менувам со македонската ракија
Апсолутно е важно сите политички партии да разберат дека единствена гаранција за фер и слободни избори е избирачките одборите да бидат апсолутно деполитизирани. Сите избори се важни. Но, би рекол дека овие избори се поважни од било кои други избори ш
ВЕСТ: Минатата недела Европската комисија ја актуелизираше идејата за формирање на зона на слободна трговија во регионот, која некако ги дигна духовите во овие земји. Според вашето мислење, зошто политичарите реагираа толку панично на ваквиот предлог?
Фуере: Целта на ЕК беше да се потенцира важноста од поттикнување на регионалната трговија, зашто тоа е еден начин за засилување на економските перформанси на регионот, за зголемување на конкурентноста, за соочување на различните економии пред силите на конкурентноста со која ќе бидат практично принудени да се судрат во ЕУ. Во таа смисла, ова е само подготовка или охрабрување, и јас бев многу задоволен со реакцијата на овдешната влада околу предлозите на Комисијата, зашто мислам дека ја сфатија нивната важност. Намерата на Комисијата е да го охрабри сето она што доаѓа од регионот, и да стори се што е можно за да помогне да се создадат услови кои ќе ја олеснат трговијата меѓу земјите, ќе ги отстрани административните бариери кои сега постојат. Во таа насока и беше предложена кумулацијата на потеклото, еден многу сложен систем, но идејата е да се помогнат трговските врски во регионот, како и врските со Унијата. А тоа е дел од процесот на приближување на регионот кон ЕУ. Веројатно ќе треба малку повеќе да се потрудиме за да ја информираме бизнис заедницата и владите од регионот.
Главната слабост овде во Македонија е развојот, кој не е со таква големина да создава работни места. Тоа е најголемиот предизвик за Македонија. Ако одите во некои општини, ќе видите сред бел ден многу млади луѓе како денгубат по плоштадите, без работа. Мора да има поголем фокус врз барањата за повеќе работни места.
ВЕСТ: Според ваше мислење, како досега се одвива дебатата за измените во изборниот законик?
Фуере: Па, секако, не охрабри напорот на премиерот да седне и разговара со сите политички партии, и би сакале да видиме крајниот резултат да има политички консензус. Како што знаеме, каменот на сопнување е составот на изборните одбори. Тука е апсолутно важно сите политички партии да разберат дека единствена гаранција за фер и слободни избори е одборите да бидат апсолутно деполитизирани. Ако имате избирачки одбор за кој постои опасност да е политизиран, тогаш ја губите таа гаранција за објективноста на проценката за одвивањето на изборите. Но, уште поважно е што ќе се случи потоа. Тука мора да има огромен напор од политичките партии и нивните лидери за да се осигура дека нивните локални ограноци целосно ќе ги почитуваат поставените стандарди и во предизборието, и на денот на изборите. Мора да има целосна посветеност на сите политички партии, за да се отстранат сите сомневања на некоја од партиите во легитимитетот на изборите. Сите избори се важни. Но, би рекол дека овие избори се поважни од било кои други избори што досега се одржале. Зашто се случуваат во година кога земјата ќе биде оценувана за тоа како се движи во реформите со кои се приближува кон членството во ЕУ. Би било многу сериозна грешка за сите што мислат дека можат да прават неправилности со апсолутна амнестија, без обзир од која партија и да се, и кои сметаат дека меѓународната заедница ќе ги затвори очите и ќе прифати.
Ако ја погледнете на пример мојата родна Ирска, ние порано бевме многу сиромашни, имаме тешка историја исто како и Македонија, но преземавме некои клучни одлуки со политички консензус и крајниот резултат е она што го гледате денеска. Верувам дека Македонија има капацитет да преземе некои поуки од ирското искуство, и да ги искористи дома.
ВЕСТ: Им делите ли такви Ирски лекции на партиите и политичарите овде кога имате состаноци со нив?
Фуере: Па постојано користам некој ирски случај, исто како што правев и во Словенија, и каде исто имаше многу сличности. Донесовме многу ирски експерти и економисти во Словенија, а истото би сакал да го сторам и тука, за да дадеме примери за придобивките од странските инвестиции, приватизацијата и фокусирањето на малите и средните претпријатија на кои треба да им се даде можност да растат и создаваат нови работни места, со еден збор да ја покачуваат границата на конкурентноста. Но, не треба да се заборави и културната димензија. На пример, врските меѓу Ирска и овој регион, келтските корени, се важни. Тоа се гледа во музиката, но и навиките. Мислам дека тука го сакаат ирското виски. Земјата треба да се промовира себеси како што правеше и Ирска, и не смее да се колеба и да не верува во своите способности затоа што е мала. И Ирска е мала, но ако ја погледнете историјата на европските интеграции, ќе видите дека многу од позитивните придобивки во тој процес беа резултат на иницијативите на малите земји - Луксембург, Холандија и другите.
ВЕСТ: Рековте дека кога се движите низ земјата гледате многу млади луѓе како седат по плоштадите и не работат ништо. Сепак, кафеанчињата и баровите во речиси сите македонски градови се постојано полни.
Фуере: Се надевам дека не си ги пијат платите и дека има одредено чувство на одговорност кај нив. Веројатно и покрај тешките економски услови луѓето сакаат да продолжат со својот живот, да уживаат, и тоа е разбирливо. И во Ирска пабовите се постојано полни. Јасно е дека Македонците уживаат во животот, што е добро, здраво, исто како и Ирците, но се додека си ги држиме нозете за земјата и не ја губиме перспективата. Мора напорно да се работи. Така беше и во мојата земја. Но никогаш не се откажавме од добриот живот. Мислам дека Ирците се познати како луѓе кои добро се забавуваат, но сега се и реалисти. Јас, на пример, доаѓам од западот на Ирска, многу сиромашен крај, од кој има многу емигранти и каде владееше глад и 1 милион луѓе умреа во 1845 година. Се сеќавам во моето родно место, кога бев мал во 1950 -тите, децата одеа боси. Електрична струја добивме дури во 1958 година, имавме свој генератор, а во училиштата сите таваници прокиснуваа. Секое семејство имаше свој член во Америка или Австралија, и тие праќаа пари дома, тоа беше единствениот начин да преживееме. Сега, сите имаат два автомобили, убави куќи и квалитетот на животот порасна неверојатно.
ВЕСТ: Како една земја успева да го стори тоа за 50 години?
Фуере: Со многу напорна работа, но, и со соодветна доза на среќа и политички консензус. Имаше договор меѓу сите политички партии дека единствен начин да ја извадиме земјата од економската неразвиеност е да ги вложиме сите ресурси во образованието, во создавањето на квалификувана работна сила која ќе ги привлече странските инвестиции. Но, и со политички консензус за тоа што сакаме да постигнеме во ЕУ. Затоа и тука велам дека најдобра гаранција за успехот на реформите е политичкиот консензус на сите партии, дека мора настрана да ги остават сите партиски идеологии и политички и лични разлики, и да мислат на иднината на земјата. Со тоа сите ќе добијат на крајот на денот. Не е битно која политичка партија ќе добие повеќе гласови, туку која политика ќе и донесе на земјата подобра иднина.
ВЕСТ: Поголем дел од луѓето во Македонија беа изненадени од вашето име, кое не им звучеше баш ирски. Какво е потеклото на Ерван Фуере?
Фуере: Не е типично ирско име, имате право, туку е келтско. Моето потекло е бретонско. Знаете, има 5 келтски нации - Британија, Велс, Шкотска, Ајл оф Мен (остров во Ирското море со сопствена управа, н.з.) и Ирска. Секако, нашите келтски корења доаѓаат од средна Европа, значи од сиот овој дел на Европа. Многу сум поврзан со своите келтски корења, и затоа честопати потенцирам дека силата на европската интеграција се мери со силата на нејзиниот културен диверзитет. Мојот татко беше во политички егзил, и јас бев бебе кога стигнавме во Ирска. Заради нашиот егзил и условите, секогаш бевме посветени на заштитата на човековите права, на културните различности и на толеранцијата во општеството.
ВЕСТ: Вие сте нов во Македонија. Имате ли некогаш чувство дека овде меѓународните претставници се популарни и дека уживаат гостопримство кај народот. На пример, во Вевчани бевте дел од карневалот, па со ќеф ви пееја и песни. Дали Ерван Фуере е човек што сака забави?
Фуере: Да, секако дека многу уживав во тој настан, и особено што бев дел од народот, што ги гледав како уживаат, како пеат. И јас понекогаш сакам да се придружам во песните, иако звучам очајно кога пеам. Морам да кажам дека подобро се поистоветувам и ги разбирам проблемите со тоа што ќе излезам и ќе се приклучам на ваквите собири. По посетата на Охрид, каде бев на фрлањето крст за Водици, церемонија која навистина ме трогна зашто беше преубаво да се види врвулицата луѓе и почитувањето на традициите, бевме во Дебарца. Се работи за истиот празник, но таму, одевме од една куќа во друга, мислам дека веројатно влеговме во 12 куќи, и во секоја испивме по една чашка и разговаравме. Тоа е прекрасно, зашто покажува дека традициите, дури и во најмалите и најсиромашните заедници, успеваат да живеат, и тоа ги одржува живи и духовите на луѓето.
ВЕСТ: Можеме ли да очекуваме дека за некоја година господинот Фуере ќе се префрли од ирското виски на македонската ракија?
Фуере: О, секако. Па веќе и почнав, искрено да ви кажам. Кога бевме во Дебарца испивме доста ракија, онаа белата. Уживам во тоа, иако, мора да се внимава, зашто, како што вели изреката: "Добро утро ракијо, збогум разуму". |