OooOo |
Солта ги стори прав фреските од 13 век
Фрескоживописот во црквата "Света Богородица Перивлепта” од 13 век во Охрид треба под итно да се заштити, бидејќи постои опасност тој неповратно да биде изгубен. Фреските се нападнати од соли кои влегуваат во малтерот, го поткреваат пигментот и делови од нив паѓаат во прав, предупредува Ленче Мојсоска, историчар на уметност- советник конзерватор при Охридскиот завод и музеј.
Фрескоживописот во "Света Богородица Перивлепта" е прво автентично дело на зографите Михајло и Евтихие. Црквата во 1295 година ја подигнал војсководецот Прогонзгур.Во неа се насликани циклуси посветени на Христос, Богородица, а почесно место има и свети Климент, како заштитник на градот.
"Сликарството во ово овој храм се заснова врз најдобрите традиции на сликарите од Византија од втората половина на 13 век", вели Мојсоска.
Според Мојсоска, најзагрозени се деловите на фрескоживописот каде што се спојува сводот на црквата со sидот, делови во олтарниот простор. Тоа е видливо на местото каде што е прикажан циклусот за Христос. Христовото успение на северниот дел на света “Богородица Перивлепта” било покриено со бела скрама, а такви оштетувања имало и на многу други делови на живописот.
Првата конзервација на фрескоживописот во света “Богородица Перивлепта” била извршена во почетокот на шеесеттите години од минатиот век. Анализи на материјалот биле праќан во Полска, Русија и главно било констатирано дека солите ги подјадуваат вредните фрески. Во 1998 година на фрескоживописот интервенирале и конзерватори од тогашниот Републички завод за заштита на спомениците на културата. Меѓутоа, тој и понатаму пропаѓал и на местата каде што било интервенирано. Следувале нови анализи,а биле одобрени и пари за заштита на фреските кои останале неискористени.
“Во октомври минатата година, заедно со претставници од Управата за заштита на културното наследство во Охрид престојуваше познатиот италијански реставратор, член на УНЕСКО, Емануел Армани. Ја посети "Света Богородица Перивлепта”, при што и тој констатира присуство на црни точки од микроорганизми и бели дамки од сол на фрескоживописот. Договорено беше со луѓето од сегашниот Национален конзерваторски центар тој да биде раководител на екипата што треба да ги санира оштетувањата на фреските во оваа особено значајна охридска црква”, вели Ленче Мојсоска. |