f9 |
Егзекуцијата на велешани страшно ме погоди
Следниот ден, по враќањето во Скопје, кај мене бараа прием две групи граѓани од Велес и од Куманово. Веднаш штом ги примив почнаа да протестираат затоа што нивните блиски - сопрузи, татковци, браќа, синови, кои биле затворени под обвинение дека соработувале со окупаторите или дека биле шпекуланти и воени богаташи, ноќта биле стрелани без да бидат судени. Тоа мене многу ме изненади, бидејќи за такво нешто никој ништо не ми кажа. Побарав веднаш да дојди повереникот за внатрешни работи Киро Петрушев.
Додека чекав да дојди се обидував да ги смирам, уверувајќи ги дека тоа е некаква провокација и дека не е вистина. Но, тоа ништо не помагаше затоа што тие ми префрлуваа дека јас и таа што ја нарекуваме народна власт сме дволични, потсетувајќи ме дека, само пред две-три недели на заседанието на АСНОМ, сум ветувал дека сите што се обвинети и затворени како соработници на окупаторите, или како воени богаташи и шпекуланти, кои на народот му нанеле зло, ќе бидат судени објективно и јавно од народни судови, кои ќе ги формира народната власт. Викајќи револтирано ме прашуваа:
- Каде се тие твои народни судови? А ако ги има, зарем тие јавно работат по полноќ?
Ми упатуваа и навредливи зборови, кои ги игнорирав затоа што мислев дека имаат право да бидат огорчени ако навистина нивните блиски биле стрелани. Моите молби, да бидат трпеливи додека разбериме дали тоа е вистина, не помагаа.
Се уште верував дека тоа е пропаганда на реакцијата за да ја омаловажи новата власт, но за жал бев многу разочаран кога Киро Петрушев ми потврди дека тоа е вистина и дека според некои сознанија истото се случило и со затворениците во Ресен. Не сум свесен како успеав да ги натерам луѓето да го напуштат кабинетот, ветувајќи им дека ќе го испитаме случајот и ако има нешто неправилно сторено дека сторителите ќе ги земиме на одговорност. Не верувам дека за нив беше утеха што некој би одговарал, нити пак тоа дека народната власт ќе спречи нови такви случаи, бидејќи нивните блиски не можевме да ги оживиме.
Кога останавме сами со Киро Петрушев го замолив да ми кажи дали знае некои детали. Ми кажа дека го известиле оти кај мене се дојдени повеќе лица од Велес и од Куманово да протестираат за наводно стрелање затвореници, па почнал да се распрашува по свои канали дали е тоа вистина, бидејќи затворениците не беа во надлежност на Поверенството за внатрешни работи, туку беа во надлежност на Одделението за заштита на народот при Националниот комитет или, како што скратено го викаа, ОЗНа. Разбрал дека навистина, после полноќ, се одведени надвор од градовите и некаде се стрелани. Исто така, разбрал дека тоа е сторено со знаење на Це-ка. Затоа го повикав Лазо Колишевски, кој беше секретар на Це-ка, а и потпретседател на Президиумот, за да видам дали тој нешто повеќе знае. Кога дојде Лазо почнав да му кажувам што се случуваше во мојот кабинет, но тој ме прекина со зборовите:
- Разбрав и ги видов луѓето. Јас се извинувам оти не ти кажав порано, но ти деновиве не беше тука, а пред тоа не се видовме салам за да ти кажам дека тоа е, како да речам, по налог на Кардељ. Кога го испраќав, после заседанието на АСНОМ, ми рече дека е многу зачуден што за време на војната во Македонија имало толку многу малку жртви во споредба со другите краишта во Југославија. Ми рече за да се потврди сликата што е создадена кај сојузниците треба од ОЗНа, нечујно, сите затвореници да бидат стрелани. Мислев дека и ти треба да си согласен со овој став, бидејќи и партијата се сложува сите народни непријатели да се ликвидираат. Следниве вечери треба да бидат ликвидирани и во другите градови.
- Зарем заборави дека на заседанието на АСНОМ реков дека народната власт ќе формира народни судови, кои ќе им судат на воените злосторници, како што е решено и на Првото заседание? Едно е да се судат, друго е да се осудат, а трето да се стрелаат ако нивните жалби не бидат усвоени од највисокиот орган. Но, да се стрела без пресуди, само за да има повеќе жртви, исто така е злосторство - му реков.
- Какво злосторство, кога толку многу делегати на заседанието бараа без милост да се ликвидираат сите злочинци. А што се однесува за пресуди, и пресуди ќе бидат напишани.
Го слушав и веќе го планирав патот за Белград да се видам со Тито. На Лазо не му кажав дека планирам да одам во Белград, но го замолив да ме остави сам да размислам. И се јавив на мајка ти дека ќе одам во Белград и го повикав шоферот да дојди со лимузината. На никого друг не кажав каде ќе одам. Околу десет часот тргнавме и кај кумановската трошарина не запре стражата. Кога ме виде стражарот и ме препозна, почна да се извинува оти не запрел, бидејќи никој не му јавил дека ќе излезам од Скопје. По патот не можев да се оттргнам од мислата дека тој чин е голема брука за власта, која ја викавме народна. Брука, поголема од онаа што би можела да ни ја направи било која реакција. Тие луѓе, затворениците, ако беа виновни, ќе ги осудеше народен суд и ќе беа ликвидирани. Но и Лазо Колишевски знаеше дека сите тие не беа толку виновни за да бидат стрелани. Сигурно тоа го знаел и Едвард Кардељ. Меѓу затворените имаше и такви што ја помагаа нашата борба, но беа затворени затоа што некогаш со некој од партијата се замериле за некои работи. Во ушите ми одзвонуваа заканите на некои калфи во прилепската чаршија, инаку скоевци, кои се закануваа на некој мајстор, кој ги избркал од работа, затоа што не им се работело: „Ќе видиш што ќе ти направиме кога ќе дојди нашето“.
Во ОЗНа имаше многу поранешни калфи. Тоа што ме запреа на излезот од Скопје, ми кажуваше дека некој го следи секој мој чекор. Тоа ме натера во себе да се прашувам дали некој не сака да ме дискредитира меѓу народот, бидејќи само пред три недели реков дека народната власт ќе формира народни судови, кои јавно ќе работат и ќе ги докажат злоделата на вистинските народни непријатели. Се прашував и дали, ако вака се продолжи, ќе ни требаат народни судови или повеќе војска за да се браниме од новите непријатели, што народната власт сама ќе ги создава. |
f9 |
Се жалев кај Тито, Кардељ не ме поздрави
Во Белград стигнавме некаде околу седум часот вечерта. Кога пристигнав во Белиот Двор, каде што беше сместен, Тито ме пречека со зборовите: - Друже Ченто, што е толку итно што доаѓаш по ова студено време и вака доцна? Му раскажав за случајот, за протестот на роднините на стреланите затвореници и за разговорот со Колишевски. Ме слушаше внимателно, а забележав дека стануваше нервозен. Кога завршив со зборувањето, стана и пред да излези изнервиран од собата, рече: - Не сакам да верувам дека можеле да се договорат за таква глупост. - Сега ќе дојди Кардељ и ќе ни кажи што му кажал на Колишевски - рече Тито, кога се врати во собата.
Додека чекавме да дојди Кардељ, му кажав дека се чувствувам измамен.
Едно се договараме во Президиумот, а сосема друго нешто се прави зад нашиот грб. Кажа дека се сложува со се што сум зборувал на Второто заседание на АСНОМ и дека само со разумни постапки можеме да го придобиеме народот на наша страна. Кога дојде Кардељ не се поздрави со мене. Заклучив дека Тито му кажал за што се работи. Па сепак Тито накусо му кажа зошто сум дојден и го праша дали е точно што сум му кажал. Тој го потврди она што ми го кажа Лазо, а Тито налутено и заповеднички му рече: - Оди и веднаш јави му на Колишевски да се престани со таа глупост. Зар немате ни малку политички слух? Како ќе се одрази тоа кај западните сојузници? Вака ли ќе градиме народна власт? Оди и врати се да ми кажиш што си направил. Кардељ се врати после дваесетина минути и кажа дека му пренесол на Колишевски што рекол Тито. Одвреме-навреме ќе погледнеше во мене со поглед преполн со прекор. Кога Тито му рече да си оди, замина без да се поздрави со мене. Останав уште извесно време кај Тито и отидов во хотел „Мажестик“. Долго размислував за тоа дека Тито беше на моја страна.
Пред мене секогаш застануваше на моја страна, но многу мои ставови ги критикуваше индиректно. Мене никогаш не ми се обрати како на Кардељ - нервозно и заповеднички, или иронично како кога му рече на Колишевски, кој поднесе реферат на академијата посветена на 11 Октомври, во Народниот театар во 1945 година, дека треба да научи подобро да чита и при слабо светло, затоа што при читањето на рефератот многу често замуцкуваше. Но, сите тие останаа покрај него и ден-денеска. Престанаа масовните стрелања на затвореници. Подоцна се оформија народни судови, кои многу формално ја извршуваа судската постапка и без многу докажувања, лесно ги изрекуваа смртните пресуди, барани од јавниот обвинител. Го замолив Тито да разговара со Александар Ранковиќ за моето писмо во врска со Јордан Чкатров, кој беше затворан на крајот на 1944 година, бидејќи со затворањето на Јордан Чкатров го брукаат и Тито. Во писмото до Ранковиќ пишував: „Во месец август 1944 година имаше една изјава од другарот Тито, со која се повикуваат оние лица кои се во служба кај окупаторот да прејдат на наша страна. Во врска со таа изјава се постави прашање како да постапиме со извесни личности кои биле во служба кај окупаторот во Македонија, или се претпоставуваше дека се такви. Према извесни информации, додека уште бевме во манастирот Св. Прохор Пчински, разбравме дека некои од нив се интересираат за нашата политичка линија. Тоа прашање доста се дискутираше со другарите од Це-Ка. На крајот на краиштата беше одлучено да се повикаат Јордан Чкатров и Трајко Чундев. За Јордан Чкатров ми беше речено јас да му пишам, а за Чундев да пиши писмо Чучков и двајцата да дојдат на разговори во близина на манастирот.
Ова го направивме затоа што нив двајцата ги сметаа за луѓе кои не се истакнуваа јавно дека се во служба кај окупаторот и дека се луѓе кои имаат влијание на ВМРО-вците и кај бугарофилите. Писмата ги пишавме на 25 август, после два-три дена ги добија писмата и веднаш се согласиле да дојдат кај нас. После тоа ние им испративме курир, па на 7 септември 1944 година ги доведе во близина на манастирот. На 8 септември Чучков и јас одржавме состанок со Чкатров и Чундев. После долг и опширен разговор тие ја одобрија нашата политика. На нашата покана да останат со нас, нивниот одговор беше дека тие не заслужиле заедно со нас да ја делат славата при влегувањето во Скопје и другите градови во Македонија. Вместо тоа тие изјавија дека ќе се вратат во Скопје и таму, меѓу граѓаните и чиновниците, да работат за нашето дело. Во меѓувреме, т.е. на 6 септември во Скопје пристигнал Ванчо Михајлов, повикан од Германците да формира влада за независна Македонија. Михајлов го повикал Чкатров на разговор. Меѓутоа, Чкатров одбил да разговара со В. Михајлов за таа работа. Наместо тоа, тој дојде да разговара со мене. Тој гест, кој го направи Ј. Чкатров, беше познат во Скопје и во другите градови во Македонија. Тој гест доста придонесе да се осуети намерата на Ванчо Михајлов да формира влада. Кога Ванчо Михајлов виде дека и Чкатров не се сложува со него, се откажа од намерата да формира влада, бидејќи во врска со Ј. Чкатров и други го одбија Ванчо Михајлов, сметајќи дека една таква влада би довела до големо крвопролитие во Македонија. После враќањето на Јордан Чкатров во Скопје, т. е. на 9 септември, бидејќи Михајлов отпатувал, а во Бугарија дојде до преврат, Германците формирале Комитет од граѓани во Скопје. Јордан Чкатров не влезе во тој Комитет и ја одржа обврската дадена на состанокот со нас. Еден месец по ослободувањето на Скопје, Јордан Чкатров беше уапсен и сега се најдува во затворот во Скопје. Можеби не ја знам кривицата поради која е затворен. Но, од друга страна и јас сум одговорен за мојот чесен збор, при нашиот разговор, затоа што тој го одржа дадениот збор дека ќе го пропагира нашето дело. Мојот чесен збор, даден на Јордан Чкатров, беше дека треба да остани во Скопје и дека не треба да се грижи за својата слобода, ако не соработувал со окупаторот, бидејќи тој чесен збор го дадов како претседател на АСНОМ. Сметам дека Јордан Чкатров нема да биди против нашата политика и заради тоа сметам дека треба да биди пуштен на слобода. Не би сакал да се помисли дека ова го барам како знак на благодарност, затоа што Јордан Чкатров и други, кои исто така се сега во затворот во Скопје, се залагал да не ја изгубам главата кога бев во рацете на бугарската полиција во 1943 година. Но, сметам дека имам право да барам Чкатров да биди пуштен на слобода затоа што е во прашање мојата совест и мојот збор како претседател на АСНОМ. Очекувајќи го твојот одговор, останувам со другарски поздрави.
3 јануари 1945 год.“.
|