f9 |
Мумијата што е откопана при изградбата на патот до браната на Липковско Езеро се наоѓа во Институтот за судска медицина
ЕПОХАЛНО ОТКРИТИЕ ЦЕЛА ГОДИНА ЛЕЖИ ЗАКОПАНО В ЗЕМЈА
Откриени две мумии во Липково, пристапот забранет
Весна Ивановска
Две мумии стари најмалку 24 века лежат закопани во Липково, Кумановско и речиси година не можат да ја "раскажат" својата приказна и да го расветлат минатото зашто сопствениците на земјиштето не дозволуваат таму никој да припари, дознава "Дневник".
Залудни биле ургенциите кај липковскиот градоначалник тој да ги убеди своите сограѓани да им дозволат на стручњаците да направат увид, да го фотографираат и да го документираат епохалното откритие.
Обид за увид направиле стручњаци од Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата и од Управата за заштита на културното наследство лани, на 20 јули. Кога сопствениците на земјиштето виделе дека им се приближуваат непознати луѓе, веднаш им го спречиле пристапот до мумиите. Иако стручњаците се легитимирале и им објасниле дека дошле да го видат пронајдокот, сопствениците на земјиштето биле децидни:
- Нема што да барате тука. Одете си!
Тие не им дозволиле ниту да го фотографираат профилот на земјата од која стрчеле две мумифицирани нозе и ковчег од издлабено стебло, каде што се наоѓа и другата мумија.
- Не можам да опишам како се чувствував. Ги гледав пред мене, а не можев ни да ги допрам. Едноставно, не ни дозволија и ни рекоа да го напуштиме теренот - раскажува археологот Звонимир Николовски, советник-инспектор во Управата за заштита на културното наследство, кој бил повикан да ја придружува екипата од Републичкиот завод.
Мумиите се наоѓаат во месноста Кисела Вода, на патот што води во Липково, крај млинот на кој пишува "Браќа Вејсели". Откако инспекцијата си заминала, по неколку дена сопствениците на земјиштето ги затрупале мумиите. "Дневник" дознава дека на теренот се уште се одвиваат градежни работи, но местото на кое се закопани мумиите воопшто не се чепка. Нашите извори редовно добиваат информации од теренот и тврдат дека мумиите се уште се на местото на кое се пронајдени.
- Во тоа сме сигурни. Населението го почитува култот кон покојниците - велат нашите извори.
Стручњаците објаснуваат какви може да бидат последиците ако не се откопаат мумиите. Деловите што дошле во допир со воздух (кои со векови биле закопани во земјата) може да оксидираат и да се распаднат. Со тоа ќе се уништат и сите научни податоци што мумиите ги зачувале сиве векови. Се уште може да се спасат деловите што не дошле во допир со воздух.
Од лани случајот е статус кво. Теренот се уште е непристапен за какво било документирања или истражувања. Директорот на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата (сегашен Национален центар за конзервација), Бехиџудин Шехапи, се оградува од случајот, бидејќи во тоа време не бил во тек со работите.
- Ова е деликатна работа. Тогаш го видов извештајот од увидот, како нов директор на институцијата. Во меѓувреме, имаше порелевантни работи што требаше да ги завршиме - вели Шехапи.
http://www.dnevnik.com.mk/?pBroj=3009&stID=74890 |