VeGaS |
МК две години под налепница
Не се менува практиката на грчките дипломати од Канцеларијата за врски во Скопје со црни ленти да го покриваат кодот „МК“ на дипломатските таблички на своите возила, но затоа пак тие сега тоа не мораат да го прават, затоа што добиваат таблички на кои „МК“ воопшто го нема.
Две години откако „Време“ го откри овој случај, кој експертите го оценија како незаконско однесување на грчките дипломати, црните ленти остануваат на дипломатските таблички.
Според експертите, со ваквото однесување грчките дипломати ги прекршуваат меѓународните конвенции и домашното законодавство. Дипломатскиот имунитет не ги заштитува од прекршочни пријави за несоодветните регистарски таблички на возилата. Но статистиката покажува дека тие се некако недофатливи за сообраќајната полиција. Од лани, кога „Време“ потсети на првата измината година од откривањето на случајот, досега нема промени во полициската статистика за прекршочните пријави за возачите на грчките дипломатски возила: поднесени се вкупно девет опомени и прекршочни пријави. Пријавите биле поднесени по контрола од сообраќајната полиција, а тоа, според МВР, се и единствените мерки што полицијата може да ги преземе.
Фоторепортерот на „Време“ вчера пред грчката Канцеларија за врски во Скопје забележа и автомобил на чии дипломатски таблички воопшто го нема кодот „МК“. Од бројките на регистарските таблички, кои се посебни за секоја амбасада, јасно се гледа дека станува збор за возило на грчката канцеларија.
Во МВР велат дека не постои можност македонската полиција да издала табличка без кодот „МК“. Надлежните во МВР велат дека согласно со дипломатските процедури ќе испитаат за што станува збор.
Според претставници на грчката канцеларија, табличка без кодот „МК“ има на едно од нивните возила, но само на задната страна. Причината, велат, е што табличката уште во септември 2004 година била украдена. Канцеларијата побарала од МНР да се смени, но не им била доставена нова. Затоа тие направиле копија на која го нема кодот и сега, како што објаснуваат, на предната страна од возилото стои оригинална табличка, а на задната е копијата. |