OooOo |
Во Македонија се губи средната класа
Армија губитници, песимисти и незадоволни, наспроти мала група транзициски добитници, создаде македонската маратонска транзиција. Вака изгледа социо-економска слика на земјата, претставена во најновиот извештај за навремено предупредување на УНДП.
Трите тoп проблеми:
* невработеноста,
* корупцијата и
* сиромаштијата
го даваат одговорот зошто граѓаните живеат во се поголема апатија, незадоволни и разочарани.
На средина се неутралните - оние што се вработени во јавните претпријатија, администрацијата и пензионерите кои по убедувањата се поблиску до транзициските губитници.
Најмалубројната, а најмоќна група остануваат добитниците кои без транзицијата, таква каква што беше спроведена, не би ја уживале нивната сегашна позиција.
„Клучен фактор е времето, а политичките номенклатури кои се сменија во Македонија го задржуваат времето во кое не даваат шанса на другите граѓани бидејќи од задржување на времето и условно, од заробување на институциите, од затварање на економијата и на стопанскиот систем, има ќар една мала политичка врхушка и една финансиска олигархија која е конституирана во македонската економија“, изјави професорот Љубомир Кекеновски неодамна, толкувајќи го фактот што економијата не може позначајно да мрдне.
Проблемите нема да исчезнат сами по себе дури ни со остварување на позитивни економски резултати.
Неопходна е конкретна акција, препорачува меѓународната јавност. Клучни се реформите.
„Реформите во економијата и започнувањето на економскиот развој е предизвик кој треба да ги вклучи сите делови на општеството, сите бизнис групации. Во Македонија имате направено прогрес, а потребен е уште поголем напредок: судски, полициски и реформи во други области кадешто треба дополнителна работа“, изјави Ерван Фуере, амбасадор на ЕУ во РМ.
Иако земјата бележи економски раст, извештајот на УНДП ја отвора дилемата: дали на Македонија и се случува осиромашувачки развој?
Дали од година во година се зголемува јазот меѓу оние што едвај преживуваат и оние што уживаат во богатство? |