Strelec |
Демократската обнова на Македонија смета дека во Македонија има способни луѓе и решенија за наталожените проблеми и дека токму затоа има надеж за државата, истакна на денешната промоција на партиската програма за 2006-2010 година претседателката на ДОМ Лилјана Поповска.
Таа рече дека со формирањето 30 општински организации и со Советот, ДОМ е солидно екипирана да работи на решавањето на проблемите.
Приоритети на политичкото дејствување на ДОМ се владеење на правото, закони што важат подеднакво за сите граѓани, економски развој за надминување на сиромаштијата и невработеноста со интензивен пораст на бруто-домашниот производ, стимулативна бизнис-клима за напредок на стопанските субјекти, а како посебни стратешки определби партијата ќе ги смета земјоделството и туризмот.
Посебен акцент на делување партијата ќе стави на социјалната политика според современите европски стандарди, на негувањето на културата, на реформите и на унапредувањето на образованието и на здравствениот систем.
Како област на дејствување од ДОМ ја потенцираат и соработката и поврзувањето со светот, пријателството со соседството, грижата за Македонците во дијаспората, побрзо интегрирање во ЕУ и НАТО, водење активна надворешна политика со која Македонија ќе стане рамноправен партнер во соседството, регионот и во меѓународната заедница.
Претседателот на Советот на ДОМ Димитар Мирчев изразувајќи задоволство од активностите на членството и делувањето на партијата во политичкиот живот, рече дека во Поповска ја гледа идната премиерка на Република Македонија.
|