Unreal |
Кога ова се случува во Европа!
Преземено од Дневник
Невозможна мисија!
Французите се загрижени. Како последица на зајакнатата борба против тероризмот Американците бараат биометрички пасоши од француските граѓани.
Без нив е потребна виза за да може да се отпатува од онаа страна на океанот. Франција се уште не почнала да издава биометрички пасоши, па редовите за визи пред американските конзулати стануваат се подолги. Французите чекаат, губат време, се нервираат, ги пцујат Американците... Бараат од својата администрација да направи се што може и тоа брзо за да се избегнат понижувачките редови пред американските конзулати.
Дали француската администрација сака да ги зголеми цените на визите за да може побезболно да ги финансира своите биометрички пасоши? Прашањето заслужува да биде поставено.
Французите имаат помалку обѕири кон другите на кои им треба виза за да отпатуваат во шенген-зоната. По нивна иницијатива во февруари во Советот на министрите за внатрешни работи на ЕУ се разговараше за покачување на цените на визите. Идејата на Франција за 60 евра за виза ја прифатија сите големи членки на ЕУ (Велика Британија нема право на глас во оваа област бидејќи не е членка на шенген-групата), а против неа глас кренаа новите земји-членки и Грција. Поотворени кон потребата да не се изолираат, пред се, од соседите на ЕУ, новите земји-членки велат дека пред да се донесе ваква одлука треба да се земат предвид и аспектите на надворешната политика на ЕУ. Во превод, да се внимава со одлука што може да го доцементира и онака високиот шенгенски ѕид и ќе биде политички штетна.
Денешната Франција, но и не само таа, мака мачи со глобализацијата. Панично се плаши од странци, уверена дека тие ќе им ги земат работните места на Французите (иако статистиките велат дека илјадници работни места се непополнети затоа што Французите одбиваат секаков вид вработување), и од реформи на пазарот на работна сила. И, како и целата ЕУ, впрочем, во секоја пригода ни порачува дека нема капацитет да ни помага бидејќи е презафатена со внатрешни главоболки. Како што неодамна заклучи британски „Економист“, резултат на немоќта за справување со глобализацијата е популизмот, кој добива значајно место во внатрешната политика. Во политика инспирирана од популизам се е можно, па и цинизам. Зошто да не Балкан или Африка, кои би ја финансирале новата пасошка технологија?
Благодарение на новите членки на ЕУ, деновиве се размислува да има и географски исклучоци од оваа одлука. Најголеми шанси да станат исклучоци ќе добијат земјите кои имаат или ќе имаат договори за олеснување на визниот режим со ЕК а тоа ќе значи и враќање на денешната цена од 35 евра. За оние ретките што можат да добијат виза.
Но, Македонија не се задоволува со олеснување. Ние сакаме целосна либерализација. И тоа што побрзо. Ја поддржуваме нашата влада во тој потфат, но мора да знаеме дека потфатот, во услови на економски слаба Македонија и од странци исплашена Европа, е речиси невозможна мисија!
Три и пол илјади барања за азил годишно во ЕУ од двомилионската Македонија, пропорционално, не е така мала цифра. На таа бројка треба да и се додадат оние кои бараат работа на црно. Нашите власти спречиле 1.800 такви лица да заминат во ЕУ, а околу 2000 биле протерани од таму. Без сомнение ги има многу повеќе за кои ни Македонија ни Европа не знаат ни каде се ни што прават. Европските престолнини не сакаат такви статистики. Ветувањата на нашите политичари за безвизен режим лесно може да се сведат на Шекспировата многу врева за ништо!
И еве го повторно стариот рефрен, кој вели дека без реформи нема да стасаме никаде. Во ЕУ без визи ќе патуваме кога огромното мнозинство македонски граѓани ќе бидат задоволни со перспективата и платата дома. Не е лошо да ја послушаме ЕУ и прво да создадеме поефикасно стопанство. За да имаме аргументи да # кажеме на Франција каде греши. Во меѓувреме, пречекорувањето на шенгенскиот ѕид можеби нема да чини повеќе од 35 евра. Но, тој и понатаму ќе остане цврсто исправен пред 95 проценти од нашите граѓани.
|