OooOo |
ИНТЕРВЈУ: ТОМА ФИЛА, АДВОКАТ ОД БЕЛГРАД
ВЕСТ: Веројатно најпознат ваш клиент е Слободан Милошевиќ. Со него бевте и ноќта на неговото аспење. Што се случуваше таа вечер?
ФИЛА: Во моментот на неговото апсење бев со него и тоа е најдолгата ноќ во мојот живот. Мислев нема жив да излезам. Во затворот меѓу другите разговори почнавме да зборуваме и за Хаг. Веднаш му предложив да не го игнорира Хаг. Но тој ми рече: "Ти брани ги моите соработници, а јас сам ќе се бранам за да докажам дека тој суд е без врска, дека судењето е наместено, дека тоа се политички обвинувања". Јас таквиот одговор го прифатив и истовремено му предложив да се формира една екипа од светски познати адвокати кои би можеле да му помогнат да го докаже тоа што го сака, многу подобро отколку тој сам. Но, Милошевиќ не прифати ниту да го бранат, а подоцна ниту го прочита обвинението. Кога му го предададоа во Белградскиот затвор, обвинението беше ставено на решетките од ќелијата. Два и пол месеци, колку што Милошевиќ беше во затворот, обвинението остана на решетките.Јас тогаш прогнозирав нешто што потоа се исполни. Тој не можеше да остане на таа позиција до крај. По извесно време дојде до промена во неговото однесување. Милошевиќ во еден момент сфати дека со игнорантскиот однос никаде нема да стигне. А постапката на судењето е многу интересна. Се што ќе се каже од обвинителството или сведоците , ако одбраната веднаш не реагира тогаш изјавата се зема како факт. Нив воопшто не ги интересираат заверени фотокопии. Така Милошевиќ сфати дека мора да враќа и да се бори.
ВЕСТ: Дали се уште сте официјалниот бранител на Милошевиќ?
ФИЛА: Тој во моментов има двајца адвокати кои му служат како соработници-помошници, кои му ја носеа сопругата во затворот, или пак му доставуваа некои документи. Јас таква соработка не можев да прифатам и да бидам носач на куфери. Од друга страна се зафатив со парницата на неговиот соработник Никола Шаиновиќ кого исто така го бранам пред Хашкиот трибунал.
ВЕСТ: Како Милошевиќ добива информации кои ги користи во текот на судењето, па дури успева, на моменти да биде и пред "хашката машинерија"?
ФИЛА: По правилата на Хаг од обвинителството се должни 30 дена пред
да сведочи нивниот сведок, да ја известат одбраната кој е сведокот. Неколку месеци порано да ти ја дадат неговата изјава која е обележана со шифри К-1, К-2 и така натаму. Така обвинетиот може да се подготви, да провери кој е и што е сведокот, така што не е тајна дека ние можеме да знаеме за кој се работи.Целиот предмет е материјал кој содржи 600.000 страници и всушност е едно тактичко надмудрување. Може да приложите докази или дел од материјалот пред судот кој пак од спротивната страна , односно обвинителот ќе ви рече , па тоа не ме интересира и така лесно може да се изгубите. Милошевиќ го сфати тоа како и луѓето во Србија, исто така. Се формира едно тело во Белград, под името "Слобода", во кои се луѓето кои беа на Косово и се најупатените во операциите што таму ги водеше војската и полицијата. Паравојските за кои зборуваа воопшто не постоеа , затоа што секој кој сакаше да се бори одеше во една од двете формации . Ќе дадеше заклетва и одеше на фронт.Тоа не беше толку одамна, па да се заборави. Освен тоа Косово е релативно мало и се знае точно кој во кое село и што правел. Целата документација е во Белград, така што за секој од нив може да се добијат податоци во Државна безбедност. Со промента на власта, во суштини во полицијата никој не се смени. Се менуваа министрите , но оперативата остана. Затоа Милошевиќ е толку добро информиран.
ВЕСТ: По неколкуте години работа во Хашкиот трибунал какво е вашето мислење за него , особено што тој суд е само за злосторства извршени на територијата на бившата СФРЈ?
ФИЛА: Хашкиот суд е ад - хок трибунал кој всушност не е доречен. Во суштина тоа е едно политичко тело кое работи по системот оној кој плаќа. Формирано е од Мадлен Олбрајт за да се врзумат прво Србите, па Хрватите, па Муслиманите. Трибуналот комлетно е под контрола на Америка бидејќи целиот буџет е американски. Парите само транзитираат низ буџетот на Обединетите нации, а тие не даваат ниту долар. Затоа, тој суд ќе трае додека сака Амарика.Според нив за злосторствата во текот на војната 80 % се виновни Србите, 15% Хрватите и 6% Муслиманите. По тој критериум се прават и обвиненијата. Обвинителството на судот, во случјот на Милошевиќ, се труди да најде некој сведок, инсајдер, кој ќе каже дека тој наредил етничко чистење на Косово, односно протерување, убивање, силување. Услов да се каже дека има воено злосторство е да постои систем кој ќе го организира. Но тоа до сега не им успеа. Затоа сега во Хаг се обидуваат да докажат дека имало намера да се изврши злосторството. Тоа отприлика значи дека владата треба да одлучи да ги чисти Албанците, па да формира систем и да изготви план кој ќе го спроведе тоа. Потоа се оди село по село , се пали, се убива и се граба. Сето тоа мора да се докаже па за тоа да одговара претседателот на државата. Во случајот на Милошевиќ значи дека треба да се утврди дека постоел план за Голема Србија и етнички чисто Косово. Овде треба да се докаже командната одговорност.
Судот од почетокот на работата до сега доживеа огромни промени. И јас се променив за време на овие неколку години работење во Хаг. Од еден ужасен опонент, поради мојот разум решив да се борам. Прво и јас како и Милошевиќ го игнорирав, но решив да се борам, најмногу поради тоа што судот нема рок на траење.
ВЕСТ: Карла Дел Понте е третата обвинителка во тој суд. Какво е вашето мислење за неа?
ФИЛА: Во неа има многу рекламаторско како да е адвокат. Ја познавам лично и имав со неа многу тешки разговори. Но и таа мене многу добро ме знае. Има детали за моето и минатото на моето семејство дури неколку колена наназад. Нејзе само едно не и беше јасно како јас како адвокат високо котирам при сите промени на власта. Едноставно и одговорив дека јас не сум во Хаг затоа што некој режим ме пратил. Јас сум и должен на мајка ми што ме роди и на татко ми кој ме направи адвокат. Ние не станавме адвокати по политичка желба, туку затоа што тоа го сакавме. Во тие разговори јас отворено и реков дека додека тие изнесуваат лаги и не ги признаваат доказите, нема да може да се работи. Потоа се завртев и си отидов. Мислам дека сите тие обвинители во Хаг се само на поминување. Желбата им е да дојдат да направат некаква афирмација, да фатат некоја добра позиција и дебело да заработат. Бившите обвинители изнакупија вили во Хаг.
ВЕСТ: По последниот оружен судир во Македонија се појавија инсинуации дека некому од овде можеби ќе му се суди во Хаг. Доколку Ве побараат за бранител дали би прифатиле?
ФИЛА:Во разговорите со еден од замениците на сите досегашни обвинители, се очекува до 2005 година да се изготват нови 45 обвиненија меѓу кои пет ќе се бидат за луѓе од Македонија. Според моите сознанија се работи за тројца Македонци и двајца Албанци, на кои за жал имињата се уште не им ги знаеме. Затоа во Македонија треба да се почне да се подготвува добро документација, да се подготват сведоци, да не си играат како Милошевиќ сакам -нејќам, оти таму никој не те прашува што ти сакаш.
Секако би бранел иако најповеќе сакам до тоа да не дојде. Единствена пречка можат да бидат правилата на Хаг според кои адвокатите можат да работат само еден предмет. Но јас ,претпоставувам како адвокат со големо реноме, во тибуналот сум единствен на кој му дадоа уште еден плус. Единствено што можам да помогнам е да дадам совети, да ја ставам на располагање мојата библиотека и банката на податоци. Многу соработувам со македонските адвокати. На прво место е господинот Саво Коцарев со кој сме имале преку 30 заеднички случаи само во скопските судови.
Кога беше аферата со ТАТ, бев повикан да ја бранам Соња Николовска. Но јас тоа не можев да го сторам. Интересно е тоа што управникот на затворот цело време ги криlf писмата што Соња ми ги праќала.
ВЕСТ: Освен случјот на Милошевиќ Вие сте познат и како правен застапник на најпознатата ју- вдовица , Јованка Броз. До каде е судската борба за нејзините права како директен наследник на имотот на Тито?
ФИЛА: Кога почина Тито мојот татко Филота Фила, почна да ја застапува Јованка, а јас продолжив од '85, кога Сојузната скупштина на 31 декември донесе одлука, се што ќе остане по Тито да стане државно. Пратениците на излегување од салата беа повикани назад и без да обратат внимание го изгласаа законот со кој на Јованка и беше одземено се. 1988 година почна борбата пред Уставниот суд да се побие тој закон затоа што не е уставен. Борбата траеше се до февруари оваа година. Сега судиите во Србија се во нова ситуација: немаат докази за дел од имотот на Тито кој по распадот на Југославија остана во Хрватска. Интересно е тоа што се испопстави дека вилата Биљана во Охрид, за која велеа дека е на Тито, всушност не е. Кога ги погледнавме документите неа никаде ја немаше како негов имот. Јованка годинава конечно успеа во едно: оредените и подароците што Тито ги добивал може да ги земе. Многу е интересно тоа што по смртта на Тито на Јованка најмногу и помогнаа некои Македонци кои во тоа време беа на видни места. Да не беа тие, таа ќе пропанднеше. На пример парите што ги прима сега како пензија се по заслуга на Владо Камбовски.
ВЕСТ: По смрта на Тито за само неколку години СФРЈ крваво се распадна. Зошто?
ФИЛА: Во еден разговор со еден американски амбасадор тој ми рече: "Вие едноставно чиневте многу". Тогаш тој ми изнесе податок колку Америка давала пари за да опстане Југославија. Тито од нив има добиено дирекнти пари преку 60 милијарди долари со кои купуваше мир и убав живот. Дај малце не секоја Република кога ќе згусти и ќе биде се во ред. Затоа тогаш имаше илузија на добар живот. Кога падна Берлинскиот sид, Америка немаше интерес да опстане држава која само троши пари. СФРЈ беше држава за реклама, за да се покаже дека и во комнунизмот може да се живее убаво и да има демократија, а целта беше да се сврти грбот на Русите. Второта причина за пропаста на Југославија е појавувањето на сеништата од минатото. Сите судири на национална основа помеѓу четниците, партизаните, комитите , балистите, усташите никаде не беа расчистени. Од колено на колено, всушност се пренесуваше таа крв во која тлееше желбата за одмазда, а се прекриваше со илузијата за братство и единство.
Сега се води најнова војна. Секоја од бившите републики трговски сака да ја блокира другата држава. За парите на заедничката се тврдеше дека се во Белград, но по промената на режимот се утврди дека тоа воопшто не било точно. Парите се во Љубљана. Повторно ете нерасчистени однеси кои допрва треба да се средат.
ВЕСТ: Кога сме кај недоразбрањата и нерасчистените односи: имате ли информација и коментар околу случувањата помеѓу Македонската и Српската црква?
ФИЛА:Тоа е едно прашање кое дефинитивно треба да се реши со ладни глави. Сега државите треба да ги расчистат границите. Не треба да се тепааd за некое метро територија. Кој ќе биде финансиски најсилен и најстабилен ќе опстане. Тертиториите веќе не се ни важни. Дали Македонската православна црква ќе биде самостојна воопшто не зависи од Србија. Се знае кој е шефот што треба да одлучи, тоа е вселенскиот патријарх. Бидејќи Македонија стана независна држава, логично е да има независна црква. Но тоа е долг процес и не може да се постигне преку ноќ. Патот на МПЦ е добар и само треба време, без историски оптоварувања, без комунистички штосови. Треба по неколку години да се направи референдум што мислат Македонците за тоа.
Случајот со Јован, неговото бркање не е во ред . Такво прогонување на свештени лица гледавме во комунизмот и тоа сега никако не смее да ни се повтори. Тогаш поповите ги бричеа на суво.
ВЕСТ: Вие сте најпознатиот адвокат на просторите на бивша Југославија , веројатно и пошироко. Живеете и работите во Белград, но потекнувате од битолското семејство Фила во кое адвокатурата е главна преокупација .Што за вас значи традицијата и какво е чувството да се биде син на Филота Фила?
ФИЛА: Единсвеното што се обидувам да го објаснам еднаш за секогаш на сите овие балкански народи е дека историјата не треба да се почнува од ново на секои 50 години. За да постои традиција, треба да се има историја.
Во моето семејство традицијата почна да ја создава мојот татко Филота Фила, потоа канцеларијата ја презеде мојот братучед Бела, а јас сум третата генерација што ја продолжува работата, оставајќи зад себе адвокатска канцеo.рија во која во моментот работат 16 луѓе, а уште толку ни се надворешни соработници. Сите наши искуства се пренесуваат на нивите генерации. Паралелно со искуствата нашата канцеларија може да се пофали со огромна банка на податоци која, исто така, останува за наследниците. Ме нервира кога некој ќе се пофали дека се сам направил, и дека од него се почнало.
Професионално пак е интересно тоа што, на пример, кога шетам по светот прво одам да ги посетам судовите и затворите , а потоа ги разгледувам музеите. Во едно мое такво патување во Лондон на вратата на една адвокатска канцеларија под името на адвокатот пишуваше :1889, годината кога почнала да работи. Тоа ви е традиција.
ВЕСТ: Секоја година во летните месеци Ве гледаме во Охрид. Што е тоа што толку ве привлекув тука?
ФИЛА: Едноставно се чувствувам како да сум дома. Јас сум Влав од Битола, моите корени се тука и јас секогаш, дури можам, ќе доаѓам во Охрид и ќе уживам со пријателите во "Летница". Сум доаѓал и ќе продолжам да доаѓам и понатаму. Секогаш тука ги полнам батериите.
OooOo |