Вечен Фашизам |
||||
RaGeAnGeL | Автор: Умберто Еко Наспроти извесната замагленост во однос на разликите помеѓу разните форми на фашизмот, мислам дека е можно да се направи список на особини... кои се типични и за некои други форми на деспотизам или фанатизам. Но, доволно е една од нив да е присутна за да се дозволи на фашизмот да коагулира околу неа. Наспроти извесната замагленост во однос на разликите помеѓу разните форми на фашизмот, мислам дека е можно да се направи список на особини кои се типични за она што би сакал да го наречам Ур-фашизам, или Вечен фашизам. Овие особини не можат да бидат организирани во систем – многу од нив се контрадикторни една на друга. Исто така, тие се типични и за некои други форми на деспотизам или фанатизам. Но, доволно е една од нив да е присутна за да се дозволи на фашизмот да коагулира околу неа. 1. Првата особина на Ур-фашизмот е култот на традицијата. Секако, традиционализмот е многу постар од фашизмот. Не само што тој бил типичен и за контрареволуционерната католичка мисла по Француската револуција, туку бил роден во доцната хеленистичка ера, како реакција на класичниот грчки рационализам. Во зоната на Медитеранот, луѓето кои припаѓале на различни религии (мнозинството од верите кои ги прифаќал римскиот пантеон) почнале да сонуваат за откровение кое било примено во зората на човечката историја. Ова откровение, според традиционалистичката мистика, долго време останало скриено под превезот на заборавени јазици—во египетските хиероглифи, во келтските руни, во записите на малку познатите азиски религии. Оваа нова култура требала да биде синкретистичка. Синкретизмот не значи само, како што вели речникот, „комбинацијата на различни форми на верување или делување“, туку и дека таа комбинација мора да толерира и контрадикции. Секоја од првобитните пораки содржи зрнце од вистината, и иако личи дека тие кажуваат различни или некомпатибилни нешта, сите тие демек, во основа, алудираат, алегориски, на истата примална вистина. Како последица, ваквите култури не дозволуваат напредок во учењето. Според нив, вистината е веќе искажана, еднаш за секогаш: најмногу што може да сториме е постојано да ја интерпретираме истата порака. Ако ги разгледате полиците кои во американските книжарници се означени со Њу Ејџ (New Age), ќе најдете книги и од Свети Августин, кој, колку јас што знам, не бил фашист. Но комбинирање на Свети Августин и Стоунхенџ (Stonehenge) е знак на Ур-фашизам. 2. Трационализмот имплицира отфрлање на модернизмот. И фашистите и нацистите ја обожавале технологијата, додека традиционалистичките мислители обично ја отфрлаат како негација на традиционалните духовни вредности. Сепак, иако нацизмот се гордеел со своите индустриски достигнувања, неговата пофалба на модернизмот била само на површината на идеологија изградена врз крв и земја (Blut und Boden). Отфрлањето на модерниот свет било преправено како неодобрување на капиталистичкиот начин на живот. Просветителството, или ерата на Разумот, ја гледале како почеток на модерната морална корупција. Во оваа смисла, Ур-фашизмот може да се дефинира како ирационализам. 3. Ирационализмот исто така зависи од култот на акција поради акција. Бидејќи акцијата се смета за убава сама по себе, таа мора да се презема пред, или без, да се размисли за неа. Размислувањето се смета за нешто што ја одзема машкоста. Затоа, културноста е сомнителна, бидејќи се идентификува со критичките ставови. Недоверба кон интелектуалниот свет од секогаш бил симптом на Ур-фашизмот: почнувајќи од тоа што омилена досетка на Херман Геринг била реченицата од драмата на Ханс Јост (Hanns Johst: „Кога и да го чујам зборот ‘култура’ посегнувам по пиштолот“) до честата употреба на изразите од типот „дегенерирани интелектуалци“, „јајцеглави“, „истрошени снобови“ и „универзитетите се гнезда на црвените“. Официјалните фашистички интелектуалци биле главно ангажирани во напаѓање на модерната култура и либералната интелигенција под изговор дека ги предале традиционалните морални вредности. 4. Критичкиот дух прави разлики, а разликувањето е знак на модернизмот. Во модерната култура, научната заедница го промовира несогласувањето како начин да се подобри знаењето. За Ур-фашизмот, несогласувањето е предавство. 5. Покрај тоа, несогласувањето е знак на разнообразност. Ур-фашизмот расте и бара консензус преку искористување и влошување на природниот страв од различното. Првиот апел на фашистичките движења во развој е апелот против натрапниците. Така, Ур-фашизмот е по дефиниција расистички. 6. Ур-фашизмот се создава врз основа на индивидуални или општествени фрустрации. Затоа една од типичните особини на историскиот фашизам бил апел до фрустрираната средна класа, класа која обременета со економска криза или чувства на политичко понижување, преплашена од притисокот на пониските општествени групи. Во наше време, старите „пролетери“ стануваат ситни буржуји (а лумпен буржоазијата е во голема мерка исклучена од политичката сцена), па фашизмот на утрешнината ќе ја бара својата публика кај ова ново мнозинство. 7. На луѓето на кои се чувствуваат дека им е одземен јасен општествен идентитет, Ур-фашизмот им вели дека нивната единствена привилегија е онаа најзаедничката, што се родени во иста земја. Ова е почеток на национализмот. Покрај тоа, единствените кои можат да обезбедат идентитет на нацијата се нејзините непријатели. Затоа во коренот на Ур-фашистичката психологија е обсесијата со заговор, по можност меѓународен. Следбениците мора да се чувствуваат како под опсада. Најлесен начин за справување со заговорот е да се апелира на ксенофобијата. Но, заговорот исто така мора да доаѓа и од внатре. Евреите се обично најдобра цел бидејќи тие ја имаат предноста истовремено да се и од внатре и од надвор. Во САД, пример за ваква опсесија со заговор може да се најде во Новиот светски поредок на Пат Робертсон (Pat Robertson, New World Order), но, како што видовме неодамна, има и многу други. 8. Следбениците мора да се чувствуваат понижени од огромното богатство и сила на нивните непријатели. Кога бев дете ме учеа дека Англичаните се луѓе кои јадат пет оброци на ден. Тие јадеа многу почесто од сиромашните, но трезвени Италијани. Евреите се богати и си помагаат едни на други низ тајна мрежа за меѓусебна помош. Од друга страна, следбениците на Ур-фашизмот мора исто така да бидат убедени дека можат да ги победат нивните непријатели. Така, преку континуирано поместување на реторичкиот фокус, непријателите се представени истовремено како премногу силни и премногу слаби. Фашистичките влади се осудени да ги губат војните бидејќи тие по конституција се неспособни објективно да ја проценат силата на непријателот. 9. За Ур-фашизмот не постои борба за живот, туку, животот се живее како борба. Затоа, пацифизмот е соработка со непријателот. Тој е лош бидејќи животот е постојано војување. Ова, од друга страна, го носи комплексот на Армагедон. Поради тоа што непријателите треба да бидат поразени, мора да постои и една крајна битка, после која движењето ќе ја преземе контролата на светот. Но таквото „крајно решение“ имплицира ера на понатамошен мир („златно доба“), која е контрадикторна на принципот на постојана војна. Не постои фашистички водач кој го решил овој парадокс. 10. Елитизмот е типичен аспект на сите реакционерни идеологии, во тоа што во основа е аристократски, а аристократскиот и милитаристичкиот елитизам сурово имплицира презир кон слабите. Ур-фашизмот може да застапува само популистички елитизам. Секој граѓанин припаѓа на најдобриот народ на светот, членовите на партијата се најдобри меѓу граѓаните, секој граѓанин може (и треба) да стане член на партијата. Но, не може да има патриции без плебејци. Всушност, Водачот, знаејќи тека неговата моќ не е делегирана по демократски пат, туку освоена со пат на сила, исто така знае дека неговата сила се базира на слабоста на масите: тие се толку слаби што им треба и заслужуваат владетел. 11. Во таква перспектива, секој е образуван да стане херој. Во сите митологии, херојот е исклучително суштество, но во Ур-фашистичката идеологија хероизмот е норма. Овој култ на хероизмот е тесно поврзан со култот на смртта. Не случајно мотото на шпанските фалангисти било Viva la Muerte („Да живее смртта!“). Во нефашистичките општества, на лаичката публика и’ се вели дека смртта е непријатна, но мора да се пречека достоинствено. На верниците им се кажува дека тоа е болен начин да се достигне натприродна среќа. Спротивно на тоа, Ур-фашистичкиот херој копнее по херојска смрт, која е представена како најдобра награда за херојски живот. Ур-фашистичкиот херој е нестрплив да умре. Поради тоа негово нетрпение, тој почесто ги праќа другите луѓе во смрт. 12. Бидејќи и постојаната војна и хероизмот се тешки игри за играње, Ур-фашистот ја префрла својата сила на волја кон сексуалните работи. Ова е основата на мачизмот (кој со себе носи и презир кон жените и нетолеранција и осудување на нестандардните сексуални навики, од девственоста до хомосексуалноста). Бидејќи и сексот е тешка игра за играње, Ур-фашистичкиот херој ја игра преку оружја—правењето на тоа станува замена за вежбање на фалусот. 13. Ур-фашизмот се базира врз селективен популизам, или, со други зборови, квалитативен популизам. Во демократијата, граѓаните имаат индивидуални права, но граѓаните како целина имаат политичко влијание само во квантитативна смисла—се следат одлуките на мнозинството. За Ур-фашизмот, од друга страна, индивидуите како индивидуалци немаат права, а Народот се смета за квалитативен, монолитен ентитет кој ја искажува Заедничката волја. Бидејќи не постои големо множество на човечки суштества во кое сите би мислеле исто и имале заедничка волја, Водачот се представува како нивни преведувач. Граѓаните не делуваат, бидејќи ја изгубиле моќта да делегираат. Граѓаните се само повикани да ја играат улогата на Народот. Така, Народот е само театрална фикција. Во иднината ќе се јави ТВ или Интернет популизам, во кој емоционалниот одговор на одбрана група на граѓани ќе биде презентиран и прифатен како Глас на Народот. Поради квалитативниот популизам, Ур-фашизмот мора да биде против „расипаните“ парламентарни влади. Кога некој политичар ќе фрли сомнеж на легитимитетот на парламентот бидејќи тој веќе не го представува Гласот на Народот, може да намирисаме Ур-фашизам. 14. Ур-фашизмот зборува Новоговор. Терминот новоговор бил измислен од Џорџ Орвел, во делото 1984, како официјален јазик на она што тој го нарекување Ангсоц, Англиски Социјализам. Ваквите елементи на Ур-фашизмот се најдуваат и во другите форми на диктатура. Сите нацистички или фашистички учебници користеле осиромашен речник со елементарна синтакса, со цел да го ограничат инструментот за комплексно и критичко резонирање. Истовремено мора да научиме да ги идентификуваме другите форми на Новоговор, дури кога тие ја имаат навидум невината форма на популарна ТВ емисија. Ур-фашизмот е сеуште околу нас, понекогаш облечен во цивилна облека. За нас би било многу полесно кога на светската сцена би се појавил некој кој би рекол „Јас сакам повторно да го отворам Аушвиц, сакам Црнокошуљашите повторно да парадираат по плоштадите на Италија“. Животот не е така едноставен. Ур-фашизмот може да се врати под најневина маска. Наша должност е да го разоткриеме и со прст да ја посочиме секоја нова инкарнација—секој ден, во секој дел на светот. Вреди да се подсетиме на зборовите на Френклин Рузвелт, изговорени на 4 ноември 1938: „Ако Американската демократија престане да се движи нанапред како жива сила, барајќи деноноќно, преку мирни средства, начини за подобрување на животот на нашите граѓани, фашизмот во нашата земја ќе добие сила.“ Слободата и ослободувањето се задача што не завршува. ------------------------------------- Превод на написот на Umberto Eco, Eternal Fascism, објавен во Utne Reader, November-December 1995, страна 57-59. |
|||
Лорд и Лорд | Умберго Еко е водач на cепаратиcтичка политичка група, cеверот од Италија cака да го оддели ид југор кој е многу cиромав... | |||
TimeHacker | aman ni jugot ne e bash siromav |